Европската комисија соопшти дека од вчера, 22 април, стапуваат на сила нови правила за патување со домашни миленици во Европската Унија, кои предвидуваат построги услови за идентификација, документација и здравствена заштита.
Новите мерки се однесуваат на некомерцијални патувања со кучиња, мачки и порови, со цел да се спречи ширење на болести и да се уедначат контролите на границите.
Според новите правила, задолжителна е идентификација на милениците со микрочип кој ги исполнува ЕУ стандардите, како и важечка вакцина против беснило, која мора да биде евидентирана во европски пасош за миленик издаден од овластен ветеринар.
Без соодветна документација, на сопствениците нема да им биде дозволено да патуваат со своите миленици во ЕУ.
Дополнително, се воведува ограничување од најмногу пет миленици по превозно средство, како и прецизни правила за транзит и можни одбивања на влез.
За одредени земји, како Ирска, Малта и Финска, задолжителен е и антипаразитен третман против Echinococcus multilocularis.
Иако дел од мерките веќе стапуваат во сила, одредени правила ќе се воведуваат постепено. Новите здравствени сертификати ќе бидат задолжителни од 1 октомври 2026 година, додека целосните барања за идентификација и пасоши ќе важат од 1 јануари 2028 година.
Европската комисија посочува дека целта е зголемена безбедност и заштита на јавното здравје, без да се наруши слободното движење во Унијата.
Тагови: документи ЕУ кучиња