Кампањата на Nike со Колин Каперник поради која некои Американци, главно поддржувачи на Доналд Трамп, започнаа да ги палат своите Nike патики се покажа за генијален потег.

За помалку од 24 часа откако Каперник ја започна кампањата на својот официјален Твитер профил, на Nike тоа му донесе медиумска покриеност вредна повеќе од 43 милиони долари. Поголемиот дел од тие медиуми биле неутрални или позитивни, покажува извештајот на Апекс Маркетинг Груп. Моментално севкупното известување за Nike на ТВ, радио, онлине платформи и на социјалните мрежи вреди повеќе од 163 милиони долари, пренесува CNBC.
Секако, тоа сосема го надмина почетниот ризик на губење клиенти поради ангажирањето на американскиот фудбалер кој пред две години предизвика бес кај американските десничари, бидејќи за време на изведувањето на химната клечел.
Боб Дорфман за Блумберг изјави дека и овој потег на Nike покажува дека е компанија која е подготвена да преземе ризик, но на паметен начин. "Тоа е чекор кој секоја компанија може да го направи, но за Nike тоа беше многу паметна бизнис зделка", додава тој.
Инаку, кога Каперник го запрашале зошто клечи за време на химната, рекол дека станува збор за протест поради убиства на црнци од страна на полициски службеници. Фудбалерот го практиткуваше тоа во текот на цела сезона.
Новата рекламна кампања на Nike прикажува фотографија од Каперник со слоганот:
"Верувај во нешто. Дури и ако тоа значи жртвување на сè".