Непочитување на мерките за безбедност при работа од работодавачите, но и од работниците, е најчеста причина за повреда на работното место. Лани во земјава се регистрирале околу 1.800 повреди при работа. Инспекторите за труд извршиле над 12.600 надзори. Од нив скоро половината се спроведени по претходна пријава.
Станува збор за тоа дека одредени пропусти се прават и од страна на снабдување од работодавачите кон работниците со опрема од една страна, а од друга страна и неупотребата од страна на работниците на опремата што им е дадена. Што значи дека сите треба да ја подигнат својата свест дека самата употреба на опремата и практикувањето на мерките значи заштита на себе, на целокупната средина затоа што не секогаш себе може да се повредите, туку некогаш повредувате некој друг кој што е невин во моментот. Значи, подигнувањето на јавната свест за имплементација и свеста на ртаботниците и работодавачите е клучна, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.
Најчести повреди на работното место се регистрирани во градежништвото и рударството. Експертите велат дека закони има, но имплементација и надзорот потфрлаат.
Оние кои што се со висок ризик сектори се градежништвото, рударството, земјоделството, преработувачката индустрија, каде се најголем број од повредите при работа, што укажува дека токму таму се најбројни неправилностите. А, секако, и дистрибуцијата на работна сила и влезот на работниците таму каде што се, таму се најчесто неправилностите. Но, секако зависи од условите на работа и преземените мерки за превенција, вели Јованка Караџинска Бислимовска, претседателка на Националниот совет за безбедност и здравје при работа.
Освен поинтензивни инспекциски контроли на терен со цел поголема безбедност на работниците, Царовска најави интервенција во законската регулатива.