Промовирани огласи »

ПОЧНУВА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА: Еве што треба да направите за да се подготвите

На веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија сè до 15 октомври

Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Согласно регулативата, грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи.

На веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија сè до 15 октомври. Овие информации ќе бидат објавувани согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ и врз основа на прогнозите за средна дневна температура на воздухот во Скопје од Управата за хидрометеоролошки работи.

-Навременото снабдување со топлинска енергија е клучно за комфорот на нашите потрошувачи. Затоа апелираме да се следат препораките и да се соработува со службените лица за да се обезбеди сигурно функционирање на системот. Ги повикуваме сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи редовното одржување е нивна обврска. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, со што ќе се овозможи непречено снабдување со топлина. Исто така, важно е заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација, се наведува во соопштението од АД ЕСМ.

Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на линкот „Затворени објекти - ЕСМ Снабдување“. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100. 

Тагови: ЕСМ парно греење

Промовирани огласи »

Големите разлики во цените ги откриваат енергетските слабости на Европа: Кој плаќа најскапа, а кој најевтина електрична енергија во ЕУ?

Цените на електричната енергија во Европа остануваат нестабилни и се очекува да продолжат да бидат така до крајот на 2025 година

Цените на електричната енергија во Европската Унија продолжуваат значително да варираат меѓу земјите-членки, а според најновите податоци, Италија бележи највисоки трошоци за потрошувачите, додека Унгарија останува најприфатлива.

Цените на електричната енергија во Европа остануваат нестабилни и се очекува да продолжат да бидат така до крајот на 2025 година.

Меѓу земјите-членки на Европската Унија, Италија има највисоки цени на електричната енергија, додека Унгарија е водечка земја со најприфатливи сметки за домаќинства.

Во септември 2025 година, цената на електричната енергија во Италија изнесуваше 109,47 евра за мегават-час, што е меѓу највисоките тарифи во ЕУ.

Клучните фактори што придонесуваат за толку високите цени вклучуваат премин кон обновливи извори на енергија, геополитички тензии што влијаат на синџирите на снабдување и зависноста од увезениот гас.

Цената на природниот гас, клучна суровина за производство на електрична енергија, продолжува да има големо влијание врз вкупните трошоци.

Холандските TTF фјучерси, репер за цените на гасот во ЕУ, изнесуваа 33,62 евра за мегават-час во јули 2025 година. Намаленото производство на гасното поле Гронинген во Холандија е дополнителен предизвик, што дополнително ја зголемува зависноста од увоз.

Иако цените на електричната енергија остануваат високи во повеќето земји од ЕУ, постојат значителни разлики меѓу земјите.

Земјите со постабилно домашно производство, како што се Унгарија, Бугарија и Малта, успеваат да одржат значително пониски цени за крајните потрошувачи.

Податоците на Евростат за втората половина од 2024 година го покажуваат следново:

Највисоки цени: Германија (0,3943 евра/kWh), Данска (0,3763), Ирска (0,3699), Белгија (0,3313)

Најниски цени: Унгарија (0,1032 евра/kWh), Бугарија (0,1217), Малта (0,1301)

Просечната цена на електричната енергија во ЕУ изнесуваше 0,2872 евра за киловат-час, што е намалување од 2,2% во однос на рекордното високо ниво од 0,2937 евра/kWh во првата половина од 2023 година.

Сепак, цените остануваат високи во споредба со претходните децении.

Во Германија, цената на електричната енергија во септември 2025 година изнесуваше 75,22 евра/MWh, што укажува дека пазарот сè уште не е целосно закрепнат од енергетската криза предизвикана од пандемијата, војната во Украина и климатските фактори како што се намалените нивоа на водата и послабите ветрови.

Тагови: Европа ЕСМ сметки за струја

Промовирани огласи »

Работата или средината – кој е главниот виновник за вашиот стрес?

Од рокови до токсична средина – што навистина ве става под стрес?

Работата и стресот одамна се „познати партнери“. Но, кога ќе се запрашаме од каде всушност доаѓа тој притисок – од самата работа или од средината во која ја извршуваме – одговорот ретко е едноставен.

Работата како извор на стрес

Некои работни позиции по својата природа се предизвикувачки. Кратки рокови, голема одговорност, работа со клиенти или со луѓе во криза – сите овие фактори носат неизбежно ниво на стрес. Дополнително, ако задачите постојано се надвор од вашите ресурси или капацитет, се појавува чувство на прегорување и немоќ.

Средината како клучен фактор

Дури и кога работата сама по себе не е „тешка“, средината може да биде тој што ја влошува ситуацијата. Токсична атмосфера, неконструктивна комуникација, недоволна поддршка од колегите или менаџерите – сето тоа создава дополнителен товар. Често луѓето не го напуштаат самото работно место, туку токму средината и начинот на кој се чувствуваат во неа.

Каде е вистината?

Реалноста е дека и двата аспекта играат улога. Работата може да биде предизвикувачка, но ако постои здрава, поддржувачка средина, стресот се намалува и станува полесно управлив. Од друга страна, дури и „совршената“ работа станува неподнослива ако секој ден се соочувате со негативност или хаос во тимот.

Вистинскиот предизвик не е само да се пронајде работа што одговара на вашите вештини и интереси, туку и средина која ќе ве поттикнува, ќе ве поддржува и ќе ви дозволи да растете. Стресот не може целосно да се избегне, но правилната комбинација на работа и средина може да направи голема разлика во тоа како ќе го доживеете.

Прочитајте и за: Како да ја препознаете вистинската понуда за работа за вас?

Тагови: HR совети за работа стрес на работно место

Промовирани огласи »

Ангела Николовска: Од психологија и угостителство до бизнис успех во Катар

Три банкрота не ја сопреа – приказната на Ангела Николовска која ги освојува странските пазари

Која е Ангела Николовска, кажи ни нешто повеќе за себе?

Јас сум дипломиран психолог, но никогаш не ја работев психологијата професионално. По стапките на татко ми, влегов во угостителството и таму останав цели 15 години. Тоа ми даде дисциплина, издржливост и чувство за работа со луѓе. Но во еден момент, сфатив дека не сакам повеќе да работам за други газди. Сакав да имам нешто мое, да бидам независна. Последниве десет години сум во трговијата со храна, а од 2013 година живеам во Катар, место каде што конечно најдов мир и средина која ме поттикна да растам како човек и како претприемач.

Како изгледа твојата приказна – што те поттикна да ја основаш Импера Консалтинг и да се впуштиш во претприемништво?

Во 2016 година, заедно со моја партнерка од Катар, ја отворивме првата фирма за дистрибуција на храна. "Jarra Food and Beverage".
Увезувавме околу 280 македонски производи кои можеа да се најдат речиси во сите маркети низ Катар. За мене тоа беше огромен успех, да влезеш на еден толку специфичен пазар и да донесеш производи од Македонија, мојата земја.
Потоа дојде ковид кризата. Поради доцнење на наплати заглавивме финансиски и тоа беше тежок удар. Моравме да најдеме нов пат, тогаш ја основавме „Импера Консалтинг“ во Македонија и се пренасочивме кон секторот за увоз. Во суштина, ги искористивме старите договори, но во нова насока и нова енергија.
Понекогаш се прашувам дали згрешив, ама кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека токму тие одлуки ме доведоа до оваа точка.

Кои беа најголемите предизвици кога започна да работиш со странски пазари и доколку имаш такво искуство, како успеа да ги надминеш?

Предизвици има секогаш, тоа е дел од играта. Во бизнисот никогаш не е сè подмачкано: едниот ден ќе доцни испораката и клиентот ќе прави драма, другиот ден ќе заглавиш на царина за еден документ, третиот ден ќе платиш пенали. Катар е многу специфичен пазар.
Кога почнував мислев дека сум подготвена и дека знам сè. Брзо сфатив дека тоа не е така. Тоа лажно чувство на сигурност ме удри од земја.
Имав три банкрота, но тоа ме научи дека не е срамота да паднеш, срамота е да не станеш. Јас не се откажав. Секој пад ми донесе ново знаење, повеќе мудрост и поцврст карактер. Денес верувам дека сум на правиот пат, конечно.

Кога го креиравте брендот МАКО за катарскиот пазар, кои специфики на пазарот или очекувања најмногу те изненадија?

Брендот МАКО не го измисливме од нула, претходно веќе увезувавме масло за други клиенти. Кога склучивме договор со неколку маркети кои рекоа дека за нив брендот не е клучен, си рековме: „А зошто да не креираме наш?“ Така се роди МАКО. Имаме јасна идеја за неговата промоција и развој. Тоа не е само производ, туку приказна која ја раскажуваме на купувачите.

Колку е тешко да се најде доверлив локален партнер или снабдувач кога сакаш да одржиш висок квалитет?

Искрено, премногу тешко. Особено затоа што многумина бараат авансни плаќања а тоа е ризик што не смееш лесно да го преземеш. За среќа, ние досега никогаш не сме се излажале да платиме на непроверен продавач. Но знам многумина кои ја направиле таа грешка и изгубиле многу. Јас имав доволно „школо“ со локални грешки за да не си дозволам такво нешто и на меѓународно ниво.
Што се однесува до партнерите, имаме многу, повеќето се маркети со кои работиме директно. Проблемот е начинот на плаќање, но гледаме да најдеме компромис. Затоа почнуваме со помали количини, ама сигурни. Со тек на време ќе расте и тоа.

Во процесот на градење бренд, што за тебе е поважно – пакувањето или самата приказна што стои зад производот?

За мене, секогаш приказната. Пакувањето е важно, но приказната е она што го прави производот жив. Таа му дава душа, таа продава. Производ без приказна е празен.

Дали некогаш си размислувала да се откажеш и што те држи мотивирано да продолжиш понатаму?

Да, и тоа повеќе пати. Особено во најтешките моменти кога бев тотално банкрот, кога луѓе ми должат, а јас пак должам на други. Тоа беше огормен товар за мене кој најчесто сама го носев а со тоа дојде и анксиозноста и депресијата. Се чувствував заглавено, без излез.
Но морав да станам, долговите мора да бидат на нула, се надевам многу скоро. Три пати почнував од почеток и тоа го правев за да си го обелам образот. Јас не сакам да останам должна, тоа е мојата најголема мотивација. Денес за мене нема друга опција освен успех. Секако, ме движи и едно внатрешно чувство дека мојата задача е да помагам, некогаш финансиски, некогаш само со збор, совет или сослушување. Тоа е мојата најголема инспирација.

Кој е следниот голем чекор за Импера Консалтинг – проширување на производи, нови пазари или нешто сосема ново?

Јас секогаш размислувам големо, малку „мегаломански“ како што вели мојата партнерка. Но верувам дека мора да се сонува големо за да успееш.
Во план е повторно враќање на дел од македонските производи на катарскиот пазар, барем 200 различни артикли. Паралелно развиваме онлајн платформа за интернационална трговија со храна „Food Around“. Имаме и проект „Work Around“, преку кој обезбедуваме работници од Азија и Африка за европските пазари, иако моментално не е во полн капацитет. А најновото е „Infinitas Innovare“, проект за ИТ, дизајн и маркетинг, кој обединува фриленсери под еден чадор и им нуди на балканските компании подобар квалитет по попристапни цени.
Сите овие иницијативи се под „Импера Консалтинг“. За некого можеби изгледа многу, за мене тоа е само почеток.

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »