Во време кога секојдневието пулсира со голема брзина, кога вниманието сè почесто се дели на фрагментирани информации, а тишината е реткост, книгата останува засолниште.
Таа е знак на внатрешен мир, алатка за разбирање на светот и на себе. А таму каде што книгата се негува, културата се развива.
Водени од оваа идеја, пред една година, Кромберг & Шуберт - Битола ја отвори својата прва интерна библиотека, место создадено со љубов, посветеност и верба во знаењето како двигател на секој напредок.
Библиотеката е достапна за сите 7000 вработени, како простор за поттикнување на љубопитноста, проширување на видиците и исклучување од секојдневниот ритам за миг на инспирација. Нивната библиотека е само дел од симболите посветени кон човечкиот капитал, кон она што секој вработен го носи во себе, желбата да учи, да сонува, да се развива.
Во изминатите 12 месеци, библиотека била посетена од стотици вработени, прочитани биле десетици наслови, споделени препораки, а со тоа создадена е и култура на читање, размислување и внатрешно збогатување.
За да ја поттикнат дополнително оваа култура и да им оддадат признание на оние кои најмногу ја искористија можноста, компанијата ги награди тројцата најактивни читатели:
Сузана Колевска
Славе Момировски
Гордана Секуловска
Тие се пример за тоа како, и покрај динамичното секојдневие, може да се најде време за себе, за личен раст преку зборот, приказната и размислувањето.
„Библиотеката ми стана лична зона за бегство од секојдневието. Најчесто позајмував книги за време на викендите, тогаш, поради семејните обврски, времето ми беше ограничено, но сепак наоѓав мирни моменти во кои навистина можев да се посветам на читањето. Ми стана навика секогаш да носам книга со себе, за во автобус, за на пауза, дури и за неколку страници додека одам дома. Тоа време ми беше доволно да се поврзам со некоја приказна, да се опуштам, да се насмеам или да научам нешто ново. Читањето го препорачувам на сите колеги, бидејќи токму тоа ни треба во животот и во работата: малку магија, малку верба и многу срце.“
- Изјави Сузана Колевска една од најактивните читатели.
Проектот што оваа година го организираа од Кромберг Шуберт беше со наслов: „КРОШУ инспирира преку книга“
Како дел од нивната посветеност кон културниот развој и инспирацијата од досегашниот успех на библиотеката беа инспирирани да го организираат проектот на кој беа собрани 1007 книги, секоја донирана со љубов, со своја порака, со сопствено значење.
Одделите се натпреваруваа преку креативни штандови, донации на книги, читање на проза, поезија и квизови. Но, повеќе од сè, се натпреваруваа во покажување дека КРОШУ има колектив што чита, размислува и се грижи.
Победници беа сите вработени, учесници, поддржувачи, и особено оние кои покажаа дека корпоративната култура не е само збор на хартија, туку живо, инспиративно и динамично искуство.
Настанот беше поддржан од комисија составена од претставници на различни партнери на компанијата и тоа:
- Ирина Чифревска Велкоска – Индустри Сервис
- Благица Илиевска – Хауз Мајстор Плус
- Фатма Бајрам Аземовска – НУУБ „Св. Климент Охридски“, Битола
- Владимир Таневски – МиГ Травел
Посебно емотивно одекна изјавата на Фатма Бајрам Аземовска, претставничка од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола:
„Фабриката, како работна и продуктивна средина, преку иницијативи како оваа покажува дека вложувањето во културата на читањето и едукацијата е исто толку важно колку и вложувањето во технолошки и човечки ресурси. Интерната библиотека е доказ дека и работното место може да стане простор за личен раст, инспирација и заедничка вредност.“
Собраните книги остануваат достапни за сите вработени во библиотека на Кромберг и Шуберт, која не е само физички простор, таа е идеја. Идеја дека преку читањето ја градат иднината во која вредноста не се мери само во производи, туку и во зборови, знаења, вештини и идеи.
Културата не е луксуз, таа е она што ги прави луѓето подобри пријатели, колеги, поисполнети луѓе и поодговорни граѓани.
Библиотеката не е нивната крајна станица, таа е почеток на нови патувања, секојпат кога некој ќе избере книга од полицата. Во Кромберг и Шуберт – Битола продолжуваат и понатаму да градат култура на љубопитност, читање и постојан личен и професионален развој.
И како симболичен крај, а можеби и нов почеток споделуваме неколку строфи од прозата на Емилија Дамјановски, дел од тимот на КРОШУ:
Погледни!
Светот ти се насмевнал,
Те зграпчил во скутот,
те завил в прегратка,
те опил со љубовен мирис.
Погледни!
Околу тебе се е обоено,
ако срцето ти посака,
да пловиш во шаренилото.
Не покривај ги очите,
остави ги пеперутките
да треперат во боите на божилакот.
Остави ги гранките
да танцуваат на ветрот,
чиниш мајка го лула своето дете.
Остави ги зраците нека блескаат,
а ти радувај се на сјајот.
Погледни!
Насмевки се истураат врз тебе,
ти не отварај чадор,
не ставај штит,
пушти нека врни,
нека врни среќа,
нека истури љубов,
и молњи нека светат,
и очи нека блескаат,
и чувства нека трепкаат.
Погледни
Толку емоции застанале на овие полици,
толку воздишки,
низ прстите раскажани.
Дај им да живеат
во тебе, во мене во нас,
со книгите несебично
сподели неколку мига,
Денес и КРОШУ инспирира преку книга.
Тагови: Kromberg & Schubert Macedonia Bt DOOEL