Ева, за почеток, кажи ни нешто повеќе за себе. Како започна твојата професионална приказна и како стигна до позицијата генерален менаџер на waterdrop® Македонија?
Јас сум Ева, мајка на две деца, сопруга и човек кој речиси секогаш прави повеќе работи истовремено. Мултитаскингот ми е секојдневие, а идеи обично имам повеќе отколку време за нив.
Важен дел од моето професионално искуство е организацијата на настани во Дуна. Во таа работа навистина се пронајдов и постигнав резултати на кои сум горда. Најмногу уживав кога една идеја ќе оживееше и ќе видев дека трудот вложен во секој детаљ вредел. Научив да координирам многу работи истовремено и да најдам решение кога нешто нема да оди според планот.
Искуството со мојата онлајн продавница „Bundle of Joy“ ми даде уште еден поглед кон водењето бизнис. Знаењето од онлајн продажбата и организацијата денес го применувам во waterdrop® Македонија, каде што сум вклучена во речиси секој дел од работењето. Сакам да бидам присутна, да придонесувам со свои идеи и да гледам како тие даваат резултати.

Низ годините, голема поддршка ми е мојот сопруг, од кого научив многу за бизнисот и упорноста. Тој имаше клучна улога во доаѓањето на waterdrop® во Македонија, а јас го презедов секојдневното водење и развојот на брендот. Во тоа вложувам многу лична енергија и труд, па секој напредок го доживувам и како свој.
Како се случи твојата поврзаност со waterdrop®? Што беше она што те привлече кај брендот и те натера да препознаеш потенцијал за негов развој на македонскиот пазар?
Сосема неочекувано! Мојот сопруг многу го следи спортот, па waterdrop® го забележавме на еден натпревар на кој беше спонзор. Побаравме повеќе информации на интернет, ни се допадна идејата и почнавме да размислуваме како да го донесеме во Македонија.
А мене приказната ми стана лична од една многу едноставна причина: јас самата не пиев доволно вода. Со waterdrop® почнав да пијам повеќе. Затоа, кога некој ќе ми каже дека заборава да пие вода или нема таква навика, навистина го разбирам. И јас бев таму.
Тоа ми даде и поголема сигурност во она што го работам – можам да зборувам од сопствено искуство. Помислив дека, ако мене ми помогна да ја сменам таа навика, сигурно има и други луѓе на кои ќе им се допадне. Тука го препознав потенцијалот за нашиот пазар.
За оние кои првпат слушаат за waterdrop®, како функционира Microdrink коцката и што точно се случува кога ќе ја раствориме во вода?
Тоа е мала коцка без шеќер, со овошни и билни екстракти и витамини, која се раствора во вода и ѝ дава вкус. Ставате една коцка во 400–600 милилитри вода, чекате целосно да се раствори и пијалакот е подготвен. Ако сакате поинтензивен вкус, ставате помалку вода, а за поблаг вкус – повеќе, во наведениот опсег.
Практично е што коцката можете да ја понесете со себе и да го подготвите пијалакот кога ви одговара. Целата идеја е да ви биде полесно и попријатно да пиете вода во текот на денот.
За луѓето кои сè уште не го пробале waterdrop® и се скептични кон ваквиот концепт, кој производ или вкус би им го препорачала за почеток и зошто?
Прво би ги прашала какви вкусови сакаат. Некој сака овошно, друг нешто покиселкасто, па нема еден избор што ќе им се допадне на сите. За почеток би предложила познат вкус, како портокал, особено на некој што сака овошно освежување.

Но, најмногу би сакала да дојдат на нашиот киоск во Скопје City Mall и да пробаат. Сосема е во ред да бидат скептични. Една дегустација често кажува повеќе од долго објаснување, а најважно е самите да најдат нешто што им се допаѓа.
Колку е тешко да им претставиш на луѓето нешто ново и да ги убедиш да го променат она на што со години се навикнати?
Предизвик е, и мислам дека луѓето имаат причина да бидат внимателни. Преплавени сме со производи што се претставуваат како „здрави“, „природни“ или „без шеќер“, а тие зборови сами по себе не ја кажуваат целата приказна. Затоа разбирам кога некој ќе ја види нашата мала коцка и ќе праша: „Добро, што всушност има во ова?“
Токму тука ми е важно да одвоиме време за разговор. Кај waterdrop® зборуваме конкретно за составот – овошните и билните екстракти, витамините и фактот дека производот е без шеќер. Сакам луѓето да знаат што избираат и зошто тоа би им одговарало. За мене, вредноста е и во тоа што производот може да ги поттикне да пијат повеќе вода, како што се случи со мене.

Од сопственото искуство знам дека навиките не се менуваат преку ноќ. Затоа верувам во искрено објаснување и можност да се проба производот. Кога некој ќе го разбере производот, ќе најде вкус што му се допаѓа и ќе го вклопи во своето секојдневие, довербата доаѓа многу поприродно.
Како се гради доверба кај потрошувачите, особено кога се работи за производ поврзан со здравјето и секојдневните навики?
За мене, довербата почнува со искрен разговор. Да објасниш што содржи производот, како се користи и што може да се очекува од него, без претерани ветувања. Луѓето треба да имаат простор да прашаат сè што ги интересира и да добијат јасен одговор.
Многу ми е важен и односот по купувањето. Ако има проблем со нарачка или некаква забелешка, сакам купувачот да знае дека има кому да се обрати. Не оди секогаш сè совршено, но важно е да бидеш достапен, да ја преземеш својата одговорност и да се потрудиш да го решиш проблемот. Така, со секое искуство, се гради довербата.
Како генерален менаџер, со кои предизвици најчесто се соочуваш? Дали е потешко да изградиш препознатлив бренд на нов пазар или да ја задржиш довербата на луѓето откако ќе го запознаат производот?
Најчесто со тоа како да стигнам до сè што сум замислила во еден ден! Работата е многу динамична: онлајн продавница, киоск, кампањи, залихи, состаноци со партнери. Понекогаш денот добива сосема поинаков тек од планираното и морам брзо да одлучам што е најважно.
Сакам да бидам вклучена во многу работи, но учам и дека не може сè да се заврши веднаш. Тоа ми е постојана лекција во поставувањето приоритети.

Што се однесува до брендот, на почетокот вложуваш многу енергија за луѓето воопшто да те запознаат. Кога веќе ти ја дале довербата, чувствуваш уште поголема одговорност да ја оправдаш. Затоа, за мене, задржувањето на довербата е поголемиот долгорочен предизвик.
Кога ќе погледнеш што е постигнато досега со waterdrop® во Македонија, кој успех ти е најдраг, а која е следната цел што сакаш да ја реализираш?
Најдраго ми е кога гледам дека луѓето се враќаат, имаат свој омилен вкус и го препорачуваат waterdrop® на некој близок. Тогаш чувствувам дека сите разговори, идеи и вложени часови имале смисла. Многу од таа работа не се гледа однадвор, а мене токму тие моменти ми даваат енергија да продолжам.

Горда сум и на деловните соработки што ги развиваме, преку кои waterdrop® стигнува до нови луѓе и станува дел од нивните подароци. Следно сакам да ја прошириме достапноста преку нови партнерства и развој на продажбата. Ми е важно, додека растеме, да го задржиме вниманието кон секој купувач.
Што би им порачала на младите кои имаат бизнис идеја или сакаат да започнат нешто свое, но постојано ја одложуваат првата одлука затоа што се плашат од ризикот и неизвесноста?
Би им рекла да си дадат шанса, но да почнат со чекор што можат да го издржат. Разговарајте со луѓето на кои им е наменета идејата, проверете дали има интерес и пресметајте што ви е потребно. Не мора уште на почетокот да ги имате сите одговори.
И јас знам како е да преиспитуваш одлука и да се прашуваш дали си на вистинскиот пат. Со искуството научив дека сигурноста доаѓа и додека работиш, пробуваш и се приспособуваш.
Ако нешто не успее, дозволете си да бидете разочарани, но не губете ја вербата во себе. Погледнете што можете да научите од тоа и што би направиле поинаку следниот пат. Верувам дека и неуспешниот обид може да биде чекор напред ако од него излеземе со ново знаење и храброст да продолжиме.

А мене најмногу ме движи радоста во она што го работам. Кога ќе видам задоволен купувач или ќе добијам убава порака, се потсетувам зошто го вложувам целиот тој труд. Тогаш веќе размислувам што ново би можела да осмислам за утре. Токму таа желба да создавам и да гледам како нешто што сум го замислила ги радува луѓето ме прави среќна и ме полни со енергија.
Тагови: жени менаџери Ева Пајковска waterdrop