Како започна твојот пат во уметноста и што беше пресудно за твојата одлука?
Уште од најрана возраст пројавував интерес за уметноста. Не бев постојано со блок и молив во рака, но кога ќе одлучев да цртам, тоа го правев со голема концентрација, решителност и посветеност. Особено ме привлекуваа репродукциите од старите ренесансни мајстори, кои ги наоѓав во биографиите за уметници од постарите изданија на српско-хрватски јазик – книги што моето семејство ги имаше зачувано дома.
По завршувањето на основното образование, се запишав во гимназија. Сепак, брзо сфатив дека тоа не е мојот пат. По една година, со поддршка од семејството, се префрлив во средно уметничко училиште. Токму тогаш станав свесен дека уметноста нема да биде само моја пасија, туку и моја професија и начин на живот.

Колку формалното образование влијаеше врз твојот уметнички правец?
Формалното образование ми помогна да ги поставам темелите. Во средношколските години фокусот беше на совладување на ликовните елементи и принципи, како и на основните техники на цртање и сликање.
На факултет, пак, повеќе се работеше на мислата – на идејата зад делото, што е исто толку важна колку и самата техничка вештина. Би рекол дека образованието ми понуди што има „на масата“, а јас во својата „чинија“ го избрав она што најмногу ме интересираше и ме обликуваше како автор.
 (64).webp)
Од каде најчесто доаѓа првата искра за едно ново дело?
Инспирацијата може да дојде од секаде. Понекогаш доволно е едно возење во автобус – ако забележам непознат човек со впечатлив лик, во моментот може да се роди желба да го насликам.
Имагинацијата и креативноста се хранат и од други форми на уметност. Читањето квалитетна литература, слушањето добра музика – сето тоа станува дел од идејата што подоцна се преточува на платното.
Дали однапред ја знаеш пораката на делото или таа се открива во процесот?
Ретко ми се случува значењето да го откријам дури по завршувањето. Најчесто наративниот дел доаѓа со претходен план и јасна цел. За време на реализацијата, сепак, си дозволувам слобода – моменталната одлука да си поигра со визуелно-естетскиот аспект на делото.

Колку експериментираш со техники и материјали?
Да бидам искрен не многу. Традиционалните сликарски практики си ги сакам и се чувствувам комфорно со нив. Ретко употребувам материјали надвор од сликарскиот домен. Можеби иднината ќе донесе нови навики.

Дали повеќе те инспирира реалноста или внатрешниот свет?
Интересно и предизвикувачко прашање. За мене, реалноста е всушност внатрешен свет. Секој човек различно ја доживува и толкува стварноста, па може да се каже дека постојат онолку реалности колку што има живи суштества.
Често користам метафора или иронија како алатки за критика на реалноста. Одговорите на прашањата за стварноста ги барам во сопствениот внатрешен свет, а потоа се обидувам да ги пренесам преку уметноста.
 (67).webp)
Колку патувањата и различните култури влијаат врз твојата работа?
Многу. Обожавател сум на различни култури, особено ја обожавам и често читам за афричката и латино-американската култура. Донекаде тоа е и видливо, бидејќи често имам добиено коментар за моите дела дека содржат примеси на Пикасо, кој бил заљубен во афричката уметност. Еден од омилените уметници ми е Гоген, кој добар дел од својот живот го поминал на Тахитите, сликај ги домородците и нивните обичаи. Исто така многу сакам да патувам, и после секое патување „пукам“ од инспирација.
 (66).webp)
Што е следниот предизвик што сакаш да го освоиш?
Кон крајот на годината е планирана мојата прва самостојна изложба и веќе сум во интензивни подготовки. Тоа е мојот моментален предизвик. Се надевам дека ќе ги исполнам сопствените очекувања и ќе создадам изложба со која ќе се гордеам.

Каде се гледаш себеси како автор во следните 5 години?
На ова прашање секогаш давам ист одговор – не знам каде точно се гледам, но сигурен сум дека не би сакал да се видам надвор од ателјето.
Сѐ додека најголемиот дел од денот го минувам таму, знам дека го живеам она што го сакам. А мојот труд ќе покаже каде ќе ме одведат следните години.
Тагови: сликање уметност