Промовирани огласи »

Од хоби до успешен бизнис: Како Стеве ја создаде својата слатка приказна „Цветен мафин“

Секој мафин крие инспирација – како „Цветен мафин“ го освои срцето на љубителите на слатки

Која е Стеве Нешкоска? Кажи ни нешто повеќе за тебе и како започна твојата приказна со „Цветен мафин“.

Јас сум Стеве од Прилеп, мајка на две прекрасни девојки кои се мојата најголема инспирација и причина за сè што правам. Од мала бев вљубена во уметноста – сакав да цртам, да сликам, да создавам. Со тек на времето, тој креативен дух остана во мене, иако животот ме однесе по сосема други патишта. Сè додека не станав мајка – тогаш повторно ја открив својата љубов кон уметноста, но на еден нов начин. Секогаш сакав на моите ќерки да им направам нешто посебно за нивните родендени, нешто што ќе ги изненади и усреќи. Така за еден роденден направив едни обични мафини, украсени со розев крем и мали декорации. Не беа совршени, но радоста што ја видов во нивните очи и восхитот на гостите ме натера да сфатам дека тоа е нешто повеќе од десерт. Тоа беше мојот прв „Цветен мафин“. И од тој момент приказната почна да расте – од домашна кујна, полна со љубов, до мал бизнис што денес носи радост на многу луѓе.

Кој беше првиот десерт што го направивте и уште го паметите – и зошто токму тој?

Десерти изработувам уште од дете, па заради тоа не памтам конкретно кој десерт бил, но сигурно биле некои ситни колачиња кои сум ги правела за мојот именден. Секогаш ме исполнувал тој завршен креативен дел – моментот кога ќе го видиш готовото дело и ќе почувствуваш гордост што си создавал со свои раце. Од тогаш па наваму, секогаш сум се трудела да направам нешто ново и уникатно – десерт кој не само што ќе биде убав на изглед, туку и вистински вкусен. Токму таа детска радост од експериментирање и игра со бои, облици и вкусови остана со мене и денес, и е дел од секој „Цветен мафин“ што го создадам.

Како изгледа процесот од идеја до финален производ – дали прво го замислувате изгледот или вкусот?

Кај мене сè започнува со слика во мојата глава. Понекогаш тоа е одредена боја, цвет, чувство, а понекогаш е инспирација од некој настан или празник. Најчесто прво го замислувам изгледот – како ќе изгледа на маса, како ќе се вклопи во атмосферата, какво чувство ќе предизвика. Потоа размислувам за вкусот – сакам да биде совршена хармонија помеѓу визуелното и гастрономското. Сметам дека не е доволно нешто само да изгледа прекрасно, туку мора и вкусот да ја одразува истата посветеност и креативност. Така, секоја креација за мене е мал процес на уметност – од првата идеја, преку изборот на состојки и комбинации, па сè до финалниот цвет.

Како реагираат вашите деца кога ќе пробаат нов рецепт – дали се најискрените дегустатори?

Моите деца се моите најискрени и најдраги дегустатори. Децата никогаш не знаат да глумат – тие или ќе се воодушеват или веднаш ќе кажат дека нешто не им се допаѓа. Тоа ми е најголемата гаранција дека сум на добар пат. Секогаш кога ќе подготвам нешто ново, тие први седнуваат на масата со нетрпение. Ако им се допадне, веднаш ќе побараат уште, ќе ми кажат „мамо, ова е најубавото до сега“. А ако не им се допаѓа, ќе ми дадат најискрена забелешка – без заобиколување. Тоа за мене е најголемата мотивација, затоа што знам дека ако ги задоволам нивните детски вкусови, тогаш и возрасните ќе бидат задоволни. Плус, тоа се моменти што остануваат, нашите дегустации се претвораат во мали семејни ритуали полни со смеа и љубов.

Кој е најголемиот предизвик со кој се соочивте во почетокот (материјали, клиенти, логистика) и како го надминавте?

За мене, најголем предизвик воопшто беше самата одлука да започнам со изработка. Во тој дел многу ми помогна сестра ми, бидејќи таа уште пред да почнам веруваше во мене и во мојот талент, и ме охрабруваше да го направам првиот чекор. Почетоците беа вистински предизвик – немав искуство со набавка на професионални материјали, па често се снаоѓав со она што можев да го најдам кај нас. Понекогаш тоа значеше и да импровизирам со алатки или да барам алтернативи. Во исто време, требаше да стекнам доверба кај луѓето – кога си нов, не е секој спремен веднаш да ти довери важен настан како роденден или свадба. Тука многу ми помогнаа мојата посветеност и трпение – секогаш се трудам да одам чекор по чекор, но со многу љубов. Со тек на време, клиентите почнаа да ме препознаваат по уникатниот стил. Тоа беше пат исполнет со многу работа и ноќи без сон, но секоја насмевка од клиент ми беше потврда дека вреди.

Какви планови или визии имате за раст — мислите ли за нови вкусови, производи, или проширување во други градови?

Секогаш велам дека „Цветен мафин“ за мене не е само бизнис – тоа е простор за мојата креативност. Имам многу идеи за нови вкусови и комбинации – инспирирани од сезоните, од природата, па дури и од моментални расположенија. Сакам да правам колекции кои ќе имаат приказна. Во иднина (се надевам блиска) сакам да отворам мало креативно студио – место каде луѓето ќе можат не само да купат, туку и да доживеат едно мало искуство, да седнат, да дегустираат и да се чувствуваат како дел од таа уметничка приказна. Ако еден ден се прошириме и во повеќе градови, тоа ќе биде исполнување на еден голем сон.

Кога би можеле да му дадете совет на некој што штотуку започнува свој мал бизнис – што би било тоа?

Мојот најискрен совет е: започнете што поскоро и не се двоумете предолго – јас долго размислував пред да се одлучам, а денес сфаќам дека најважно е да се направи првиот чекор. Бидете трпеливи и не се откажувајте на првата пречка. Кога ќе започнете нешто свое, секогаш ќе има тешки моменти – ќе има денови кога ќе мислите дека е невозможно, кога ќе се прашувате дали вреди. Но ако вашата идеја доаѓа од срце и ако навистина верувате во неа, тогаш вреди повеќе од сè. Луѓето секогаш ја препознаваат автентичноста – кога работите со љубов, кога секое парче го правите како да е за најблиските. И уште нешто: не се споредувајте со другите. Секој има свој пат, своја приказна, свои падови и успеси. Важно е да уживате во процесот и да ја гледате секоја пречка како лекција. Со време, ќе видите дека токму тие лекции ве прават посилни и поподготвени за големи нешта.

Промовирани огласи »

Од недела EES на границите на ЕУ: побрзо патување или подолго чекање?

За полесно прилагодување на новите правила, европската агенција Frontex разви мобилна апликација наречена „Патување во Европа“

Од оваа недела Европската унија го воведува новиот систем за контрола на границите – EES (Entry/Exit System), кој целосно го заменува досегашното печатење на пасошите. Системот ќе важи за сите патници од земји кои не се членки на ЕУ, а при првото влегување во Шенген зоната тие ќе треба електронски да остават биометриски податоци – отпечатоци од четири прста и фотографија. Овие податоци ќе се чуваат во европска база, што ќе овозможи побрзо и поедноставно влегување при следните патувања.

За полесно прилагодување на новите правила, европската агенција Frontex разви мобилна апликација наречена „Патување во Европа“, преку која патниците ќе можат однапред да ги внесат своите информации и така да го скратат времето на чекање на граница. Сепак, се очекуваат можни застои во првите месеци поради адаптацијата на системот, а времето за контрола би можело да се зголеми за неколку минути по патник.

Новата контрола ќе се применува во 29 европски земји, меѓу кои и Швајцарија, Норвешка, Лихтенштајн и Исланд, додека Велика Британија, Кипар и Ирска засега нема да бидат дел од системот. Воведувањето на EES има за цел зголемување на безбедноста, спречување злоупотреби со визи и олеснување на патувањето за редовните посетители. Се очекува системот целосно да профункционира до април следната година.

Тагови: EEC ЕУ патување

Промовирани огласи »

Совети за нега на кожа и коса во ладниот период – зачувајте ја хидратацијата и сјајот

Со доаѓањето на ладниот период, кожата и косата се соочуваат со нови предизвици

Со доаѓањето на ладниот период, кожата и косата се соочуваат со нови предизвици – сув воздух, ветер и ниски температури кои ја нарушуваат нивната природна хидратација. Во овој период, кожата станува почувствителна, склона кон црвенило и лупење, а косата изгледа безживотно и сува. Затоа, грижата за нив треба да биде поинтензивна и адаптирана на сезоната.

Најважно е да се задржи хидратацијата. Избегнувајте агресивни сапуни и гелови за лице или тело и заменете ги со поблаги формули што ја задржуваат природната влажност на кожата. Користете погусти креми и масла, особено навечер, кога кожата се регенерира. За косата, користете хранливи маски еднаш до двапати неделно и избегнувајте често миење со жешка вода која ја суши скалпата.

Не заборавајте дека грижата не завршува со козметиката – исхраната и внесот на вода се клучни. Консумирајте намирници богати со омега-3 масни киселини, витамини А и Е, и пијте доволно течности за да го одржите сјајот на кожата и косата одвнатре. Со правилна рутина, малку внимание и вистински производи, можете да ја задржите свежината и здравиот изглед и во најстудените месеци.

Тагови: здравје нега за кожа коса зима

Промовирани огласи »

Pepco влегува на македонскиот пазар со прва продавница во Скопје во 2026 година

Pepco веќе има повеќе од 4.000 продавници во 18 земји, а секој месец ги посетуваат над 30 милиони купувачи

Европскиот дисконтен синџир Pepco најави дека своите први продавници во Македонија ќе ги отвори во средината на 2026 година, започнувајќи со локации во Скопје. Со ова, земјава ќе стане 19-та европска држава во која брендот е присутен. Како што изјави извршниот директор за Централна и Источна Европа, Марчин Станко, Македонија одамна била дел од нивните проширителни планови, а по успешното работење во регионот, компанијата е подготвена да го направи следниот чекор.

Pepco веќе има повеќе од 4.000 продавници во 18 земји, а секој месец ги посетуваат над 30 милиони купувачи. Компанијата е позната по својата комбинација на модерен дизајн, пристапни цени и широка понуда, која опфаќа детска и женска облека, производи за домаќинство, декорација и кујнски артикли

Новите продавници во Македонија ќе бидат со просечна површина од околу 500 квадратни метри и ќе се наоѓаат во трговски центри,паркови и на главни улици. Отворањето на Pepco ќе донесе и нови можности за вработување, особено за лица со искуство во малопродажбата кои сакаат да станат дел од меѓународен бренд со високи стандарди и динамична работна средина.

Тагови: продавници продажба Pepco

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »