Промовирани огласи »

Преспанското Езеро во трка за УНЕСКО: Македонија, Грција и Албанија со заедничка иницијатива

Трите соседни земји со поддршка од ЕУ ги координираат следните чекори за Преспанското Езеро да стане светско наследство на УНЕСКО.

Македонија, Грција и Албанија заеднички ќе работат Преспанското Езеро да биде впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО, во иницијатива што добива нов импулс по неодамнешното впишување на Олимп. Според грчкиот весник „Катимерини“, трите земји, со поддршка од Европската Унија, ја засилуваат соработката за заштита и меѓународна афирмација на природното и културното богатство на регионот.

Следниот петок, во грчката општина Преспа ќе се одржи средба на министрите за култура на трите земји – Лина Мендони, Бленди Гонџа и Седат Сулејмани – на која ќе присуствува и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас. Целта е да се утврдат следните чекори, а ЕУ, покрај политичката поддршка, ќе ги финансира и првите потребни студии. Рокас нагласил дека иницијативата има и пошироко геополитичко значење, бидејќи претставува пример за заеднички напор на соседни држави околу заштита на заедничко наследство.

Локалните власти и Албанија веќе ја поздравија идејата, оценувајќи дека таа може да донесе поголемо меѓународно внимание, одржлив развој, поквалитетен туризам и нови можности за локалните заедници. Иницијативата не е нова – Грција уште во 2014 година го стави езерото на индикативната листа на УНЕСКО – но сега, со заедничка кандидатура на трите земји, процесот добива нова тежина и реални шанси за успех.

Тагови: Албанија Грција Македонија Охридско Езеро Унеско Преспанското Езеро

Промовирани огласи »

Од првиот академски час до идната кариера: KARIERA.mk со студентите на БАС

Нов академски почеток за студентите на Бизнис Академија Смилевски со поддршка од KARIERA.mk

Вчера KARIERA.mk беше дел од првиот академски час на Бизнис Академија Смилевски (БАС), со кој за новите студенти започна едно ново поглавје исполнето со знаење, предизвици и можности.

Особено ни беше драго што генералниот менаџер на KARIERA.mk, Ружица Доневска, имаше чест да им се обрати на студентите и лично да им посака лесен, успешен и исполнет прв академски час, како и многу успеси во периодот што следува.

За нас, ваквите средби се важна можност уште од самиот почеток да бидеме блиску до младите, да разговараме за нивните интереси и амбиции и да им покажеме дека професионалниот развој започнува многу пред првата работа.

Преку нашата соработка со Бизнис Академија Смилевски, продолжуваме да создаваме повеќе можности за студентите преку практични искуства, работилници, споделување знаење и активности кои ќе им помогнат полесно да го направат следниот чекор кон професионалниот свет.

На сите студенти им посакуваме успешен почеток, многу знаење, нови пријателства и храброст да ги следат своите професионални цели!

Тагови: Бизнис Академија Смилевски млади пазарот на труд прв академски час

Промовирани огласи »

Македонците фрлаат повеќе храна од европскиот просек: 86 килограми по жител годишно

Ново истражување покажува дека македонските домаќинства, рестораните и маркетите создаваат повеќе отпад од храна од просекот во ЕУ. Најголем дел завршува на депонии.

Македонските домаќинства годишно фрлаат во просек по 86 килограми храна по жител, што е за 17 килограми повеќе од просекот во Европската Унија, покажува извештајот на УНЕП за индексот на отпад од храна за 2024 година. На ниво на државата, тоа значи вкупно 179.311 тони отпад од храна создадени во домаќинствата, додека европскиот просек изнесува 69 килограми по лице.

Над европскиот просек Македонија е и во другите сектори. Во рестораните и услугите за исхрана се создадени 51.283 тони отпад, односно околу 25 килограми по жител годишно, што е за 10 килограми повеќе од просекот во ЕУ. Во малопродажбата, пак, биле создадени 30.755 тони или 15 килограми по човек, што е за 5 килограми над европскиот просек. Според Евростат, секој граѓанин на ЕУ во 2024 година генерирал вкупно околу 129 килограми отпад од храна низ целиот синџир на снабдување.

Глобално, светот годишно фрла 1,05 милијарди тони храна, или 19% од вкупно достапната храна за потрошувачите. Во Македонија, пак, нема официјална детална статистика само за фрлената храна, туку се евидентира вкупниот органски отпад. Според Државниот завод за статистика, во 2025 година биле собрани 34.757 тони органски отпад, додека речиси целото количество собран комунален отпад, дури 99,8%, завршува на депонии.

Тагови: Европа Македонци храна

Промовирани огласи »

„Бела ноќ“ во Скопје: Концерти, изложби и диџеј-настапи на повеќе локации

3 октомври, Скопје повторно ќе живее во ритамот на „Бела ноќ 2026“, со богата програма која опфаќа концерти, изложби, диџеј-настапи и содржини за најмладите

На 3 октомври, Скопје повторно ќе живее во ритамот на „Бела ноќ 2026“, со богата програма која опфаќа концерти, изложби, диџеј-настапи и содржини за најмладите.

Вечерната програма ќе се одржува од 19 до 3 часот, додека дел од детските и дневните содржини започнуваат порано.

На плоштадот „Мајка Тереза“, односно на платото пред МОБ, програмата започнува во 18 часот со детскиот фестивал „Поточиња“, по што следуваат интерактивен детски театар, настап на DJ Bono и „Допамин бенд“. Во 22 часот настапуваат Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, а по полноќ музичката програма продолжува со DJ Tammy и DJ Toshevv.

Љубителите на електронската музика ќе имаат програма и кај фонтаната „Лотус“, каде настапите започнуваат во 20:30 часот. Дополнителна музичка програма ќе има и на платото пред Музејот на современата уметност, како и на Боемска улица.

„Бела ноќ“ носи и повеќе изложби и мултимедијални содржини. Во Домот на градежниците ќе бидат претставени изложбите на Марија Рашковиќ и „Вортекс“, во Чифте амам изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали, а во „Мала станица“ мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска.

Програмата започнува уште во текот на денот. Во Детскиот културен центар „Карпош“ од 9 часот ќе има изложба на детски ликовни творби, додека во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржат „Нацртај песна“ и изложбата „Види ја поезијата“.

Во Археолошкиот музеј посетителите ќе имаат бесплатен влез и можност да ја посетат содржината „35 предмети, 35 приказни“.

Дел од програмата ќе се одржува и во Младинскиот културен центар, Мостот на уметноста, Старата скопска чаршија, Музејот на град Скопје, „Аудио култура“ и на улица „Македонија“.

„Бела ноќ 2026“ ги поврзува различните градски локации во една вечер посветена на музиката, уметноста и културата.

Тагови: Бела ноќ Скопје

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »