Која е Христина Наќевска Митрашиновиќ ? Кажи ни нешто повеќе за себе.
Христина Наќевска Митрашиновиќ е балерина која уште од најрана возраст го избрала балетот како свој животен пат. Балетот не го доживувам само како професија, туку како начин на размислување, дисциплина и животна определба. Преку движењето раскажувам приказни, емоции и состојби кои често не можат да се искажат со зборови.

Колку поддршката од семејството и блиските ти значеше во градењето на кариерата?
Поддршката од семејството и блиските ми беше тивка сила што ме држеше исправена и кога беше најтешко. Нивната верба ми даваше храброст да продолжам напред, дури и во деновите кога патот изгледаше премногу стрмен. Балетот бара огромни жртви, физички и психички, и без разбирање и поддршка од најблиските, овој пат би бил многу потежок. Тие беа тука и кога имаше аплауз, но и кога имаше сомнеж и замор.
Што сè мораше да жртвуваш за да стигнеш до нивото на кое си денес?
Балетот бара целосна и безрезервна посветеност. На овој пат жртвував многу – време со семејството и пријателите, спонтаност, празници, па дури и дел од личниот комфор. Додека другите живеат поопуштено, балерините постојано се во сала , внимаваат на својот изглед и ја носат одговорноста на сцената и надвор од неа.
Освен физичките жртви, постојат и оние тивките, внатрешните – справувања со замор, болка, сомнежи и постојани очекувања. Но сите тие жртви имаат своја смисла. За возврат добив чувство дека живеам автентично, дека сум верна на својата страст и дека секој чекор на сцената е резултат на долгогодишна работа и љубов кон уметноста.
Токму тие жртви ме изградија не само како уметник, туку и како личност – посилна, поистрајна и посвесна за вредноста на секој успех.

Како изгледа еден твој типичен ден исполнет со проби, тренинзи и настапи?
Денот најчесто започнува со задолжителните вежби коишто ги имаме секој ден , продолжува со проби кои траат со часови , а често завршува и со дополнителна физичка активност . Тоа е динамичен, интензивен ритам кој бара целосна фокусираност и енергија.Доколку имам претстава претежно наутро сум слободна ,а 3-4 часа пред почетокот на претставата одам во театар за да се подготвам.

Дали имало момент кога си помислила да се откажеш – и што те задржа на овој пат?
Да, имало тешки моменти. Секој уметник ги има. Меѓутоа никогаш не сум се сомневала во самата себе или сум сакала да се откажам поради заморот и тежината коишто ги носи оваа професија, туку причината секогаш била околината,луѓето , неправдата којашто ја има во секоја професија во нашава држава за жал и едноставно притисокот некогаш е преголем.
Но љубовта кон сцената и чувството кога си дел од приказна што допира луѓе, секогаш ме враќале назад. Тоа чувство е посилно од се друго и нормално ме задржува тоа што сум упорна да ја достигнам целта што сум ја зацртала.

Кој настап или улога ти е особено драга и зошто?
Секоја улога носи нешто свое, но најдраги ми се оние кои бараат не само техника, туку и длабока емоционална вложеност. Улогите во кои балетот престанува да биде само „убав“ и станува вистински силен и болен, ми се особено значајни.
Како омилени сега за сега можам да ги издвојам Есмералда и Жизел токму поради емоционалната и драмска сложеност .
Што за тебе значи успех – аплаузот, личното задоволство или нешто трето?
За мене, успехот не се мери само со јачината или должината на аплаузот, но не можам да кажам дека тој не ми значи. Аплаузот е жив доказ дека приказната стигнала до некого, дека движењето било видено, почувствувано и разбрано. Тој момент на заедништво меѓу сцената и публиката е силен и незаменлив.
Но вистинската мера на успехот за мене доаѓа во тишината што следи потоа. Кога светлата ќе се изгасат и ќе останам сама со себе, ако чувствувам мир и знам дека сум била искрена, дека сум дала сè што сум имала – тогаш аплаузот станува повеќе од звук. Тој станува потврда за емотивниот траг што сум го оставила на сцената.

Како се справуваш со критики и очекувања, и дали тие те мотивираат или оптоваруваат?
Критиките ги доживувам како неопходен дел од растот, и како уметник и како личност. Секако дека не е секогаш лесно – има моменти кога зборовите знаат да тежат, особено кога си вложил огромен труд и емоција. Но со тек на време научив да ги слушам критиките без да дозволам да ме обесхрабрат, туку да ги претворам во алатка за напредок.
Во балетот, улогата на репетиторот или менторот е клучна. Тоа е личноста што постојано те набљудува, ти укажува на деталите, на грешките, на нијансите кои публиката можеби никогаш нема да ги забележи, но кои ја прават разликата меѓу коректна и вистински силна интерпретација. Ти мораш да ги прифатиш тие забелешки и да ги примениш, дури и кога тоа значи да се соочиш со сопствените слабости. Токму во тој процес се случува вистинскиот уметнички раст.
Очекувањата се големи, но јас ги доживувам како доверба и предизвик, а не како товар. Тие ме туркаат да бидам подобра секој ден, да не се задоволувам со просечното и постојано да го надминувам сопствениот лимит.

Дали сметаш дека балетот и класичниот танц добиваат доволно внимание и поддршка кај нас?
Сметам дека балетот и класичниот танц заслужуваат многу поголемо внимание, почит и институционална поддршка отколку што моментално ја добиваат. Зад секоја претстава не стои само еден настап, туку години континуирана работа, дисциплина, жртви и искрена љубов кон уметноста.
Балетот е уметност која бара целосна посветеност уште од најрана возраст, постојан физички и ментален ангажман, како и системска грижа за уметниците. За жал, трудот што го вложуваат балетските уметници често останува недоволно видлив и недоволно вреднуван.
Верувам дека со поголема поддршка, едукација на публиката и почит кон процесот, балетот може да заземе многу позначајно место во културниот простор кај нас. Уметноста опстојува само таму каде што е препознаена и негувана, а балетот несомнено го заслужува тоа.

Ако не беше балерина, што мислиш дека ќе беше денес?
Иако е тешко да се замислам надвор од балетот, верувам дека повторно ќе бев поврзана со уметноста и движењето. Тоа е начинот на кој најискрено го разбирам светот и комуницирам со него. Без разлика дали преку танц, педагогија или некоја друга форма на креативно изразување, сигурна сум дека ќе барав простор каде телото, емоцијата и идејата се спојуваат во едно.
Уметноста за мене отсекогаш била повеќе од професија – таа е потреба, начин на размислување и животна насока. Затоа, дури и без сцената, би продолжила да создавам, да инспирирам и да живеам преку движењето.
Тагови: професии уметност балерина