Која е Ангела Николовска, кажи ни нешто повеќе за себе?
Јас сум дипломиран психолог, но никогаш не ја работев психологијата професионално. По стапките на татко ми, влегов во угостителството и таму останав цели 15 години. Тоа ми даде дисциплина, издржливост и чувство за работа со луѓе. Но во еден момент, сфатив дека не сакам повеќе да работам за други газди. Сакав да имам нешто мое, да бидам независна. Последниве десет години сум во трговијата со храна, а од 2013 година живеам во Катар, место каде што конечно најдов мир и средина која ме поттикна да растам како човек и како претприемач.

Како изгледа твојата приказна – што те поттикна да ја основаш Импера Консалтинг и да се впуштиш во претприемништво?
Во 2016 година, заедно со моја партнерка од Катар, ја отворивме првата фирма за дистрибуција на храна. "Jarra Food and Beverage".
Увезувавме околу 280 македонски производи кои можеа да се најдат речиси во сите маркети низ Катар. За мене тоа беше огромен успех, да влезеш на еден толку специфичен пазар и да донесеш производи од Македонија, мојата земја.
Потоа дојде ковид кризата. Поради доцнење на наплати заглавивме финансиски и тоа беше тежок удар. Моравме да најдеме нов пат, тогаш ја основавме „Импера Консалтинг“ во Македонија и се пренасочивме кон секторот за увоз. Во суштина, ги искористивме старите договори, но во нова насока и нова енергија.
Понекогаш се прашувам дали згрешив, ама кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека токму тие одлуки ме доведоа до оваа точка.

Кои беа најголемите предизвици кога започна да работиш со странски пазари и доколку имаш такво искуство, како успеа да ги надминеш?
Предизвици има секогаш, тоа е дел од играта. Во бизнисот никогаш не е сè подмачкано: едниот ден ќе доцни испораката и клиентот ќе прави драма, другиот ден ќе заглавиш на царина за еден документ, третиот ден ќе платиш пенали. Катар е многу специфичен пазар.
Кога почнував мислев дека сум подготвена и дека знам сè. Брзо сфатив дека тоа не е така. Тоа лажно чувство на сигурност ме удри од земја.
Имав три банкрота, но тоа ме научи дека не е срамота да паднеш, срамота е да не станеш. Јас не се откажав. Секој пад ми донесе ново знаење, повеќе мудрост и поцврст карактер. Денес верувам дека сум на правиот пат, конечно.
Кога го креиравте брендот МАКО за катарскиот пазар, кои специфики на пазарот или очекувања најмногу те изненадија?
Брендот МАКО не го измисливме од нула, претходно веќе увезувавме масло за други клиенти. Кога склучивме договор со неколку маркети кои рекоа дека за нив брендот не е клучен, си рековме: „А зошто да не креираме наш?“ Така се роди МАКО. Имаме јасна идеја за неговата промоција и развој. Тоа не е само производ, туку приказна која ја раскажуваме на купувачите.

Колку е тешко да се најде доверлив локален партнер или снабдувач кога сакаш да одржиш висок квалитет?
Искрено, премногу тешко. Особено затоа што многумина бараат авансни плаќања а тоа е ризик што не смееш лесно да го преземеш. За среќа, ние досега никогаш не сме се излажале да платиме на непроверен продавач. Но знам многумина кои ја направиле таа грешка и изгубиле многу. Јас имав доволно „школо“ со локални грешки за да не си дозволам такво нешто и на меѓународно ниво.
Што се однесува до партнерите, имаме многу, повеќето се маркети со кои работиме директно. Проблемот е начинот на плаќање, но гледаме да најдеме компромис. Затоа почнуваме со помали количини, ама сигурни. Со тек на време ќе расте и тоа.
Во процесот на градење бренд, што за тебе е поважно – пакувањето или самата приказна што стои зад производот?
За мене, секогаш приказната. Пакувањето е важно, но приказната е она што го прави производот жив. Таа му дава душа, таа продава. Производ без приказна е празен.
Дали некогаш си размислувала да се откажеш и што те држи мотивирано да продолжиш понатаму?
Да, и тоа повеќе пати. Особено во најтешките моменти кога бев тотално банкрот, кога луѓе ми должат, а јас пак должам на други. Тоа беше огормен товар за мене кој најчесто сама го носев а со тоа дојде и анксиозноста и депресијата. Се чувствував заглавено, без излез.
Но морав да станам, долговите мора да бидат на нула, се надевам многу скоро. Три пати почнував од почеток и тоа го правев за да си го обелам образот. Јас не сакам да останам должна, тоа е мојата најголема мотивација. Денес за мене нема друга опција освен успех. Секако, ме движи и едно внатрешно чувство дека мојата задача е да помагам, некогаш финансиски, некогаш само со збор, совет или сослушување. Тоа е мојата најголема инспирација.

Кој е следниот голем чекор за Импера Консалтинг – проширување на производи, нови пазари или нешто сосема ново?
Јас секогаш размислувам големо, малку „мегаломански“ како што вели мојата партнерка. Но верувам дека мора да се сонува големо за да успееш.
Во план е повторно враќање на дел од македонските производи на катарскиот пазар, барем 200 различни артикли. Паралелно развиваме онлајн платформа за интернационална трговија со храна „Food Around“. Имаме и проект „Work Around“, преку кој обезбедуваме работници од Азија и Африка за европските пазари, иако моментално не е во полн капацитет. А најновото е „Infinitas Innovare“, проект за ИТ, дизајн и маркетинг, кој обединува фриленсери под еден чадор и им нуди на балканските компании подобар квалитет по попристапни цени.
Сите овие иницијативи се под „Импера Консалтинг“. За некого можеби изгледа многу, за мене тоа е само почеток.