Цените на земјоделските производи во мај бележат значително годишно зголемување, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Цените на растителното производство се зголемени за 12,7%, додека кај добиточното производството порастот изнесува 7,6%.

Најголем скок е забележан кај зеленчукот, со раст од 22,8%, што значи дека граѓаните денес плаќаат речиси четвртина повеќе за основни производи како доматите, пиперките и краставиците. Овошјето е поскапено за 3,3%, а индустриските растенија – меѓу кои се вбројуваат тутунот и сончогледот – се поскапени за 12,6%. Значаен раст е забележан и кај виното, чии цени пораснале за 15,2%.
Житата и оризот остануваат со стабилни цени, без промени во споредба со минатата година. Единствено компирот бележи поевтинување, со пад од 9,4% во однос на истиот период лани.
Генерално, цените на земјоделските аутпути (финални производи) се зголемени за 11%, додека инпутите (трошоци) се зголемени само за 2,1% во споредба со мај 2024 година.
Кај трошоците, тековно потрошените средства во земјоделството се зголемени за 1,6%, а инвестициите бележат пораст од 7,6%. Особено се издвојуваат цените на ветеринарните услуги, кои за една година скокнале за 35%. Од друга страна, енергијата, горивата и мазивата поевтиниле за 7,7%, а цените на семињата се намалени за 0,75%. Минералните ѓубрива останале на исто ниво како и лани.
Тагови: Државен завод за статистика цени земјоделски производи