Министерството за внатрешни работи набави нова генерација специјализирани патролни возила – современи модели на „Форд“ со интегрирани радарски системи, камери со висока резолуција и софтвер за моментално лоцирање и документирање на сообраќајни прекршоци. Овие мобилни радари ќе патролираат низ целата држава и ќе регистрираат пречекорување на брзината во градови, на регионални патишта и на автопат, по примерот на повеќе европски земји каде што ваквите системи веќе се покажале како ефикасни во намалување на прекршувањата.
Иако техничката опрема е веќе презентирана – фотографијата од внатрешноста на возилата ја објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по посетата на централниот систем „Безбеден град“ (Safe City) – МВР сè уште не открива кога новите радари ќе влезат во редовна употреба. Не е познато ниту дали возачите ќе бидат запирани на лице место или казните ќе им бидат доставувани по пошта, како што функционира постојниот „Safe City“ систем.
Новите возила доаѓаат паралелно со измените на Законот за безбедност на сообраќајот, со кои прекршоците документирани со камери, сензори и други технички уреди се признаваат како валиден доказ. Во првата фаза системот ќе регистрира пречекорување на брзината, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајната дозвола и непрописно паркирање, а во следната фаза е најавено проширување на листата на прекршоци што ќе се евидентираат по автоматски пат.
Тагови: МВР Сејф сити - Безбеден град