Со амбициозен бизнис план Алкалоид влегува во новата 2020 година. Според проекциите, компанијата предвидува раст на продажбите од над 190 милиони евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните за 2019 година. Растот на инвестициите е позициониран за 14 отсто, додека согласно бизнис планот компанијата планира раст на добивката од десет проценти.

Во планот стои дека планирано е 86 отсто од консолидираните продажби да реализира ПЦ Фармација, а 14 отсто ПЦ Хемија Козметика Билкарство.
Ако се анализира по пазари, се очекува 35 проценти од консолидираните продажби да бидат остварени на домашен пазар додека 65 отсто од извоз. Во планираниот биланс на успех проектиран е раст од 10 отсто на консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (EBITDA).
Консолидиранaтa нето добивка е предвидена со раст од најмалку 7 отсто во однос на очекуваната за 2019 година.
„Бизнис планот за 2020 година предвидува инвестирање на околу 14 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства. Во 2019 година започнаа инвестициите во новите производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 квадратни метри и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања, стои во бизнис планот на Алкалоид.
Компанијата предвидува зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50отсто, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра.
„Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација. Во 2020 година предвидена е и финализација на проектот за гасификација на локалитетот Алкалоид - Ѓорче Петров со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии во воздухот. Природниот гас претставува исклучиво вредна енергетска и хемиска суровина која поседува значајна технолошка, економска и еколошка вредност во однос на останатите горива, истиот е идеално гориво кое лесно се меша со воздухот, има исклучителна брзина на согорување без дим, ги согорува цврстите остатоци и не ја загадува околината. Проектот е вреден над 1 милион евра. Согласно со растот на деловните операции на пазарот во САД, планот предвидува зголемување на капацитетите во сегментот Билкарство преку набавка на нова машина за пакување на филтер чаеви во вредност од 1,3 милиони евра, пишува во бизнис планот.
Се планираат во 2020 година околу 100 нови вработувања во Алкалоид АД Скопје како и 50-тина вработувања во друштвата во странство. Пазарната капитализација на компанијата во 2019 надмина 16 милијарди денари.
Како приоритети за 2020 година се наведуваат инвестициите во производствените капацитети и во современите технологии, во човечките ресурси и во заедницата воопшто.
„Прв приоритет и понатаму останува регионот, втор приоритет се земјите од ЕУ, САД, Русија и земјите од ЗНД, а трет приоритет се останатите пазари, планира Алкалоид во бизнис планот за 2020 година.