Промовирани огласи »

Дамјан Ристовски: Младиот ткајач кој ја оживува македонската традиција и народните носии

Разбојот како мир, ткаењето како уметност

Кој е Дамјан Ристовски? Кажи ни нешто повеќе за себе.

Искрено, најтешко ми е кога треба да зборувам за себе, но ќе се обидам накратко да се претставам. Доаѓам од скромно семејство во кое отсекогаш се почитувале традициите, а токму таквото воспитување ме научи да ги негувам, применувам и да ги оттргнувам од заборав.

Средното образование го завршив во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, на насоката за традиционална музика и игра, а потоа се надградував на ПМФ, на Катедрата за етнологија и антропологија. Тоа беа единствените патишта на кои се гледав себеси – прво како ученик, а подоцна и како студент.

Со ткаењето се занимавам веќе десет години, а како најголем успех го издвојувам дуќанот за народни носии во центарот на градот – место каде што ткаењето не е само занает, туку жива традиција што продолжува да се негува и одржува

Колку детството и средината во која си израснал влијаеја врз тоа што денес го работиш?

Искрено, детството и средината во која израснав имаа големо влијание врз тоа што го работам денес. Имав среќа да растам со баба и дедо, од кои природно се пренесуваа традициите, обичаите, песните, начинот на ткаење и многу други стари, веќе подзаборавени вредности.

Како изгледаше твојата прва средба со вештината на ткаење и работата на разбој?

Можам да кажам дека мојата приказна со ткаењето започна сосема случајно. Сè започна со една снимка на YouTube, од која се роди желбата да ткаам на разбој. Подоцна пронајдов разбој, го купив и почнав да ткаам, а денес веќе професионално се занимавам со оваа вештина.

Кој дел од процесот на изработка на традиционална носија ти е најпредизвикувачки, а кој најисполнувачки?

Искрено, сновењето – односно подготовката на основата за разбојот – е најкомплицираниот дел од процесот. Понекогаш трае и по неколку часа и навистина бара голема прецизност и внимание за да не се направи грешка. Најисполнувачкиот дел, дефинитивно, е самото ткаење. Шарањето на платното што се создава е вистинска уметност и процес што бара многу време, трпение и посветеност.

Дали има некоја носија или предмет што за тебе има посебна емоционална или културна вредност?

Секако дека има. Поседувам носии кои се дел од моето семејство, наследени од моите баби и прабаби, и токму тие ми се најдраги во колекцијата, бидејќи имаат посебна емоционална и културна вредност за мене.

Како изгледа еден твој „обичен“ ден кога работиш на терен или на разбој?

Искрено, кога се работи на разбој, сè друго се остава настрана. Се „влегува“ во разбојот и целото внимание и мисли се насочени кон ткаењето. Тоа е процес кој многу му годи на ткајачот – носи смиреност, релаксација и вистинско уживање во работата.

Работата на терен, пак, е нешто што навистина треба да се доживее. Топлината на луѓето, разговорите со бабите кои раскажуваат за своите свадби и убавите моменти од животот – сето тоа е едно посебно искуство. Секој терен е различен, секое село има своја приказна, но топлината и желбата за разговор се насекаде исти.

Што следно планираш – има ли нов проект или истражување што можеш да ни го најавиш?

За мене, 2026 година е јубилејна и по тој повод ќе биде објавен мојот втор каталог за народни носии. Во него ќе бидат претставени носии од мојата колекција, собирани во изминатите десет години. Секако, се работи и на други проекти, но овој ќе заземе најмногу време и внимание, со цел да биде завршен како што доликува на една деценија вложен труд.

Тагови: обичаи традиции уметност носии

Промовирани огласи »

Зошто платата никогаш не е доволна?

Главните причини што го празнат вашиот буџет

Иако многумина работат напорно и имаат стабилни примања, чувството дека платата никогаш не е доволна станува сè почесто. Причината не е само во висината на платата, туку и во растечките трошоци за живот, инфлацијата и постојаното зголемување на цените на основните производи и услуги. Дури и кога примањата се зголемуваат, реалната куповна моќ често останува иста или се намалува.

Друг важен фактор е начинот на живот. Современото општество постојано создава нови потреби – технологија, патувања, подобар стандард, удобности – што го зголемуваат притисокот врз личниот буџет. Луѓето често се споредуваат со другите, што дополнително ги мотивира да трошат повеќе отколку што можат да си дозволат. Така, платата не исчезнува само поради трошоците, туку и поради очекувањата што самите си ги поставуваме.

На крајот, проблемот не е само економски, туку и психолошки. Чувството на финансиска несигурност создава впечаток дека „никогаш не е доволно“, дури и кога објективно платата е солидна. Затоа, решението не лежи само во повисока плата, туку и во подобро управување со парите, реални очекувања и поинаков однос кон потрошувачката.

Тагови: инфлација плата потрошувачката кошничка трошоци

Промовирани огласи »

Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.

Истото, може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.

Со отворањето на овој шалтер Министерството за внатрешни работи уште еднаш ја потврдува својата заложба, отвореност и посветеност кон безбедноста и потребите на граѓаните, велат од МВР. 

Тагови: Министерство за внатрешни работи (МВР) Сејф сити - Безбеден град

Промовирани огласи »

Амазон укинува 16.000 работни места во рамки на глобално реструктуирање

Амазон најави укинување на 16.000 работни места за да ја намали бирократијата и да ја зголеми ефикасноста, додека пазарот внимателно ги очекува годишните финансиски резултати.

Амазон ќе укине 16.000 работни места низ целиот свет како дел од реструктуирањето објавено во октомври, соопшти компанијата. Намалувањата се дел од поширок план за реорганизација кој, според медиумски извештаи, опфаќа околу 30.000 позиции или приближно 10 проценти од 350.000-те канцелариски вработени.

Вишата потпретседателка на Амазон, Бет Галети, изјави дека мерките се насочени кон „намалување на менаџерските слоеви, зголемување на личната одговорност и елиминирање на бирократијата“. Намалувањата нема да ги засегнат работниците во дистрибутивните центри и магацините, кои го сочинуваат најголемиот дел од околу 1,5 милиони вработени во компанијата.

Амазон ќе ги објави своите финансиски резултати за целата 2025 година на 6 февруари, кога е закажан и конференциски повик во живо со инвеститорите. Пазарот внимателно ги очекува податоците за да оцени како ќе се одразат овие масовни кратења врз профитабилноста и идната стратегија на технолошкиот гигант.

Тагови: Amazon работа

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »