169 милиони деца на глобално ниво не се вакцинирани против мали сипаници, тврди УНИЦЕФ. Ова се деца кои не примиле прва доза од вакцината помеѓу 2010 и 2017 година,пишуваат европските медиуми.

Според УНИЦЕФ, погрешните информации, скептицизмот во врска со имунизации и недостиг на пристап до вакцини довеле до ниско ниво на вакцинација на глобално ниво.
Според последниот извештај на УНИЦЕФ,САД се на врвот на листата меѓу високоразвиените земји каде 2 593 000 деца не се вакцинирани против мали сипаници. Во Франција нивниот број е 600 илјади,додека на трето место е Велика Британија со 527 илјади деца без имунизација. Во Нигерија бројката изнесува 4 милиони, а во Индија 2,9 милиони деца се невакцинирани против морбили.
Уште полоша е ситуацијата со втората доза од вакцината, тврди УНИЦЕФ. 20 држави во Африка воопшто ја немаат запишана оваа вакцина во календарот за имунизација, што значи дека повеќе од 17 милиони деца годишно се изложени на ризик од заразување.
Во исто време, податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека во САД има рекорден број на заболени лица од мали сипаници. Во 2019 година бројот на пациенти бил највисок досега во однос на последните 25 години. Во Њујорк само за една недела се регистрирани 61 нови случаи, со што бројот на болните од почетокот на годината достигнал 667 лица. Во САД од неодамна вакцината против мали сипаници е задолжителна. Лекарите очекуваат бројот на пациенти да продолжат да растат. Малите сипаници се многу заразна болест која лесно се шири. Симптомите се јавуваат во рок од 12 дена.
За да бидат целосно заштитени, децата треба да добијат две дози од вакцината МРП. Првата доза од вакцината се прима по редовниот календар за имунизација кога детето има наполнето 13 месеци, втората доза од вакцината се прима кога детето ќе наполни 6 години.
Меѓутоа, во нашата земја поради прогласувањето на епидемија од морбили, се препорачува родителите да ги вакцинираат децата на шест месеци за да бидат заштитени.