Стефанија Насеска Попадинец е дипломиран моден дизајнер кој веќе 15 години ја гради својата кариера. Родена и израсната сум во Прилеп, во скромно семејство кое отсекогаш ме поддржувало и ми овозможувало да го развивам мојот талент. Моите родители направиле огромни жртви за да нè изведат мене и сестра ми на вистинскиот пат и да ни овозможат да се школуваме и да се надградуваме како професионалци. Затоа сум им бескрајно благодарна и, доколку би можела повторно да бирам родители, повторно би ги избрала нив.
Студиите по мода ги завршив на Академија Италијана, и токму оттаму започна мојата професионална модна приказна.

Кои беа првите чекори што те внесоа во светот на модата и дизајнот?
Отсекогаш сум имала дарба за цртање и полесно ми оделе предметите поврзани со креативност и уметност. Првиот контакт со дизајнот го имав уште во средношколските денови. Во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, еден од изборните предмети ми беше дизајн. Токму на тие предавања од професорите по ликовна уметност разбрав дека постои нешто што се нарекува моден дизајн и дека тоа е цела наука која треба да се изучува, а не како што мислев јас – дека е доволно само да научам да шијам.
Тогаш за првпат почнав да си шијам гардероба за себе, да сечам и преработувам кошули од татко ми и да ги адаптирам, да изработувам накит. Морам да признаам дека за моите сограѓани и соученици бев доста чудна во поглед на стилот. Многу рано знаев што сакам да студирам, но факултет за моден дизајн кај нас не постоеше во тоа време.
Не верувам во случајности и сум убедена дека сè се случува со причина и тогаш кога треба – коцките сами се редат. Годината кога требаше да се запишам на факултет кај нас се отвори Академија Италијана, академија за мода од Фиренца, и мојата генерација имаше среќа да ги има најдобрите професори по мода од кај нас и од Италија. Наставата беше конципирана со фокус на пракса, па поголемиот дел од студентите стекнавме значајни знаења и вештини. Резултатите ги презентиравме пред истакнати модни имиња во Фиренца, секоја година на завршните модни ревии организирани од академијата.
Ова ни овозможи силна почетна основа и искуство, а понатаму, во текот на годините, секој од колегите различно го искористи тој „ветер во грб“.

Како би го опишала твојот стил – што е тоа што те прави препознатлива?
Секој од нас, дизајнерите, има свој печат, карактеристика по која е препознатлив. Јас се вбројувам меѓу дизајнерите кои создаваат ангажирана мода со тридимензионален пристап и реализација.
Кога започнав да работам на индивидуални колекции, обработував поопшти теми и инспирации. Колоритот во тој период беше моја препознатлива карактеристика и избиравав теми што мене и мојата публика нè правеа среќни.
Меѓутоа, во себе отсекогаш сум носела бунтовност и во одреден момент се појави потребата таа да ја изразам преку колекциите – но не било каква бунтовност, туку бунтовност за правда и потреба за промоција на она што е наше и вредно, како и освестување под влијание на општествените случувања.
Во 2013 година се роди колекцијата „Шчо напраифме“, посветена на Крсте Петков Мисирков и тогашните општествени случувања. Тоа беше првата колекција на овие простори, па и пошироко, со која започна трендот на испишување пораки преку гардеробата, особено со кирилично писмо. Потоа следуваа „Револуција“ – инспирација за колоритен бунт и соочување со одредени ситуации, и „Азбука“, каде кирилицата беше главна тема.
Ние, уметниците, сме амбасадори на својата земја. Тоа го сфатив уште во 2013 година. Мојот дизајнерски печат е токму пркосот и љубовта кон татковината, како и желбата за промоција на нашиот идентитет. Која сум јас ако не знам од каде доаѓам?
Токму тој порив ме однесе и на светските модни писти, од кои последна беше Модната недела во Харбин, Кина.

Како изгледаше процесот на организација – од поканата до самото патување и настап?
Сите сонуваме да успееме, но никогаш не сонував дека токму мојата работа и посветеност ќе ме однесат прво во Америка, а потоа и во Кина. Како креативен моден дизајнер бев забележана на Европскиот моден фестивал кој се одржува секој септември во Сараево. Таму разменив контакт со модна агентка од Словачка, без да бидам свесна дека токму таа посредува за учество на европски дизајнери во Кина.
На крајот од ноември добив повик од неа и од организаторот на сараевскиот настан дека сум избрана да бидам учесник на Модната недела во Харбин и дали ја прифаќам поканата. Без размислување кажав „да“, а дури потоа сфатив дека немам нова колекција и дека морам да создадам нешто достојно за претставување таму.
Размислував што би ме направило уникатна меѓу дизајнери од целиот свет. Одговорот беше во нашето културно наследство – мозаиците од локалитетот Стоби. Одлучив да го изработам најпознатиот мозаик „Пауните“ од крстилницата во Стоби, но за колекција од 15 изгледи тоа не беше доволно, па инспирација ми стана целиот локалитет и сè што е пронајдено таму. Така, Стоби стана мој „столб“ за понатамошното градење на интернационалната кариера.
Имав само еден месец за изработка на целата колекција. Тоа беше период исполнет со шиење, везење и кроење, без социјален живот и без празнични паузи. Но вредеше секоја непроспиена секунда. Огромна благодарност им должам на мојата мајка, татко, сестра и најблиските – оваа трка не ја истрчав сама.
Успехот не беше само мој, туку наш заеднички. Колекцијата беше одлично забележана, а реакциите на публиката беа незаборавни. Ми велeа дека тие 15 минути биле патување низ времето и просторот.

Како би го опишала искуството со меѓународната публика?
Најмногу ме изненади прифатеноста. Како дизајнер непознат за таа публика, не очекував толку силни реакции, аплаузи и медиумска заинтересираност. Особено ме воодушеви отсуството на суета кај колегите и меѓусебната поддршка.
Тоа е нешто што ни недостига како народ – повеќе поддршка и помалку завист.

Кој беше најголемиот личен предизвик?
Ниските температури – редовни -25°C, а имаше и ден со -30°C. И храната беше предизвик, но брзо се приспособив.
Имаше ли различни протоколи?
Да, дисциплината и почитувањето на правилата се на исклучително високо ниво. Сè функционираше со ред и почит.

Каде би сакала следно да се претставиш?
Секој дизајнер сонува за Милано, Париз и Лондон – тоа е и мојот сон. Но за тоа, покрај морална, потребна е и финансиска поддршка.

Што би им порачала на младите?
Не престанувајте да сонувате. Верувајте во себе, едуцирајте се, работете напорно и поддржувајте се меѓусебно. Ништо не е недостижно.
Тагови: Кина мода уметност Стоби