Која е Марија Јанкулоска Господов и кажи ни нешто повеќе за себе?
Јас сум Марија, имам 29 години и по професија сум професор по англиски јазик. За себе би рекла дека сум креативна личност која секогаш сака да најде нешто интересно и инспиративно со што ќе го исполни своето слободно време.

Од каде дојде идејата да почнеш да изработуваш свеќи и како започна ова хоби?
Идејата за свеќи не ми е нова. Всушност, таа ми е добро позната уште од дома – моите родители веќе повеќе од 20 години имаат семеен бизнис со свеќи. Од нив, а особено од мајка ми Јулијана, научив многу за материјалите и техниката на изработка. Таа беше и сè уште е мојот најголем учител и поддршка.
Освен нив, голема улога во мојата приказна има и мојата свекрва Сузана, која е професионалец за изработката на садовите за свеќите. Секој сад е рачно изработен и уникатен, создаден со многу љубов и внимание.Исто така, секогаш можам да се потпрам на Ана Марија, која е тука за да даде идеи користејќи го својот изострен осет за естетика и детали. сметам дека сме Dream Team.
Морам да спомнам и дека отсекогаш сум била голем љубител на декоративни свеќи. Никогаш не можев да одолеам – секогаш кога ќе видам свеќа што ми се допаѓа, мора да ја купам. Таа љубов со тек на време се претвори во желба и самата да создадам нешто уникатно.

Се сеќаваш ли на твојата прва свеќа? Каква беше и кој мирис го имаше?
Мојата прва свеќа сè уште стои во дневната соба. Ја направив за себе, како пробна. Садот е рачна изработка, а самата свеќа ја украсив со розеви, бели и лилјакови цветови. Мирисот што го одбрав беше лаванда – мојот омилен, кој ми носи мир и спокој.
Процесот на правење на свеќите за мене е вистински момент на смирување. Кога работам, се наоѓам во својот свет, целосно фокусирана на деталите и креативноста, како да бегам од секојдневието.
Колку се достапни материјалите за изработка на свеќи во Македонија?
За среќа, во Македонија денес материјалите за изработка на свеќи се достапни и разновидни. Посебно ме радува што може да се најдат природни и растителни восоци – токму тие се основата на моите производи.

Од каде црпиш инспирација за различни облици и дизајни на свеќи и кои модели се најбарани?
Инспирацијата најчесто ми доаѓа од самите купувачи и нивните желби. Многупати сум имала нарачки со комбинации на бои што првично не би ги споила, а на крај резултатот бил прекрасно изненадување. Секоја свеќа е приказна за себе, со своја енергија и емоција.
Исто така, секогаш сум тука да им помогнам на купувачите при изборот, особено кога се двоумат околу боите или мирисите.
По што се разликуваат твоите свеќи од другите на пазарот?
Моите свеќи се целосно рачна изработка – почнувајќи од садот, па сè до самата свеќа и малите декоративни детали. Користам природен восок и етерични масла кои имаат ароматерапевтски ефект и создаваат пријатна, смирувачка атмосфера. А се разбира се и одличен украс за во соба и уникатен подарок.

Каков совет би им дала на оние кои сакаат да започнат свој мал бизнис?
Мој совет до сите што сакаат да започнат свој мал бизнис е: не плашете се да почнете. Нема совршен момент – најважно е да се направи првиот чекор. Со мали чекори се стигнува до големи цели.
LuxBowlCandles е мал, но значаен семеен бизнис каде што секоја свеќа ја создаваме со љубов, креативност и чувство за детали.
