Која е Елена Пиштолова? Кажи ни нешто повеќе за себе
Јас сум личност што отсекогаш живеела низ бои, форми и детали. Уште како дете цртав, декорирав, создавав – едноставно имав потреба нешто да направам поубаво отколку што било. Креативноста за мене не е професија, туку дел од мојот карактер. Сакам естетика, сакам трансформации и најмногу од сè – сакам кога некој ќе се погледне во огледало и ќе се насмее.

Кај започна твојата страст кон шминката и како стигна да работиш како професионален шминкер?
Шминката дојде природно, како продолжение на мојата љубов кон уметноста. Лицето го гледав како платно, но со многу поголема одговорност – затоа што работиш со нечија самодоверба. Од експериментирање на блиски луѓе, до професионални ангажмани – патот беше постепен, исполнет со учење, вложување во едукации и многу часови работа. Во еден момент сфатив дека ова не е само талент, туку моја професија и моја мисија.

Од каде идејата да го продолжиш својот бизнис во Абу Даби?
Сакав повеќе. Повеќе предизвици, повеќе раст, повисоки стандарди. Абу Даби беше чекор што бараше храброст, но и верба во себе. Заминувањето таму беше одлука да не се ограничувам, туку да видам до каде можам да стигнам кога ќе излезам од сигурното.

Како би го опишала типичниот клиент таму — што најчесто бараат и какви услуги очекуваат?
Жените таму знаат што сакаат. Очекуваат беспрекорност, долготрајност и луксуз во секој детал. Не станува збор само за изгледот, туку и за целото искуство – професионалност, прецизност и чувство дека се во сигурни раце. Секој термин е настан сам по себе.
Кои се најбараните стилови на шминка кај клиентите во Абу Даби?
Доминантен е гламурот – нагласени очи, скулптурирано лице и кожа што изгледа беспрекорно под силно светло. Но во последно време сè повеќе се бара и софистициран, „clean“ изглед со фокус на природна, здрава кожа.

Кој беше најголемиот предизвик на почетокот?
Да започнеш од нула на место каде што никој не те познава. Да докажеш вредност без претходна репутација. Тоа бара трпение и доследност, но токму тие моменти најмногу те градат.
Како успеа да изградиш свое име и доверба?
Со работа што зборува сама за себе. Секој клиент го доживував како можност да оставам впечаток. Кога некој ќе ти се врати повторно – тоа е најголемата потврда дека си на вистинскиот пат.

Што е најважно за успех во странство?
Талентот е почеток, но дисциплината, адаптабилноста и желбата постојано да се подобруваш се тоа што прави разлика. И да знаеш дека успехот не доаѓа преку ноќ.

Дали има разлика во комуникацијата со клиентите таму и кај нас?
Да, и тоа значајна. Овде сè е директно и структурирано, додека во Македонија има повеќе топлина и спонтаност. Научив да го почитувам и едниот и другиот пристап, без да ја изгубам својата автентичност.

Што најмногу ти се допаѓа во животот во Абу Даби, а што ти недостасува од Македонија?
Ми се допаѓа амбицијата што се чувствува во воздухот – секој е фокусиран на напредок. Но ништо не може да ја замени блискоста со семејството и пријателите. Домот има мирис што не може да се пресели.

Кој совет би им го дала на младите девојки што се плашат да започнат?
Стравот никогаш нема целосно да исчезне – но не треба ни да исчезне. Тој само значи дека ви е важно. Почнете и учете во движење. Самодовербата не доаѓа пред првиот чекор, туку по него.

Тагови: уметност шминка Абу Даби