Промовирани огласи »

Од празен ѕид до уметничко дело: Приказната на графичкиот дизајнер Теодор Петровски

Не треба да чекаш да бидеш доволно добар за да почнеш – Теодор Петровски

Кој е Теодор Петровски? Кажи ни нешто повеќе за себе.

Јас сум Теодор Петровски, графички дизајнер и визуелен уметник од Скопје. Со креативна работа се занимавам повеќе години, а графитите се дел од мојот живот уште од 2016 година. По професија сум дипломиран графички дизајнер, а низ годините имав можност да работам на различни проекти од брендинг, социјални мрежи и илустрации, до мурали, сценографија и други визуелни решенија.

Мислам дека токму комбинацијата од дизајнот и графитите најмногу ме опишува, бидејќи ми овозможува идејата прво да ја изградам визуелно, а потоа да ја пренесам и во физички простор.

Како започна твојата приказна со креативната работа и што те привлече кон визуелната уметност?

Отсекогаш сум имал потреба нешто да создавам, уште од најмала возраст. Цртањето првично ми беше начин да го поминувам времето, но постепено почнав да сфаќам дека преку визуелната уметност можам да изразам идеи и емоции на начин на кој понекогаш не можам со зборови.

Подоцна почнав посериозно да се интересирам за графички дизајн, типографија, илустрација и различни визуелни стилови. Така, хобито постепено прерасна во нешто што сакав да го изучувам и професионално.

Веќе 10 години се занимаваш со цртање графити. Како започна сè?

Сè започна во 2016 година, кога почнав да се интересирам за графити и уличната уметност. Во почетокот најмногу ме привлекуваа самиот процес, буквите, стиловите, боите и начинот на кој еден празен ѕид може целосно да се трансформира.

Како што продолжував да цртам, почнав самостојно да учам, да експериментирам и да барам свој стил. Голема улога во тој период имаше и Целе од графити шопот „Хром“, каде што поминував голем дел од денот. Многу ми значеа и луѓето кои беа присутни таму.

Со текот на времето сфатив дека не сакам графитите да ми бидат само хоби, туку сакам преку нив да работам на реални проекти и да создадам нешто што ќе остане во просторот. Тоа е и причината зошто, после десет години, сè уште цртам.

Се сеќаваш ли на првиот графит што го нацрта и какво чувство имаше тогаш?

Да, се сеќавам. Не беше ни приближно професионален како работите што ги правам денес, но токму затоа ми е интересен кога ќе се навратам наназад.

Имав огромна трема. За првпат отидов, купив неколку спрејови од продавница за бои и лакови и во маало го нацртав мојот прв графит. Тоа беа некои букви што имаа значење само за мене.

Но, кога завршив и потоа секојдневно поминував покрај тој ѕид на пат кон училиште, гледав нешто што сум го нацртал јас и што е мое во надворешниот простор, а не само на лист хартија. Во исто време чувствував и огромно задоволство. Мислам дека токму тоа чувство ме натера да продолжам.

Кога денес ќе погледнам колку сум напредувал од тогаш, интересно ми е да се сетам дека сè започнало од еден таков прв обид.

Колку време и труд стои зад еден графит?

Тоа многу зависи од проектот. Некогаш самото цртање на ѕидот може да трае неколку часа, а кај поголемите мурали и до неколку дена. Но, реално, работата започнува многу пред да се појавам пред ѕидот.

Потребно е прво да се осмисли идејата, да се направи скица, да се прилагоди дизајнот на просторот, да се изберат боите и материјалите, а потоа следи самата реализација.

Особено кај поголемите комерцијални проекти, важно е дизајнот да изгледа добро од различни дистанци и да функционира во самиот простор. Затоа, понекогаш најголем дел од работата всушност се случува пред да се повлече првата линија на ѕидот.

Од каде најчесто црпиш инспирација за тоа што го создаваш?

Инспирација можам да најдам буквално насекаде. Од архитектурата и улиците на Скопје и другите градови каде што шетам, до музиката, луѓето, секојдневните ситуации или нешто што случајно ќе ми го привлече вниманието.

Многу ми значи и самиот простор во кој треба да работам. Кога гледам празен ѕид, обично прво размислувам што би му одговарало, а не само што јас сакам да нацртам.

Со текот на годините научив дека инспирацијата не мора секогаш да биде нешто големо. Понекогаш една мала идеја може да биде доволна за да започне цел проект.

Има ли графит или проект на кој си особено горд? Зошто токму тој?

Има повеќе проекти на кои сум горд, но особено ми значат оние кај кои сум имал можност да учествувам од самата идеја до финалната реализација.

Имам два такви проекти на кои сум особено горд. Едниот е со невладината организација FES, каде што по проектот добив задача да бидам ментор во одделот за графити и улична уметност на една млада група луѓе. Тоа беше преубаво искуство и проект на кој секогаш ќе бидам горд.

Вториот е проектот со YACO, поддржан од USAID, во кој се црташе ѕид на едно основно училиште во една од ромските населби. Со помош на учениците и под мое менторство, заеднички го реализиравме проектот. На настанот гостинка беше Марија Лонџи, координатор за развојна помош од Канцеларијата за американска помош за Европа.

Кога размислувам за овие проекти, најмногу сум горд на тоа што со текот на годините успеав од нешто што започна како хоби да создадам професија.

Дали некогаш си имал ситуација во која некој не го разбрал твојот графит или пораката што си сакал да ја пренесеш?

Да, секако. Мислам дека тоа е нормален дел од секоја форма на уметност. Не секој човек ќе ја види истата работа на ист начин, а понекогаш токму тоа е убавината.

Особено кога работам нешто што има посимболична порака, можно е некој да ја протолкува на сосема поинаков начин од она што сум го замислил јас. Наместо тоа да го гледам како проблем, повеќе го гледам како доказ дека работата предизвикала некаква реакција.

Сепак, кога работам на комерцијален проект, тогаш ми е важно пораката да биде јасна и визуелно лесно разбирлива, бидејќи треба да комуницира со многу поширока публика.

Ако можеш да добиеш еден огромен ѕид во Македонија и целосна слобода, што би нацртал?

Би сакал да направам голем мурал кој на некој начин ќе го прикаже Скопје, но не како класична разгледница со најпознатите знаменитости.

Би сакал да ги спојам препознатливите елементи на градот во тотален графити стил  да не изгледа како класичен мурал, туку како интересен и уникатен графит за Скопје. Нешто што ќе ги спои формите и буквите, ќе изгледа модерно, но сепак луѓето веднаш ќе препознаат дека е Скопје.

И најважно, би сакал ѕидот да биде доволно голем за да можам да направам нешто што човек може да го гледа оддалеку, а кога ќе му се приближи, да открива нови детали.

Што би му кажал на некој млад човек кој сака да почне да се занимава со графити, но се плаши дека „нема талент“?

Би му кажал да почне.

Мислам дека талентот е само една мала почетна точка, а многу поважни се времето, дисциплината и желбата да учиш. Кога ќе го погледнам мојот прв графит и тоа што го правам денес, разликата не е затоа што одеднаш сум станал „талентиран“, туку затоа што со години сум цртал, грешел, учел, прекинувал, но секогаш сум пробувал повторно.

Не треба да чекаш да бидеш доволно добар за да почнеш. Треба да почнеш за да станеш добар.

И најважно, не се споредувај премногу со луѓето околу тебе. Најголемата конкуренција си самиот на себе.

Тагови: креативност мурали Теодор Петровски

Промовирани огласи »

Нови кариерни можности во Охрид!

Нови отворени позиции во Охрид!

Денес ви ги издвојуваме најпосетуваните работни позиции во Охрид на KARIERA.mk, се надеваме дека ќе го најдете вашето идеално работно место меѓу нив.

Охрид, еден од најубавите и најпосетуваните градови во Македонија, нуди многу можности за вработување во различни сектори. За да го пронајдете вашето идеално работно место во Охрид, посетете го нашиот веб сервис KARIERA.mk, како и на нашите социјални мрежи каде многу работодавци објавуваат отворени позиции.

Инженер за квалитет
Продажен персонал - Охрид
Советник за продажба во Охрид
Топилничари
Леари на автоматизирани машини

Сите останати работни позиции од Охрид ќе ги најдете ТУКА.

Прочитајте и за: Најновите огласи за работа во Тетово!

Промовирани огласи »

Сувите смокви имаат повеќе калциум од млекото?

Многумина не знаат колку калциум има во сувите смокви

Сувите смокви се меѓу овошјата кои содржат значителна количина калциум. На 100 грама имаат околу 160 mg калциум, што е нешто повеќе од количината во 100 грама млеко, која во просек е околу 120 mg. Сепак, оваа споредба треба да се гледа во контекст бидејќи сувите смокви се многу поконцентрирана намирница.

Покрај калциум, сувите смокви содржат растителни влакна, калиум и магнезиум, а поради сушењето имаат и поголема концентрација на природни шеќери и калории. Тие можат да бидат практична ужина или додаток во јогурт, овесна каша и салати.

Калциумот е важен за коските, забите и нормалното функционирање на мускулите и нервниот систем. Затоа, сувите смокви можат да бидат добар растителен извор на овој минерал, но најдобар пристап е да се комбинираат со разновидна исхрана и други намирници богати со калциум.

Тагови: здрава храна здрави коски здравје суви смокви калциум

Промовирани огласи »

Инвестиција во знаењето: УНИБанка донираше интерактивен панел за учениците од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“

Инвестиција што останува: УНИБанка им овозможи на учениците учење со нова технологија

УНИБанка продолжува да вложува во иницијативи што создаваат подобри услови за образование и развој на младите, со донација на современ интерактивен панел за Средното економско-правно училиште на Град Скопје „Васил Антевски-Дрен“ – Скопје.

Донацијата претставува поддршка за унапредување на наставниот процес и создавање современа средина во која учениците ќе можат полесно да ги развиваат своите знаења, вештини и креативен потенцијал. Во време кога дигиталните алатки се сè позначаен дел од образованието, нивната примена отвора можности за поинтерактивен, визуелен и динамичен пристап кон учењето.

Интерактивниот панел X5 овозможува работа на повеќе корисници истовремено, создавајќи услови за полесна соработка, презентации, практична настава и тимска работа. Со можност за интегрирање различни апликации и дигитални содржини, панелот ќе придонесе за збогатување на наставата и стекнување практични знаења на современ начин.

За УНИБанка, поддршката на образованието значи поддршка на потенцијалот на младите и создавање услови тие да стекнуваат знаења и вештини релевантни за светот во кој ќе го градат својот професионален пат. Особено значајно е вложувањето во средното образование, период во кој младите ги развиваат своите интереси, способности и првични професионални насоки.

Соработката меѓу УНИБанка и СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ ќе продолжи и преку активности што ќе им овозможат на учениците стекнатото знаење да го поврзат со практични искуства. Дел од учениците ќе имаат можност да реализираат практична настава во Банката, каде одблиску ќе се запознаат со работните процеси и функционирањето на банкарскиот сектор, а за дел ќе се одржат и работилници за финансиска едукација и маркетинг, на кои учениците ќе работат на конкретни задачи поврзани со UniQ – пакетот за млади на УНИБанка.

Со ваквите иницијативи, УНИБанка ја потврдува својата определба за поддршка на заедницата и создавање можности младите да учат, соработуваат и своите идеи и знаења да ги претворат во конкретни искуства.

Тагови: УНИ БАНКА АД

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »