Creative Hub е Центар за неформално образование со Академии за маркетинг и ПР, графички дизајн и програмирање. Центарот е фокусиран на давање вештини на идни професионалци како и нивно поврзување со компании, партнери или инвеститори. Инспирирани од успесите на Creative Hub, KARIERA.mk се потруди да овозможи екслузивно интервју со основачот и раководител на Creative Hub - Аријана Коскарова. Во ова интервју ќе имате можност да дознаете нешто повеќе за нејзиното искуство, креирањето на Creative Hub, а воедно и ќе добиете и некои совети како идни претприемачи.

Како дојде до идејата за формирање на Creative Hub?
Како и што вели правилото пред да почнеш еден бизнис, одговори си на прашањето “Дали има потреба на пазарот и како твојот производ или услуга го решава тој проблем?”. Токму потребата од квалификувана работна сила и несоодветното образование во нашата земја ја отворија идејата за формирање на центар како Creative Hub. Некои можеби ќе речат, да но отсекогаш постоеле центри за едукација, на што јас се согласувам исто како и што постојат многу кафетерии, но сепак еден е Starbucks. Сакавме да изградиме бренд кој ќе биде препознатлив по квалитет, а не само уште еден едукациски центар. Бренд кој ќе им понуди квалитетно образование, поврзување со професионалци од индустријата, насока за работа тука или во странство и секако можност за подобра кариера.
Кој беше твојот најголем предизвик во формирањето на Creative Hub?
Немав никакво искуство во формирање и раководење на сопствен бизнис, па оттаму и многу грешки кои ги направив на почетокот. Но никогаш не се покајав што избрав да бидам претприемач.
Имаше можност да живееш во повеќе држави, да видиш различни култури и сепак се одлучи за вложување во Македонија. Што најмногу те мотивираше за тоа?
Најефтино место за да започнеш бизнис, и најлесно да го пропаднеш. Вистински предизвик, бидејќи ти требаат малку финансиски ресурси за старт, но исто така имаш и мал пазар со мала куповна моќ.

Убедени сме дека имаш многу поголеми желби и планови. Кои се твоите следни чекори? Што е следното нешто кон кое целиш?
Како завршува годината така верувам дека сите работат на преиспитување на сопствените цели и планови. Иако во мојата природа е освојување и позиционирање на нови пазари, сепак овојпат ќе кажам континуирано подобрување на услугата во чекор со светските стандарди која ја нудиме во регионот односно на пазарите на кои сме застапени во Македонија, Косово и Албанија.

Кој е твојот совет за оние кои стравуваат од неуспех?
Неуспехот е најголемиот учител. Ако се оди добро, ништо нема да подобриме. Ние нема да се подобриме. А целта е да растеме, ние и бизнисот.