Нов закон донесен во Франција и тој предвидува три години затвор за политичарите што вработуваат членови на семејството.

Францускиот парламент го изгласа Законот за моралност во политичкиот живот.
Законот забранува министри, пратеници и членови на локалните власти да вработуваат свои венчани или невенчани сопружници, родители и деца. Казната за ова е до три години затвор и 45.000 евра.
Со овој закон се забранува политичарите да вработуваат членови на нивните семејства, што е прв поголем ваков потфат на претседателот, Емануел Макрон.
383 пратеници го поддржаа законот, тројца беа против и 48 беа воздржани.
Министерката за правда на Франција Никол Белубе честиташе, како што рече, за мошне позитивниот сигнал до сограѓаните.
Комунистичкиот пратеник Пјер Даревил прокоментира дека „слонот родил глушец“.
Макрон вети брзо усвојување на овој закон откако претседателската кампања ја доведе во прашање подобноста на некои кандидати.
Претседателскиот кандидат од десницата Франсоа Фијон, кој на почетокот од кампањата беше фаворит за нов шеф на државата доживеа ненадеен пад на популарноста откако изби скандал заради фиктивните работни места во парламентот на неговата сопруга Пенелопе и две од нивните пет деца.
Против него беше покренато прелиминарно обвинение за злоупотреба на јавни средства. Подоцна беше покренато обвинение и против неговата сопруга.