Помалку стрес, повеќе време за семејството и уште поголема продуктивност тврди германска студија која открила дека работењето од дома за време на коронакризата работниците го доживуваат како позитивна промена.

Студија: Работењето од дома за време на пандемијата носи помалку стрес, а поголема продуктивност
Помалку стрес, повеќе време за семејството и уште поголема продуктивност тврди германска студија која открила дека работењето од дома за време на коронакризата работниците го доживуваат како позитивна промена.
„Вработените кои за време на коронакризата се префрлиле да работат од дома поретко се изложени на стрес и се попродуктивни“, според студијата спроведена од Институтот Форс и ИГЕС за компанијата за здравствено осигурување ДАК.
Пред појавата на пандемијата, 21% од анкетираните изјавиле дека биле под стрес, додека истото за време на коронакризата го тврделе само 15%.
56 проценти од оние кои редовно работат од дома изјавиле дека дома се чувствуваат попродуктивно отколку на работа.
Понатамошни позитивни ефекти од работењето од дома се подобро усогласување на работата и семејството (две третини од испитаниците), а истиот дел од испитаници како особено позитивен ефект на работењето од дома го наведуваат отсуството на патување на работа.
76,9 проценти од испитаниците изјавиле дека би сакале да ја задржат оваа форма на работа и во иднина.
„Работата од дома не само што го намалува ризикот од зараза, туку придонесува за ментална рамнотежа“, изјави директорот на ДАК Андреас Сторм.
Тој вели дека овие позитивни откритија треба да се искористат во однос на работењето во иднина и дека треба да се направат напори да се избегнат негативните аспекти на работењето од дома.
Ова првенствено се однесува на проблемот со јасната поделба на приватниот и работниот живот, што е особено наведено како проблем кај помладите вработени, на возраст меѓу 18 и 29 години.
Три четвртини од испитаните како негативност го истакнуваат фактот дека веќе не се гледаат со колегите.
Владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) најави иницијатива за законска регулатива која би овозможила право на работа од дома. На ова силно се спротивставуваат здруженијата на работодавачите.