Во доцните 2000-ти и раните 2010-ти, модната сцена беше исполнета со неизгланцани фотографии, тесни кожни панталони, Converse и хаос што се гледаше на Tumblr и MySpace. Овој стил, сега познат како indie sleaze, се враќа преку генерацијата Z, која иако не го живеела тоа време, го доживува како „последен здив на слободата пред дигиталниот надзор и филтрите“. Легендарниот модел на патики Bekett од Isabel Marant, што ги носеше и Beyoncé, повторно е во мода – овој пат со ќерката на Kate Moss во главната улога.
Gen Z го преработува овој стил во своја верзија: повеќе иронија, повеќе свест, но и желба да се побегне од совршенството на Instagram. Во време кога сè изгледа префинето и филтрирано, indie sleaze нуди ослободување – крпени маички, размачкан шминкa и ништо-посебно-фризури како симбол на автентичност. Како што вели дизајнерката Marant:
„Денес сè е толку исполирано, толку лажно. Тоа не е рокенрол.“
Овој тренд не е нов термин. Тогаш се викаше „hipster style“, а не „indie sleaze“. Но TikTok го врати во фокус, особено по долгите карантини, кога младите почнаа да копнеат по хаос, контакт и изразување без граници. Сцените од клубови, помалку совршениот изглед и гламурот помешан со пот и цигари, стануваат симбол на носталгија и бунт.
Модната куќа на Isabel Marant повторно цвета – побарувачката расте, особено кај Gen Z што не можеле да присуствуваат на ниту една indie журка, но сакаат да изгледаат како да биле таму. „Носталгијата за време што не си го живеел е уште посилна“, вели Marant. Дури и старите Marant парчиња стануваат хит на платформи како Vestiaire Collective и The RealReal.
Без разлика дали се враќа од љубов кон модата, бунтовноста или едноставно затоа што се уморни од филтрирани совршенства, младите го избираат indie sleaze како свој израз. Не затоа што е ново, туку затоа што е вистинско. Или барем изгледа така.
Тагови: мода