Која е Ивана Стојановска, може ли да ни раскажете малку за себе?
Јас сум Ивана Стојановска,социолог по професија, креативец по природа и жена која верува во силата на човечката поврзаност и убавината на создавањето. Моето секојдневие е спој од работа со деца, разговори што инспирираат и моменти кога од парче волна се раѓа идеја. Сакам да создавам нешта што носат топлина, убавина и приказна ,било тоа да е насмевка, збор или мал детал што ќе го направи денот подобар. Социологијата ми овозможува да го разбирам општеството и луѓето во него, нивните однесувања, мотиви и односи и тоа знаење го преточувам во креативни форми: во модни парчиња, идеи или симболи што носат енергија, порака и приказна.

Што ве инспирираше да започнете со изработка на накит од мерино волна?
Woolloow настана од љубов, љубов кон создавање, текстури и нешта што носат топлина. Првпат кога направив накит од мерино волна, почувствував дека тоа е нешто што ми припаѓа. Волна како материјал има душа , нежна, природна и променлива, а од неа може да се создадат безброј форми и приказни. Тоа чувство на слобода и можност од обична нишка создадам нешто што ќе го разубави секојдневието на некого беше мојата најголема инспирација.

Како успевате да го балансирате професионалниот ангажман и креативната страст?
Искрено, не е секогаш лесно. Работата во училиштето бара фокусираност и посветеност, а креативноста бара тишина, време и инспирација. Но токму тие два света ме надополнуваат, едниот ме држи приземно, другиот ме потсетува колку е убаво да фантазирам. Балансот го наоѓам преку дисциплина, љубов и мотивација. Кога нешто го правиш од срце, секој дел во денот си го наоѓа своето место.

Од каде ја црпите инспирацијата за вашите нови модели и текстури?
Инспирацијата најчесто доаѓа од секојдневието,од природата, боите на годишните времиња, чувствата, па дури и од музика или разговор со некого. Сè што ме трогнува може да стане идеја за ново парче. Понекогаш тоа е топлината на едно утро, понекогаш , тишината на зимска вечер. Волна е благодарен материјал затоа што дозволува да ја преточиш емоцијата во нешто реално.
Кои се најголемите предизвици при рачната изработка на накит од волна?
Најголемиот предизвик е трпението. Процесот бара време, внимание и прецизност, од избор на боја до обликување и финален производ. Понекогаш едно парче го правам со денови, додека не ја добијам вистинската форма. Но токму тоа го прави секој производ посебен , фактот дека низ него поминува дел од моето време, енергија и љубов.

Дали имате омилен модел или колекција што ја издвојувате со посебна гордост?
Секое парче има своја приказна и посебна емоција, но најмногу ми значат првото венче и првите брошеви под брендот Woolloow , токму со нив започна сè. Во нив има искреност, возбуда и оној прв творечки импулс кој тешко се повторува. Кога ќе видам дека некој го носи моето парче и искрено се насмевнува, тоа е најубавата потврда дека трудот и љубовта вложени во него стигнале таму каде што треба ,до нечие срце.

Како ја доживувате улогата на боите и текстурите во креирањето на накит?
Боите и текстурите се јазикот преку кој зборувам. Тие пренесуваат расположение, енергија и порака. Мека текстура може да даде чувство на топлина, додека силна боја носи храброст и израз. Се трудам секој модел да има хармонија меѓу форма и боја , за да
Како се обидувате да ја одржите уникатноста и личниот печат во време на брзи модни трендови?
Верувам дека автентичноста никогаш не излегува од мода. Не следам трендови слепо, туку ги прилагодувам на мојот стил и на моите вредности. Секое парче што го правам мора да има душа,тоа е моето мерило. Кога нешто е создадено искрено и со љубов, луѓето тоа го чувствуваат.

Кој совет или порака би им ја дале на луѓето кои сакаат да започнат свој бренд на накит?
Бидете искрени во тоа што го правите. Не се обидувајте да бидете како другите, најубавите нешта се раѓаат кога ќе го следите својот ритам и ќе му верувате на процесот. Талентот е важен, но уште поважно е трпението, посветеноста и љубовта. Ако го правите тоа што ве радува, успехот ќе дојде природно.