Промовирани огласи »

Македонија на потег: Петиција за забрана на социјалните мрежи за децата до 12 години

Објавена петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.

Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ објави петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.

Ние сме група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани што започнуваме петиција со која бараме воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите, велат од иницијативата.

Од таму велат дека штетата веќе се случува пред нашите очи.

Сите сведочиме на негативните ефекти, од  нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех. Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира. Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ, велат од граѓанската иницијатива.

Тие со петицијата бараат заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:

  • Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.
  • Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.
  • Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.
  • Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.
  • Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.
  • Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.

Линк до петицијата: https://c.org/g5MnSHrB8Y.

Тагови: децата до 12 години забрана на социјалните мрежи Македонија социјални мрежи

Промовирани огласи »

Христина Станојковска Златковиќ: Како музиката станува терапија за умот и емоциите

Кога зборовите не се доволни – музиката станува терапија

Која е Христина Станојковска Златковиќ?

Христина во своето секојдневие ја има улогата на сопруга и мајка на две прекрасни момчиња Јован и Марио, тоа секојдневие е исполнето со одговорност и посветеност. Професионално, работи како стручен соработник – психолог во ООУ „Браќа Рибар“ во с. Табановце, а дополнително, хонорарно, ја применува музикотерапијата во дневниот престој „Логолино“ со деца од  пред училишна возраст. Во овој контекст, музикотерапијата служи како метод за релаксација, поттикнување пријатни емоции и поддршка на социјалниот и емоционалниот развој на децата, создавајќи средина каде тие се чувствуваат сигурно и пријатно.

Опиши се себеси во три реченици.

Емотивна и креативна личност со изразено чувство за длабочина и смисла.
Животот го градам врз хармонија, автентичност и внатрешен баланс.
Во рамнотежата меѓу чувствата, обврските и личниот мир ја пронаоѓам својата сила.

Како изгледаше твојот пат до психологијата и музикотерапијата? Што беше пресудно да ги споиш овие две области?

Мојот пат кон психологијата и музикотерапијата започна уште во средното образование, кое го завршив во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, во билингвална паралелка. Таа средина, заедно со примерот и поддршката од мојата сестра Елизабета и зет ми Жак, беше силна мотивација да го продолжам образованието во Франција – пат кој немаше да биде возможен без големата емоционална и финансиска поддршка од моите родители.

За време на студиите во Франција имав можност, како студент, активно да се ангажирам во професионални активности, што значајно придонесе за мојата лична и професионална зрелост. Студиите ги започнав на Универзитетот Франш-Конте во Безансон, родниот град на Виктор Иго, на насоката музикологија, каде се роди моето подлабоко интересирање за интеракцијата помеѓу музиката, емоцијата и човековата психа. Во таа фаза се појави и одлучувачката потреба за продлабочување на стручноста, што ме водеше кон запишување на А.М.Б Атеље за музикотерапија во регионот Бургоња, во градот Дижон, кој се наоѓаше во непосредна близина на градот кој престојував, овозможувајќи ми интеграција на теоријата со практичната примена на музикотерапевтските методи.

Во рамки на студиите, практичната работа беше задолжителен дел, па реализирав пракса во повеќе области – психијатрија, реедукација и рехабилитација, како и во геријатрискиот домен. Иако секоја од овие области ми овозможи значајно искуство, пресудна беше континуираната работа со деца во основното училиште „Кондорсет“ во Безансон, која го насочи мојот професионален фокус кон работа со деца од типичен и атипичен развој.

Дополнително, мојата дипломска работа за музикотерапија беше изработена врз основа на стручниот стаж реализиран во Македонија, во центарот за развој и едукација „КРУГ-Про“ во Скопје, под менторство на психологот и семеен советник Борјана Заева. Токму тоа искуство претставуваше клучен пресврт во мојот професионален пат и одлука да се вратам и понатаму да се доедуцирам во областа на психологијата. Огромна улога во целиот пат имаше мојата мајка, која секогаш знаеше правилно да ме насочи и да ги препознае моите таленти и кон музиката и кон психологијата, како и мојот татко, чија поддршка и верба ми даваа сигурност да продолжам напред.

Со силната поддршка на семејството, како сопруга и мајка на две мали деца, успеав да дипломирам на психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе. Патот не беше лесен, но со баланс, упорност и јасна цел, успеав да го изгурам тоа што навистина го сакав, заокружувајќи го природниот спој меѓу музиката, терапијата и психологијата.

Што всушност е музикотерапија и како наједноставно би им ја објаснила на луѓе кои првпат слушаат за неа?

За професионално остварување на музикотерапијата потребно е интензивна тригодишна обука и 360 работни часа пракса, кои го надополнуваат претходното музичко образование и овозможуваат стекнување официјална сертификација во оваа специјализирана област, како што е случајот со моето професионално образование. Овој квалификациски процес гарантира способен и етички пристап при водењето на терапевтските сесии, прилагодени на индивидуалните потреби на секој клиент, без разлика дали се работи за деца, возрасни или лица со посебни потреби.

Музикотерапијата претставува форма на невербална психотерапија која ги интегрира звукот, движењето и вербалниот израз на телото за развој и зајакнување на терапевтската релација помеѓу музикотерапевтот и клиентот, индивидуално или во група. Целта на оваа професионална интервенција е подобрување на квалитетот на животот преку постигнување терапевтски цели, кои вклучуваат рехабилитација, одржување и унапредување на психичкото и менталното здравје. Овој концепт се темели на теоретските и практичните пристапи на Кенет Брусција и Роландо О. Бенензон, кои се сметаат за основачи на современата музикотерапија.

Во музикотерапија има два основни метода:

  • Активна музикотерапија - Овој вид на метод се користи кај лица кои имаат потешкотии во изразувањето на нивните емоции.
  • Рецептивна музикотерапија – Најсчесто се користи кај лица кои се во состојба да ги искажуваат своите емоции.

Музикотерапија може да се примени во група и индивидуално. Во група претежно се применува кога активностите се наменети да се вклучат неколку личности. Индивидуална работа е организирана кога личноста не може да работи во група или има потреба од индивидуална работа.

Самата терапија претставува интерактивен третман каде што музиката се користи како средство за подобрување на комуникацијата, ритамот, вниманието и јазичните способности.

Истражувањата покажуваат дека музикотерапијата може да ги подобри фонолошките способности, разбирањето на говор и социјалната интеракција кај деца со забавен говорен развој. Музикотерапијата е поддршка, таа не е и замена за логопедска терапија — но може да биде многу корисна, особено за деца кои подобро реагираат на ритам и музика.

Колку музиката може да помогне кај анксиозност, депресија или емоционален замор?

Анксиозноста се дефинира како психо-физиолошка состојба на хронична вознемиреност, хипервигиланција и зголемена реактивност на стрес, која може да го наруши когнитивното и емоционалното функционирање. Додека пак депресивните симптоми се карактеризираат со трајно намалена мотивација, негативен афективен тонус и нарушена способност за когнитивна и емоционална регулација. Емоционалниот стрес се однесува на реакциите на психолошки или социјални предизвици кои доведуваат до нарушување на хомеостазата и психофизиолошкиот баланс.

Музикотерапијата, како структуирана и целосно контролирана психо-емоционална интервенција, користи ритам, тон и мелодија за да ја модулира емоционалната возбуда, да овозможи афективна експресија и да поттикне когнитивно-емоционална регулација, со цел унапредување на психичката резилиентност и субјективната благосостојба.

Музиката претставува моќен терапевтски инструмент кој значајно влијае на психичкото и менталното здравје. Кај лица кои се соочуваат со анксиозност, депресија или емоционален замор, свесната употреба на ритам, мелодија и тон ја стимулира регулацијата на емоциите, го намалува психофизиолошкиот стрес и создава чувство на внатрешна рамнотежа. Во рамките на музикотерапевтските интервенции, се овозможува систематско поттикнување на емоционалната експресија, поттикнување на позитивни афекти и градење на психо-социјална стабилност, што создава основа за подобрување на квалитетот на животот.

Музикотерапија е систематски процес за подобрување на: социо-емоционален контакт, рамнотежа  и контакт со другите.

Примената на музикотерапија е многу широк поим благодарение на универзалниот јазик - музика. Таа има една цел:  Да се помогне со помош на музиката, обнови, одржи и подобри физичкото и психичкото здравје на личноста.

Музикотерапијата е терапевтска метода која ја користи музиката како средство за емоционален, социјален и когнитивен развој. Да се разбереме, таа не подразбира учење музика, туку користење звук, ритам и движење за подобро изразување и регулација на емоциите.

Овој вид на терапија покажува ефикасност во интервенции кај лица со развојни нарушувања на вниманието, хиперактивност и емоционална дисрегулација, како и кај лица кои се соочуваат со анксиозни нарушувања, депресивни симптоми или психо-емоционален замор. Методите се прилагодуваат на развојните капацитети и индивидуалните потреби на клиентите, овозможувајќи целосно интегрирање на когнитивните, емоционалните и социјалните аспекти на неговиот развој.

Колку е важен индивидуалниот пристап при работа со клиенти во музикотерапијата?

Најчесто, клиентите кои учествуваат во музикотерапија не мора да имаат формално музичко образование. Доволно е да имаат афинитет кон музиката и желба да се изразуваат преку неа, без разлика дали умеат да пеат или свират – важно е да ја доживуваат музиката како средство за личен израз.

Индивидуалниот пристап е клучен, бидејќи овозможува секој клиент да се чувствува слободно и безбедно во изразувањето на своите емоции и мисли. Примената на персонализирани методи ја поддржува емоционалната експресија, го поттикнува развојот на самосознанието и ја зајакнува психо-социјалната резилиентност. Дополнително, индивидуалниот пристап овозможува терапевтот да ги идентификува специфичните афективни и когнитивни потреби на клиентот, да го прилагоди темпото и структурата на сесиите и да ја максимизира ефективноста на терапевтската интервенција, создавајќи сигурна рамка за психо-емоционална интеграција.
 

Како изгледа една типична сесија – што може да очекува некој што првпат доаѓа?

Организацијата на една сесија по музикотерапија, индивидуална или во група, започнува со детална подготовка и проценка на клиентот. Најпрвин се изготвува лоби-листа и се спроведува интервју со клиентот или групата, а кај деца дополнително се собираат информации за родителите. Исто така, се користи музикотерапевтски прашалник за да се добијат податоци за минатото, сегашноста и специфичните афинитети кон музиката, што овозможува креирање на персонализиран и ефикасен терапевтски план.

Потоа сесијата продолжува со ритуал на почеток: подготовка на просторијата, пречек на клиентите, ритуална песна за старт и вежби за загревање. Главниот дел на сесијата вклучува активна музикотерапија (свирење, танцување, музички игри) и рецептивна музикотерапија (слушање музика, анализа на емоционални реакции). Сесијата завршува со ритуал на крај: релаксација преку слушање на музичко дело, завршна песна и средување на користениот материјал (инструменти, столчиња и сл.).

Дали музиката делува различно кај деца и кај возрасни?

Музиката има универзално терапевтско дејство, но начинот на кој таа влијае врз децата и врз возрасните суштински се разликува, поради развојните, когнитивните и емоционалните карактеристики на секоја возрасна група.

Кај децата, музиката претставува моќен развоен стимул, бидејќи нивниот нервен и емоционален систем сѐ уште е во процес на созревање. Преку музикотерапевтските интервенции се поттикнува развојот на емоционалната регулација, вниманието, извршните функции и социјалната интеракција. Музиката овозможува безбеден и структуриран простор за невербална експресија, преку кој детето постепено учи да ги препознава, организира и интегрира сопствените емоции, особено во случаи кога вербалната комуникација е ограничена или недоволно развиена.

Кај возрасните, музиката делува претежно како медиум за емоционална обработка и психолошка регулација, активирајќи веќе оформени когнитивни и афективни структури. Таа може да придонесе за намалување на анксиозноста, депресивните симптоми и психоемоционалниот замор преку олеснување на афективната експресија, модулација на стресниот одговор и зајакнување на внатрешните механизми за саморегулација. Кај возрасните, музикотерапијата често овозможува и подлабока интроспекција, поврзување со лични искуства и реструктуирање на емоционалните доживувања.

Оттука, иако музиката е заеднички терапевтски медиум, нејзината примена во музикотерапијата мора да биде развојно, психолошки и индивидуално прилагодена, со цел да се постигнат оптимални терапевтски ефекти кај секоја возрасна група.
 

Колку сме како општество отворени кон вакви алтернативни, но научно поткрепени методи?

Како општество, сѐ уште се наоѓаме во фаза на ограничено и фрагментарно отворање кон комплементарни, но научно валидирани терапевтски пристапи, каква што е музикотерапијата. Иако на меѓународно ниво овие методи се одамна интегрирани во здравствениот, образовниот и психосоцијалниот систем, во нашиот контекст тие и понатаму се третираат како дополнителни, наместо како рамноправен дел од интердисциплинарната терапевтска пракса.

Клучните бариери произлегуваат од недоволната информираност, ограничената достапност на стручна литература на македонски јазик, слабата институционална поддршка и отсуството на јасна системска рамка за нивна примена. Овие фактори придонесуваат ваквите пристапи често да се етикетираат како „алтернативни“, и покрај тоа што нивната ефикасност е поткрепена со релевантни научни истражувања и долгорочна клиничка пракса.

Сепак, се забележува постепена промена во перцепцијата, особено кај родителите, стручните лица и поединечни институции кои препознаваат потреба од холистички и интердисциплинарни модели во грижата за менталното здравје. Во тој контекст, идниот развој на овие методи не зависи од дополнително докажување на нивната ефикасност, туку од способноста на системот да го трансферира научното знаење во јавни политики, едукативни програми и институционални практики.

Отвореноста кон ваквите терапевтски пристапи, оттука, не треба да се согледува како прашање на современ тренд, туку како индикатор за зрелоста и адаптивноста на општеството во одговор на сѐ покомплексните психолошки и развојни потреби на современиот човек.

Со кои предизвици најчесто се соочуваш во твојата работа?

Еден од најчестите предизвици во мојата работа е недоволното разбирање на суштината и целите на музикотерапијата, што често бара континуирано стручно објаснување на методот, неговите принципи и терапевтски потенцијали, иако тоа понекогаш претставува дополнителен напор, го доживувам како составен и значаен дел од професионалната одговорност и едукацијата на пошироката заедница.

Посебен професионален предизвик, но и силна мотивација, претставува работата со деца кај кои е присутна минимална или ограничена комуникација. Во тие случаи, музикотерапијата често отвора алтернативен канал за изразување – преку звук, ритам или песна – при што дури и најмалите знаци на вокална или емоционална реакција, како спонтано потпевнување или активно вклучување во музичката интеракција, претставуваат значаен терапевтски напредок.

Токму овие постепени, но автентични промени ја потврдуваат вредноста на процесот и претставуваат најсилна потврда за ефикасноста на музикотерапијата како медиум за градење релација, комуникација и емоционална поврзаност.

Што би им препорачала на луѓето кои чувствуваат внатрешен немир, но сè уште не се подготвени да побараат стручна помош?

На луѓето кои чувствуваат внатрешен немир, а сѐ уште не се подготвени да побараат стручна помош, би им препорачала најпрво да си дозволат да го препознаат и именуваат сопственото доживување, без осуда и притисок дека веднаш мора да „направат нешто“. И самиот чин на прифаќање дека постои внатрешна непријатност претставува прв чекор кон психолошка свесност и саморегулација.

Доколку не се подготвени за формален терапевтски процес, корисно е барем да побараат мислење или разговор со стручно лице, во форма која за нив е најмалку оптоварувачка – информативен разговор, советување или еднократна консултација. Таквиот контакт често ја намалува анксиозноста поврзана со самата идеја за терапија и може да помогне во подобро разбирање на сопствената состојба.

Музиката и креативноста можат да помогнат, но не треба да бидат единственото решение. Најдобро е тие да се користат заедно со разговор и работа со стручни лица, особено кога проблемите се подлабоки. Тие не можат да ја заменат стручната проценка, ниту структурираната терапевтска интервенција.

Одбивањето или одложувањето на барање стручна поддршка честопати не е знак на сила, туку на внатрешна стигма и недоволна психолошка писменост. Барањето помош, напротив, е чин на лична одговорност и свесност за сопственото ментално здравје, а правото да се побара поддршка не треба да зависи од степенот на „издржливост“, туку од реалната потреба.

Тагови: ментално здравје уметност музикотерапија

Промовирани огласи »

Најди работа во Струмица!

Најнови огласи за работа во Струмица!

Дали сте во потрага по нова кариера или сакате да пронајдете идеална работна позиција во Струмица? Најновите огласи за работа се тука за да ви помогнат! Без разлика дали сте искусен професионалец или штотуку ја започнувате вашата кариера, сега е вистинскиот момент да ја најдете вашата шанса.

Аплицирајте на отворените позиции:

Бравар во одделение за регионски поправувачи (југо-источен регион)
Раководни лица - Струмица
Агент за продажба во Струмица за Хо-ре-ка
Оператор за уплатно место во Струмица

Не пропуштајте ја можноста да ја пронајдете работата што ја посакувате. Прелистајте ги најновите огласи за работа во Струмица и започнете го новото поглавје од вашата кариера!

За повеќе информации, посетете го веб сајтот KARIERA.mk и аплицирајте уште денес!

Промовирани огласи »

„Возачка дозвола или еден месец без храна и сметки?“

Дали секој Македонец може да си приушти возачка дозвола?

Добивањето на возачка дозвола во Македонија во 2026 година стана симбол на финансиска издржливост, наместо обична административна процедура. За многу граѓани, прашањето дали можат да си дозволат да полагаат веќе не зависи од нивната желба за возење, туку од нивната способност да издвојат огромна сума пари. Овој трошок полека го претвора правото на движење во луксуз достапен само за оние со подлабок џеб.

Главниот удар по семејниот буџет доаѓа уште на самиот почеток со цените на автошколите кои достигнаа рекордни висини. Теоријата и практичните часови по возење сега чинат над 30.000 денари, што е сериозна сума за секое просечно домаќинство. Без овие часови не може да се започне процесот, а цената само продолжува да расте како што се додаваат дополнителни задолжителни давачки.

Растот на цените на нафтените деривати и трошоците за одржување на модерните возила се главните оправдувања на автошколите за ваквите високи тарифи. Инфлацијата ги притисна сите сектори, па ниту образованието на идните возачи не остана поштедено од овие пазарни промени. Сопствениците на школи тврдат дека со пониски цени не би можеле да ги покријат ниту основните трошоци за плати и сервис на возилата.

Но, трошоците не застануваат тука, бидејќи кандидатите мора да се соочат со низа административни „стапици“ кои бараат дополнителни средства. Лекарското уверение, курсот за прва помош во Црвениот крст и разните такси за аплицирање додаваат уште најмалку 5.000 до 7.000 денари на вкупната сметка. Овие „скриени“ трошоци често се забораваат во првичните калкулации, но се неизбежни за секој што сака да стигне до испитниот центар.

Најголемиот психолошки и финансиски товар доаѓа во моментот кога кандидатот треба да се појави пред испитна комисија. Секој пад на градското возење или на полигонот значи нова уплата од околу 5.000 денари, што за многумина претставува вистинска катастрофа. Овој систем на „казнување“ за грешки го прави процесот исклучително стресен, бидејќи секоја мала невнимателност чини колку една неделна домашна потрошувачка кошничка.

Кога ќе се направи финалната пресметка, просечниот Македонец треба да издвои помеѓу 40.000 и 45.000 денари за да стане легален возач. Ако ова се спореди со просечната нето-плата во државата, станува јасно дека за една возачка дозвола се потребни скоро два месеци работа без никакви други трошоци за живот. Овој сооднос е поразителен и директно влијае врз квалитетот на животот и плановите на многу семејства.

Младите луѓе кои допрва треба да застанат на свои нозе се најмногу погодени, бидејќи ретко кој од нив има сопствена заштеда од ваков обем. Тие најчесто се потпираат на финансиска помош од родителите или долготрајно штедење, што значително ја одложува нивната мобилност и независност. Така, возачката дозвола станува „скап подарок“ наместо нешто што младиот човек може сам да го постигне со својот труд.

Парадоксално е што многу работодавци денес бараат возачка дозвола како основен услов за вработување, дури и за позиции кои не се директно поврзани со транспорт. Ова ги става невработените лица во невозможна позиција – мораат да платат за дозвола за да почнат да работат, а немаат пари токму затоа што немаат работа. Оваа економска бариера го кочи развојот на пазарот на труд и ја продлабочува социјалната несигурност кај граѓаните.

На крајот, јасно е дека одговорот на прашањето дали секој Македонец може да си приушти возачка дозвола е горчлив и честопати негативен. Без воведување на субвенционирани обуки или олеснувања за студентите и социјално загрозените категории, воланот ќе остане недостижна цел за голем дел од популацијата. Државата мора да препознае дека мобилноста е основна потреба во модерното општество, а не луксуз кој треба постојано да поскапува.

Тагови: возачка дозвола Македонија цени

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »