Просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во декември 2016 година изнесува 23.457 денари, а просечната бруто-плата 34.374 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата од вработен лани во декември е 3,3 отсто повисока во споредба со истиот месец од 2015 година.

Зголемувањето се должи на повисоката просечна месечна исплатена нето-плата од вработен во секторите уметност, забава и рекреација од 55,8 отсто, информации и комуникации - 9,6 и градежништво - 7,7 отсто.
Повисока исплатена просечна месечна нето-плата во споредба со претходниот месец, пак, има во секторите уметност, забава и рекреација од 48,2 отсто, информации и комуникации - 22,1 и стручни, научни и технички дејности - 13 отсто.
Податоците од Статистика покажуваат неверојатна за македонски услови просечна плата во секторот спортски, забавни и рекреативни дејности, каде што таа во декември изнесувала 178.351 денар. Во ноември овде просекот бил 44.103 денари. Во речиси сите сектори што стандардно имаат високи просечни примања во декември има значителни скокови во просечната плата во однос на она што се заработувало во ноември.
Па, така, програмерите последниот месец од годината имале просек од 66.896 денари, а еден месец порано 49.505 денари. По нив се оние во правни и финансиски дејности кои во декември имале просек од 59.124 денар, а еден месец порано тој бил 40.172 денара. Во воздухопловниот транспорт просекот за декември бил 54.827 денари, а во ноември 49.984 денари. Потоа следуваат вработените во телекомуникациската дејност, со просечна плата од 48.450 денари во декември, а во ноември имале примања од 40.964 денари. Во финансиските услужни дејности и производство на фармацевтски производи декемвриските просеци се 43.042, односно 43.982 денари и се поголеми од ноемвриските кои биле 42.339 и 41.414 денари.
На другиот крај се оние со далеку помали примања. Па, така, во секторот земјоделство, шумарство и риболов просекот во декември бил 16.909 денари, во преработувачката индустрија 18.832 денара, во градежништвото 21.439, слично како и во трговијата на големо и мало - 21.100 денари.
Во декември лани 1,6 отсто од вработените во Република Македонија не примиле плата.