Странските државјани ниту со негативен тест нема да можат да влезат во Хрватска, рече денеска началникот на Управата за Гранична полиција на Хрватска Иван Ничено.
Тој, според сараевскиот портал Кликс, тоа го рекол на денешната видео конфереција со директорите на граничните полиции на земјите од ЕУ, БиХ и Србија.
Ничено порачал дека влезот во Хрватска нема да биде можен за странските државјани ниту со потврда со негативен тест на болеста.

Според наводите, Ничено на овој начин ја демантирал Алемка Маркотиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести во Загреб, која неодамна изјави дека во Хрватска ќе можат да влезат сите лица кои сакаат, но со задолжителна потврда која не смее да биде постара од 24 часа.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ вчера на прес конференција рече дека таквата одлука е проблематична и дека сè уште се разгледува.
Така одговори на прашањето каде оние кои ќе влезат во Хрватска ќе ги прават тестовите, кој ќе ги плаќа и дали тоа ќе се однесува и на туристите кои ќе доаѓаат во земјата.
Сараевскиот портал пишува дека советникот на директорот на Граничната управа на БиХ Свевлад Хофман, кој бил учесник на денешниот состанок, го прашал Ничено дали државјаните од трети земји, односно оние кои не се членки на ЕУ, ќе може да влезат во Хрватска со патни исправи и со потврда за негативен тест, на што добил одговор дека и натаму е на сила одлуката за забрана на влез на државјани на БиХ во Хрватска.
Рекол дека тоа не се однесува само на оние кои имаат постојано место за живеење во Хрватска, имаат хрватско државјанство или се наоѓаат во транзит.