Министерството за финансии ќе го финализира ребалансот за годинава и најверојатно веднаш ќе почне со подготовка на буџетот за следната година. Станува збор за буџет кој треба да ги решава проблемите од економската криза, но и да ги вметне и преку него да се остварат дел од ветувањата кои беа во програмата за работа на новата Влада. Од неа, најавените пензиски реформи најмногу ја разбрануваа јавноста, но според наши информации уште нема конкретни анализи и законско решение за можноста за предвремено пензионирање. Се прават модуси само како да се примени законски задолжителното пензионирање на 64 години за мажи и 62 за жени.

Од Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување за Фактор велат дека нема никаква активност, но не сакаа да коментираат. Директорот Шаип Зендели вели дека нема конечни законски измени и затоа не може да каже било што. Сепак измените секако треба да следуваат по анализа во која ќе е вклучен и Фондот но се тврди дека нема најави.
Можноста за предвремено пензионирање до максимум пет години пред остварувањето на правото на пензија, ама со намален износ, ја најави Владата во новата програма за работа од 2020 до 2024 година. Во програмата не беа наведени рокови ама се тврдеше дека тоа ќе биде од 2021 година. Сепак дали идниот буџет ќе го издржи овој „товар“ допрва ќе се прават пресметки.
„Ќе овозможиме флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија. Зајакнување на улогата на старите лица во локалните заедници и обезбедување услови за вклучување во јавниот живот, стои во програмата.
Повеќе прочитајте на Фактор.мк