Промовирани огласи »

Зголемувањето на акцизата на горивата е времена мерка која ќе се применува за време на вонредната состојба и седум месеци потоа. Висината на акцизата ќе биде условена од цената на нафтата на светските берзи. Односно во вонредна состојба на сегашната акциза ќе се наплаќаат дополнително три денари, два денари или нула денари согласно движењата на цената на нафтата на странските берзи, истакнува министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за МИА.

Потенцира дека не се планира зголемување на други давачки, а  дека приходите во Буџетот од почетокот на април до средината на месецот во споредба со истиот период лани, се помали за 20,7 отсто, додека кај даноците и придонесите за 20,1 отст. Реализацијата, вели, во април е во рамки на првото од трите сценарија, односно поповолното.

За растот на економијата годинава посочува дека во  Министерството за финансии се следи ситуацијата, се подготвуваат новите проекции, кои, како што рече, согласно првичните прелиминарни проценки се во линија со проекциите на Меѓународниот монетарен фонд.

Ангеловска наведе дека е започната постапката за издавање на еврообврзница, која,како што рече, се очекува да се финализира на крајот на мај месец.

Со која цел е покачувањето на акцизата, поврзано ли е со буџетските сценарија и дали би дошло до зголемување на некои други давачки или даноци? 

-Ова е времено и условено зголемување на акцизата за горива во земјава за три денари за време на вонредната состојба и седум месеци по тоа. Ова е антикризна мерка и во случај на зголемување на цената на нафтата, акцизата ќе се намали или ќе се врати на претходното ниво.

Висината на акцизата ќе биде условена од цената на нафтата на светските берзи. Односно во вонредна состојба на сегашната акциза ќе се наплаќаат дополнително три денари, два денари или 0 денари согласно движењата на цената на нафтата на странските берзи. Согласно уредбата, во случај цената на нафтата да е под 400 долари по тон, средна берзанска цена на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)“, како што е сега, тогаш ќе се пресметуваат дополнителни три денари на постојната акцизата. Ако цената е од 400 до 600 долари за тон, ќе се пресметува два денари покачување на акцизата. Ако пак цената се врати на нивото од над 600 долари од тон, како што беше на почеток на годината, тогаш нема да се пресметува покачување на акцизата, односно ќе биде 0 денари.

Практично ова би значело ако малопродажната цена на горивата се зголеми за 10 денари, на основната акциза ќе се пресметува зголемување од два денари. Ако малопродажната цена на горивата се зголеми за над 20 денари, акцизата ќе се врати на старо, односно ќе се пресметува 0 денари додаток.

Со оглед дека станува збор за времено покачување, кое е уловено од цената на нафтата на светските берзи, ова нема да има ценовни импликации.  Од почетокот на годината малопродажната цена е намалена за 20 денари, а согласно светските случувања се уште се намалува. Исто така, треба да се земе предвид времениот карактер и условеноста на акцизата од цената на нафтата на светските берзи. Односно ако таа се зголемува, акцизата ќе се намалува.

Цената на суровата нафта на светските берзи отиде во негатива, односно завчера производителите на нафта им плаќаа по 30 долари од барел на купувачите за да ги преземат количините, кога понудата е повеќекратно поголема од побарувачката. Производителите едноставно немаат каде да ја складираат произведената нафта, а со оглед дека најголем број од летовите се приземјени, движењето секаде низ светот ограничено, побарувачката за нафта и во следниот период ќе остане мала, значително помала од понудата.

Целта на оваа мерка да се намалат ефектите врз буџетот од намалена потрошувачка на нафта и намалување на цената на истата. Во 2019 година во буџетот на Северна Македонија биле наплатени 240 милиони евра по основ на акциза од дизел, безоловен и екстра лесно. Според проектираните сценарија по почетокот на кризата на годишно ниво падот на приходот по основ акциза од овие нафтени деривати при значително намалено ниво на потрошувачка би изнесувал 12 отсто споредено со 2019 година или околу 30 милиони евра со основната цена на акцизата. Со уловното зголемување на акцизите за три денари би се надоместил овој пад и би се постигнало истото ниво од 2019 година, во услови ако ниските цени на нафтените деривати се задржат до крајот на годината. Колкав дел би се надоместил, секако зависи од движењето на цените како што кажав.

Инаку, нашата земја убедливо има најниски цени на нафтени деривати во регионот. Така, ако цената на безоловен еуросупер на 20 април во земјава изнесувал 48 денари литар, во Србија изнесувал 73,23 денари за литар, во Косово 74,6 денари за литар, во Албанија 82,46 денари, Грција 85,54 денари. Значи ова се цени кои се над 50, 60, па и 70 отсто повисоки од кај нас. Само Бугарија во нашето окружување има цена која е поблиску до нашата и таа изнесува 57,85 денари по литар или скоро 10 денари повеќе по литар отколку кај нас.

Исто е и со еуродизелот. Ако кај нас е 45 денари по литар, на Косово е 72,62 денари, Грција 73,23, Србија 78,16 денари, Албанија 82,46 денари. Од окружувањето повторно најблиску до цената е Бугарија со 60,92 денари по литар или за третина повеќе во однос на цената кај нас. Ние имаме убедливо најниска акциза за еуродизелот од сите земји, додека заедно со Босна и со Косово имаме најниски акцизи на еуросуперот.

Имаше забелешки зошто не се изедначи акцизата на екстра лесното и до кога ќе се применува оваа мерка?

-Условното и времено покачување на акцизата е антикризнa меркa, која треба да влијае да нема неконтролиран пад на приходите по овој основ, поради падот на потрошувачката и падот на цената на нафта. Решението со три денари еднакво зголемување е предложено за сите деривати, со единствена разлика дека кај екстралесното гориво не е условено од цената, односно останува покачувањето без разлика на движењето, што е всушност и еден чекор кон адресирање на прашањето за екстралесното гориво.

Ова не значи дека не работиме на трајно решение за екстра лесното гориво. Во соработка со Министерството за економија и Царинската управа работиме на предлог решение кое ќе биде издржано и системско. Секако решението на ова прашање е во интерес на животната средина и помало загадување. Сепак, како што кажав се наоѓаме во вонредна состојба и условеното покачување на акцизата за три денари кај нафтените деривати е во форма на анти-кризна мерка во услови кога таа можност е отворена поради големите падови на цената на нафтата, а во насока и интерес на компензирање на падот на приходите по основ акциата од нафтените деривати, како резултат на намалената побарувачка.

Така да ова се две различни прашања и така и треба да ги третираме и да им пристапиме.

За екстра лесното гориво пристапот не е анти-кризна мерка туку системско и долгорочно решение кое вклучува бројни анализи и координација и согласување на сите аспекти со цел да се повлечат правилните одлуки кои ќе го решат ова прашање на долг рок.

Меѓународните институции излегоа со проекции за годинава и предвидениот пад на БДП. Најновата е од ММФ која предвидува пад од четири проценти на македонската економија но предвидува раст од 7 отсто за следната година. Во МФ најавивте дека се прават анализи за проекциите за растот дали веќе се готови и што покажуваат? 

-Здравствено-економската криза која сега му се случува на светот е најголемата криза од Големата депресија наваму. Нема земји кои ќе биде поштедени. Речиси сите проекции за економските резултати се со предзнак минус. Се проектира дека светскиот БДП ќе се намали за 3 отсто, на Европската унија за 7,1 отсто, со тоа што кај германската економија се предвидува пад од 7 отсто, исто така. За македонската економија, Меѓународниот монетарен фонд проектира негативен резултат од 4 отсто. Компаративно, со другите земји од регионот, ова е меѓу најмалите потфрлања  на регионот – за Босна и Херцеговина, Косово и Албанија проектиран е пад од 5 отсто, за Црна Гора и Хрватска од 9 отсто. Повисок раст се предвидува за 2021 година, кога се очекува светскиот БДП да порасне за 5,8 отсто, европскиот за 4,8 отсто. Во регионот, исто така, проекцијата е дека најголем број економии ќе имаат раст од над 5 отсто, како Србија со 7,5 отсто, Република Северна Македонија со 7 отсто, Бугарија со 6 отсто, Косово со 7,5, Албанија со 8, освен Хрватска за која е проектиран раст од 4,9 и Босна и Херцеговина од 3,5 отсто.

Во  Министерството за финансии се следи ситуацијата, се подготвуваат новите проекции, кои согласно првичните прелиминарни проценки се во линија со проекциите на Меѓународниот монетарен фонд. Најголемата контракција се очекува во вториот квартал, потоа значајно помала во третиот и веќе стабилизација и позитивен резултат во четвртиот. Односно, се очекува да се забележи пад, кој ќе биде малку поблаг во однос на окружувањето, благодарение на здравите макроекономски фундаменти, а потоа ќе следи повисок раст следната година за враќање на македонската економија на позитивната траекторија. Мерките кои се преземаат од страна на Владата за амортизирање на ударот од економската криза, кои се во вид на даночни олеснувања, ликвидносни инјекции и меки мерки за помош на стопанството и граѓаните, ќе придонесат кон подобрување на економскиот исход и побрзо опоравување, исто така.     

Неодамна објавите три сценарија за справување со последиците од коронавирусот во економијата. Веќе првиот месец од вториот квартал изминува, во кој се очекува и најголемиот удар. Според досегашните податоци со кои располагате кое од овие сценарија би се случило?

– Април и мај се месеците во кои се очекува најголемиот удар, односно најслаби резултати во поглед на наплатата на приходите, согласно успорената економска активност. Каква е сега ситуацијата? – Ако се спореди периодот од почетокот на месец април до средината на април, со истиот период минатата година, наплатата на вкупните приходи е помала за 20,7 отсто, додека кај даноците и придонесите за 20,1 отсто помала наплата. Реализацијата во април е во рамки на првото од трите сценарија, односно поповолното, иако главно проекциите за реализацијата на приходите во трите сценарија се слични со оглед дека во сите се предвидува најголемиот удар да е во вториот квартал. Дали ќе се случи најповолното сценарио, или средното сценарио, зависи пред се од она што ќе се случува по април, односно главно што ќе се случува во третиот квартал, периодот за опоравување – колку работите брзо ќе се враќаат во нормала. За таа цел ќе се креираат и нови мерки, ќе се преземат нови активности за да економијата брзо се врати на патеката на раст.

Какви  се приходите во Буџетот?

-Од почетокот на годината до средината на април падот на вкупните приходи е 3,1 отсто во однос на минатата година за истиот период, со 6,9 отсто пад на даночните приходи и кумулативен раст на придонесите од 10,4 отсто.

Расходната страна пак, е во рамки на проекциите, но направени се значајни прераспределби помеѓу буџетските корисници и кратење на средствата кај скоро сите буџетски корисници, во насока на рационализација на средства скратени се платите на функционерите, трошоци за набавка на стоки и  услуги, како и капитални расходи и други трошоци кои не се во функција на борбата против Covid-19. Средствата од овие кратења ќе се усмерат кон првиот и втoприот пакет на мерки за помош на стопанството и граѓаните кои се соочуваат со последици од здравствено-економската криза.

За финансирање на дефицитот и ликвидносните потреби добиени се 176 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд. Во тек на следниот месец се очекува да се добијат и околу 140 милиони евра преку Светска банка, како и средства од фондовите на Европската унија за надминување на кризата. Минатата недела испративме формлано барање за користење на инструметот за макро-финансиска стабилност од ЕУ.  Денеска Европската комисија официјално ја соопшти веста за пакетот за макро-финансиска стабилност од 3 милијарди евра, а согласно премилинарната анализа на Република Северна Македонија ќе и бидат ставени на располагање 160 милиони евра. Исто така, ја започнавме постапката за издавање на еврообврзница, која се очекува да се финализира на крајот на мај месец.

МИА

Во однос на други давачки, не е планирано покачување на давачките. Исто ќе напоменам уште еднаш дека ова е времена и условена мерка – односно ако почне да се качува цената ќе се врати на старо акцизата.

Промовирани огласи »

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски само што објави дека се донесени нови одлуки на седницата на Владата.

Според нив, од утре ,четврток, 23 април, се намалуваат рестрикциите на движењето.

„Секој работен ден, од понеделник до петок ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 05 часот наутро“, напиша Спасовски на својот на Фејсбук профил.

Тој исто така соопшти и дека на лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05 часот наутро до 12 на пладне, додека младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.

Според новите одлуки, се намалува и ограничувањето на движење за време на викендите.

„Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро“, додава Спасовски.

Во 17 часот е закажана прес-конференција, по што ќе бидат објавени и повеќе детали.

Промовирани огласи »

Три четвртини од вработените и компаниите во земјава се погодени од економската криза предизвикана од коронавирусот, покажува анкетата на „Finance Think“ објавена во публикацијата „Квалитет на живот – Економските ефекти од корона кризата“.

Податоците од анкетата покажуваат дека високи 75,9 проценти од испитаниците одговориле дека компанијата во која работат е погодена од коронавирусот.

Состојбата кај самовработените и микробизнисите е уште покритична. Така, 89 проценти од нив се изјасниле дека кризата го погодила нивниот бизнис. Анализата укажува дека микро бизнисот се соочил со значителен пад на прометот или со привремено затворање.

Од испитаниците кои одговориле дека компанијата во која работат е погодена од корона кризата, голем дел одговориле дека тоа е поради мерките на државата со кои се наложило затворање на одредени компании или затоа што нивниот промет значително опаднал.

Значаен е и процентот на компании кои имале проблем да ги пласираат своите производи и ова најчесто се однесува на извозно-ориентираните компании.

Најчестиот механизам што го примениле работодавачите за прилагодување на корона-кризата е намалување на платите на вработените и прекинување на секакви дополнителни исплати. Така, 25,6 проценти од испитаниците одговориле дека им била намалена платата, а 24,1 процент дека им било соопштено оти веројатно ќе им биде намалена платата или ќе има отпуштања од работа. 23,1 процент се изјасниле дека им биле скратени дополнителните исплати. На принуден одмор биле отпуштени 14,4 проценти од испитаниците, а 10,8 проценти биле отпуштени од работа.

Од корона кризата погодени се и невработените, а повремените приходи се прекинати и кај невработените со инцидентни работни ангажмани.

Скоро половина од испитаниците вработени во јавната администрација и од испитаниците пензионери покажале подготвеност да им бидат скратени нивните примања, додека 23 проценти од јавната администрација и 18 проценти од пензионерите се изјасниле дека не се согласуваат со никакви кратења на приходите, но оти стравуваат дека до тоа ќе дојде.

– Сепак, треба да се забележи дека по околу една петтина од двете групи не се согласуваат да
сносат дел од економскиот товар на корона-кризата, се вели во анализата.

Најголем дел од испитаниците или високи 70 проценти одговориле дека во моменталните околности на економска криза предизвикана од ширењето на Ковид-19, би можеле да издржат најмногу три месеци.

Промовирани огласи »

Близу половина од компаниите во земјава, или 48 отсто, нема да ги пратат своите работници на принуден одмор како последица на корона кризата. Затоа, пак, 38 проценти веќе ги пратиле или ќе ги испратат работниците на принуден одмор. Сепак, над 86 отсто од компаниите не планираат да ги отпуштат своите вработени.

Ова е дел од наодите од анкетата што ја направи Стопанската комора на Македонија меѓу своите членки, во истражувањето колку силно корона кризата удри врз македонската економија. 

Откако вчера објави дел од резултатите на анкетата, комората денеска ги презентира вториот сет од наодите за последиците од кризата предизвикана од корона вирусот за македонската економија, како и очекуваните ефекти од економските мерки на Владата. 

Оваа анкета има за цел да овозможи увид во регистрираните последици за компаниите во март и очекувањата за април оваа година. Анкетата е направена во периодот од 7 до 14 април. Таа вклучува одговори на компании што минатата година заедно имале вкупни приходи од 94,4 милијарди денари или 1,53 милијарди евра.

Што покажува анкетата?

Речиси половина или 48 отсто од анкетираните фирми се изјасниле дека нема да ги пратат работниците на принуден одмор, 19 отсто дека ќе ги пратат, 19 проценти рекле дека веќе ги пратиле на принуден одмор, а 13 отсто размислуваат за друга можност.

Во однос на прашањето за отпуштање на работниците, 86,2 отсто се изјасниле дека нема да ги отпуштат вработените, 13 отсто дека ќе ги отпуштат, а само 0,8 проценти рекле дека веќе ги отпуштиле. 

„Ова потврдува дека стопанствениците се свесни за важноста на работната сила, во која патем е и инвестирано за успешно натамошно работење на претпријатијата, а соодветно на тоа и за потребата колку што е можно повеќе да ги задржат работниците во редовен работен однос“, велат од СКМ.

Во однос на финансиите, 44 отсто од анкетираните фирми немаат проблеми со ликвидноста, додека 56 проценти, очекувано, имаат проблеми со ликвидноста. Притоа, 65 отсто од фирмите имаат кредити за отплата, а 35 проценти немаат кредити за отплата.

Вкупно 81 отсто од анкетираните фирми пријавиле одреден процент на откажување на договорените аранжмани или работа на претпријатието. Притоа, 35 отсто од фирмите пријавиле дека процентот на откажување на договорените аранжмани или работа е поголем од 50 отсто.

И покрај проблемите со кои се соочуваат претпријатијата во однос на производството, извозот, увозот, прометот и синџирот на добавувачи, радува сознанието дека 71 отсто не размислуваат за затворање на претпријатието, а дополнителни 21 процент размислуваат за затворање само на еден дел од претпријатието. Ова може да се поврзе со фактот што дури 79 отсто од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години на пазарот. Според анкетата, 8 отсто од анкетираните би го затвориле претпријатието во целост.

Во рамки на Анкетата, фирмите се изјаснијле и во поглед на тоа која од економските мерки на Владата планираат да ја искористат.

Најголем дел од анкетираните фирми, или 30 отсто од нив, планираат да ја користат мерката - 14.500 денари месечно по вработен за април и мај, за компании погодени од кризата или 50 отсто од трошоците за придонеси за секој вработен.

За користење на мерката - задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор се изјасниле 26 отсто од претпријатијата.

Мерката - одложување на кредитите кај банките и пролонгирање на отплатите, репрограмирање, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, ќе ја користат 12 отсто од анкетираните претпријатија.

Мерката - дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови 8 милиони евра од Развојната банка на Северна Македонија ќе ја користат 7 отсто од претпријатијата.

Исто толку, 7 проценти од анкетираните фирми се изјаснија за користење на мерката – 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка на Северна Македонија.

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »