На интернет-страницата на Владата се објавени измените и дополнувањата на општиот дел од протоколот за начинот и условите за организација на настани, кој се однесува на редовното работење на кината, театрите, балетските претстави, оперските претстави, филмските проекции, концертите, мултимедиумските проекти, фестивалите и манифестациите од дејноста на културата.

Во согласност со протоколот и измените и дополнувањата, за време на одржувањето на овие настани задолжителни се носењето заштитна маска за сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, одржувањето физичка дистанца на публиката на настанот со обележани места за седење поставени на дистанца од 1,5 до 2 метра и не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката.
Задолжителното одржување физичка дистанца од два метра се однесува и на сите членови на тимовите задолжени за организација. Според препораките, ограничен е капацитетот на посетителите, и тоа: настаните на отворено да се организираат со 50 проценти од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број посетители, до максимум 1.000, а настаните на затворено да се организираат со 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број посетители, до максимум 1.000.
За сите други прашања, за организаторите и за публиката важат веќе утврдените препораки во протоколот за начинот и условите за организација на настани.
Со овој протокол и со измените и дополнувањата не се опфатени приватните веселби.
На интернет-страницата на Владата објавен е и протоколот за активности во градинките по укинување на вонредната состојба, вклучително и измените според кои е предвидено воспитните групи за деца до двегодишна возраст да имаат максимум по 12 деца (наместо досегашните 6) и двајца вработени во смена.