Промовирани огласи »

Што мислат наставниците за новиот Закон за основно образование?

Голем број наставници се фокусираа и се оптоварија со формата, исполнувајќи низа административни задачи и не им остана енергија за исполнување на својата вистинска задача

Предлог- измените на Законот за основно образование добија позитивни оцени од сите наставници како и од пошироката јавност, бидејќи образованието ги засега сите граѓани,  секој сегмент од општеството. Особено радува тоа што овојпат, конечно, законодавецот, наставниците и родителите имаат заеднички став околу тоа како треба да изгледа и да функционира основното образование- вели за Фактор, професорката по македонски јазик, Жаклина Филипова- Свеќаровска. Таа беше член на работната група за измени која даде придонес кон градење на нов образовен систем кој треба да се заснова врз изработка на нови законски решенија,  во кои  учествуваа практичарите, учениците и сите засегнати страни.

Еден од проблемите кои со години  негативно влијаеше  на  образовниот процес се обемните административни  обврски за наставниот кадар. Според професорката треба да се намалат административните обврски, но, уште поважно е истите да не бидат клучен фактор за оценување на работата на наставниците.

“Едната страна од проблемот на административните обврски е нивниот обем. Премногу и непотребно се формализира работата на наставниците. Другата, суштинска страна на тој проблем е тоа што токму низ таа, честопати непотребна, форма, се оценува(ше) содржината, односно севкупното работење на наставникот. Со други зборови,  беше дозволено формата да ја проголта содржината. Голем број наставници се фокусираа и се оптоварија со формата, исполнувајќи низа административни задачи и не им остана енергија за исполнување на својата вистинска задача- да поучуваат. Одлично испланиран час на хартија не значи и одлично реализиран час”- потенцира професорката  Филипова- Свеќаровска.

Децата веќе нема да одат на училиште во сабота бидејќи новиот закон ќе предвиди наставата да се остварува во тек на 175 до 180 наставни дена, затоа што искуството покажало дека тие денови не се ефективни. Со предлог-законот се утврдува максималниот број на часови, а има најава и дека ќе се намали бројот на ученици во паралелката. Предлозите за измена на бројот на планирани работни денови со дозволена осцилација како и за бројот ученици и фондот на часови  како што вели  беа изнесени и од страна на работните групи на наставници- практичари кои учествуваа со  предлози за измена на Законите за основно и средно образование.

“Многу ми е драго што се прифатени.  Исто така,  драго ми е што бев дел од таа група, бидејќи не се сеќавам кога претходно на практичарите им била дадена можност да укажат каде, што и поради што не функционира и да изнесат предлози како истото да стане пофункционално.  Имено, големиот број деца во паралелка значително ја отежнува работата не само на наставникот, туку и на учениците поради тоа што има помалку време кое  наставникот би го посветил секому поединечно. Фондот на часови е  друг, не помал проблем.  Големиот број работни часови не дава повеќе знаење, напротив, создава одбивност кон училиштето кај учениците, пренапорно им е,  и да не зборуваме за деформитетите, проблемот со дебелина, депресија и другите последици предизвикани од предолго седење”- нагласува професорката Филипова- Свеќаровска.

Дополнително како практичари  вели се залагале  за формирање и стручни тимови од психолози, дефектолози  и социјални работници  кои со нивната работа ќе помогнат во унапредувањето на воспитно- образовниот процес. Инклузивноста овозможува пристап во училиштата за различни категории деца и секое од нив треба да добие соодветно внимание.

“Во некои случаи бараното внимание ги надминува компетенциите на наставникот. Тогаш е неопходно да се вклучат лица со соодветни компетенции за да му овозможат на детето да ги развие сите свои потенцијали”- смета професорката.

Последните години резултатите на тестирањата покажуваат слаби резултати и интерес кај учениците за наставата, за математика и природни науки. Грешките и слабостите  треба да се бараат  во системот и отсуството  од стандарди кои нема да бидат присутни на хартија, декларативно, туку ќе бидат дел од работата на училиштата. Само на тој начин објаснува професорката, учениците ќе излегуваат од училиштето со применливи знаења, оспособени за живот и работа во современо општество.

“Народната поговорка вели дека секое зло е за добро.  Во случајов, резултатите од ПИСА тестовите, кои беа шокантно лоши, придонесоа конечно да се вклучи алармот дека нешто е многу погрешно во начинот на кој се организира и изведува настава. Што е погрешно? Точниот одговор треба да подразбира низа студии и анализи. Но, воопштено, како наставник со повеќегодишно работно искуство и како родител можам да посочам неколку проблеми. Прво- наставните програми. Кога се изготвува наставна програма, мора да се има предвид дека децата треба да се образуваат за во иднина. Од друга страна, најголем дел од наставните програми не се променети со децении или се површно, без идеја што и поради што се вградува/отфрла во нив,  ревидирани.  Друг проблем се наставните средства и помагала. Има предмети за кои не постои учебник. За некои предмети има учебници кои се несоодветни. Во најголем број училишта таблата и кредата се единственото достапно средство на наставникот што е во огромен расчекор со современата технологија која децата секојдневно ја користат и на која што се навикнати. И, не смее да се премолчи или да се одмине влијанието на општеството”- додава професорката.

Иако не се регулираат  со закон туку со колективен договор, платите остануваат рак рана за секторот образование. Македонскиот наставник е најлошо платен наставник во регионот, со плата за дваесетина проценти пониска од просечната плата во државата.

“Во законот може и треба да биде вградена можност за кариерно напредување и соодветно вреднување на истото. Прашањето на платите и надоместоците се уредува со Колективен договор и истиот треба да се почитува. На кое дереџе е денеска наставникот? На дереџе да биде принуден целата своја креативност, време и енергија да ги вложи во преживување. На дереџе да не може да вложи во себе ни една книга, претстава, екскурзија. Оневозможен за личен развој и професионална надградба. Демантиран од хиперпродукција на кадри.  Потресен од секојдневните збогувања со своите најдобри ученици. Сепак, dum spiro spero. Со оглед на позитивниот сигнал  испратен преку најавените измени во Законот, се надевам дека и тоа прашање ќе стигне на дневен ред”- порачува професорката Жаклина Филипова- Свеќаровска.  

Предлог  измените покажаа дека наставниците  имаат доволно знаења и капацитет да бидат рамноправен партнер во она што се нарекува темелна реформа во основното и средното образование.

Извор - Фактор.мк

Промовирани огласи »

Поскапеа дел од цигарите во маркетите низ Македонија

Скоро секоја година, периодот март-април е препознатлив по тоа што започнуваат првите покачувања на цените на цигарите како подготовка за зголемувањето на акцизата која секоја година се случува на 1 јули

Поскапеа дел од цигарите во маркетите низ Македонија. Според информациите кои ги објави порталот Прес24, ако сакате да купите кутија Марлборо, ќе треба да платите 10 денари повеќе.

Скоро секоја година, периодот март-април е препознатлив по тоа што започнуваат првите покачувања на цените на цигарите како подготовка за зголемувањето на акцизата која секоја година се случува на 1 јули.

Законот за акцизи на цигарите и производите од тутун предвидува зголемување на цената на цигарите секоја година за најмалку 4 денари до 2023 година што би значело дека со вакво темпо, одредени брендови може да се продаваат и до 200 денари.

Тагови: цигари

Промовирани огласи »

Над 7.300 слободни работни места во Агенцијата за вработување

На јавниот портал на Агенцијата за вработување во моментов стојат отворени огласи преку кои македонските компании бараат работници за ангажирање во над 7.300 моментално слободни работни места

На јавниот портал на Агенцијата за вработување во моментов стојат отворени огласи преку кои македонските компании бараат работници за ангажирање во над 7.300 моментално слободни работни места.

Се бараат разни видови на профили на работници, со различен степен на образование, стручност, искуство и во разни стопански и нестопански дејности, од страна на компании кои се лоцирани во различни региони и општини во државата. Финансиски службеници, комерцијалисти, наставници, сметководители, но и возачи, келнери, шивачи, работници во производство, обезбедувачи се само дел од профилите на кадар за кој се објавени огласи од страна на македонските деловни и неделовни субјекти.

Сите овие огласи се јавни и видливи и секое заинтересирано лице може да ги види на веб страната на АВРМ – аврм.гов.мк што претставува исклучително корисна платформа преку која значително се овозможува доближување на понудата и побарувачката на работа.

На оваа веб страна постојано се ажурираат податоците и граѓаните преку неа може да се запознаат со сите слободни работни места за кои се распишани огласи од страна на компаниите за нивно пополнување и е добра можност за лицата кои се невработени или пак кои бараат работа детално да се запознаат со моменталната состојба на пазарот на труд и доколку ги исполнуваат предвидените услови да аплицираат на истите.

Промовирани огласи »

Два часа рекреација на Водно ќе ве чини 150 денари за паркинг

Сто денари за првиот час, а секој нареден час по 50 денари ќе чини паркирање во А0 зоната во Скопје

Два часа рекреација на Водно ќе ве чини 150 денари за паркинг. Ова предвидува вчерашната одлука на Советот на Град Скопје со која се воведува А0 зона за паркирање и која предвидува првиот час да чини сто денари, а секој нареден час по 50 денари.

Сто денари за првиот час, а секој нареден час по 50 денари ќе чини паркирање во А0 зоната во Скопје.

Ова е наведено во Одлуката за дополнување на Ценовникот на ЈП „Градски паркинг“, која на вчерашната седница ја донесе Советот на Град Скопје.

Одлуката е на предлог на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, а ќе стапи во сила веднаш по објавувањето.

ЈП „Градски паркинг“ досега немаше А0 зона за паркирање.

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »