Промовирани огласи »

Кои вработени земале К-15 во износ од 21.927 денари?

Кој зема уште една просечна плата во Македонија од К-15 и празнични дневници.

Регрес за годишен одмор (К-15) плус празнични бонуси (дневници) вкупно во просек од 21.927 денари за само една година или колку една просечна нето плата, добиле вработените во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Државниот завод за статистика објави публикација за годишните трошоци на работодавците кон работниците, а овој издаток отскокнува убедливо во овој сектор споредено со останатите гранки од економијата.

Овој сектор се издвојува во однос на другите и кога се споредува износот на 13-та плата кој е исплатен во 2017 година. Именоо, вработените во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација добиле во просек 27.159 денари на основ 13-та плата што ги става на 2-ро место веднаш по вработените во здравството.

По висината на К-15, следни се вработените во банките и осигурителните компании со 16.903 денари вкупно за регрес и празнични дневници.

Во секторот: информации и комуникации исплатени биле 11.982 денари на овој основ, а оние што се занимаваат со недвижнини добиле 11.510 денари. Вработените во секторот за водоснабдување добиле 11.368 денари, а на тие во образованието им биле исплатени 11.200 денари.

Работниците во индустријата вкупно од двете категории заедно земале само 8.670 денари, рударите добиле 10.816, градежниците 9.542, продавачите, дистрибутерите и останатите во трговијата – 10.317.

Докторите, медицинските сестри, болничарите и другите здравствени работници, заедно со социјалните во просек им било префрлено на сметка 9.478 денари по основ регрес и бонуси Здравствените работници земаат убедливо најголема 13-та плата со вкупна висина од 38.321 денари кај здравствените установи што ја исплаќаат.

Келнерите и хотелиерите добиле само 8.009 денари, администраторите примиле 6.205, а уметниците 7.431.

Промовирани огласи »

Од денеска увид во Избирачкиот список за есенскиот референдум

Проверката на податоците во списокот за спроведување на референдумот на 30 септември ќе трае до 23 август 2018 година до 24:00 часот

Од денеска до 23 август почнува да тече еден од клучните рокови за претстојниот есенски референдум за името. Граѓаните ќе може да направат увид во Избирачкиот список, а државјаните на Македонија кои живеат во странство ќе можат да се пријавуваат за изјаснување на референдумот и тоа преку апликација што денеска ќе биде промовирана од Државната изборна комисија (ДИК) и со своерачно барање во Дипломатско - конзуларните претставништва во земјите каде што живеат.

Доколку решат да дојдат во Македонија и да се изјаснат тука, тогаш иселениците нема потреба да се пријават во ДКП-та или преку апликацијата. Нивните имиња, како што објаснуваат од ДИК за МИА, ќе бидат запишани во изводот од Избирачкиот список со последната пријавена адреса во Македонија. 

ДИК се очекува денеска, исто така, да ја објави последната состојба во Избирачкиот список. Проверката на податоците во списокот за спроведување на референдумот на 30 септември ќе трае до 23 август 2018 година до 24:00 часот. 

Граѓаните можат да ги проверат своите податоци преку веб-страницата на ДИК https://izbirackispisok.gov.mk/ и во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата. Доколку забележат неправилности или недостатоци и доколку сметаат дека е потребно, да побараат измена, дополнување или бришење на податоците граѓаните тоа ќе може да го направат со барања кои треба да ги поднесат во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Иселениците, пак, ги поднесуваат по електронска пошта до ДИК. 

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должен да одлучи со решение во рок од 48 часа од денот на нивниот прием. Доколку биде донесено решение со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Врховниот суд. Врховниот суд во рок од 24 часа по приемот на тужбата и одлуката веднаш му ја доставува на тужителот по електронски пат. 

Во меѓувреме тече рокот за набљудувачи на референдумот. Изјаснувањето ќе може да го мониторираат меѓународни и домашни невладини организации кои во своите статути имаат предвидено активности поврзани со човекови права.

Од Комисијата за МИА потенцираат дека претставници на политички партии нема да може да го набљудуваат референдумот, туку дека Собранието како овластен предлагач може да назначи лица кои ќе ја набљудуваат работата на органите што го спроведуваат референдумот.

Членовите на ДИК вчера веќе имаа средба со претставници на ОБСЕ/ОДИХР кои се очекува да го набљудуваат референдумот. 

Досега до ДИК не е поднесено ниту едно барање за набљудување на реферерндумот, кое ќе може да се поднесе до 27 септември.

Промовирани огласи »

Ви се допаѓа Шведска како држава и сакате да станате нејзин државјанин? Процесот може да изгледа застрашувачки, меѓутоа, во продолжение може да дознаете нешто повеќе за добивање шведско државјанство или право за постојан престој во Шведска.

Ако сакате постојан престој, а не сте државјанин на ЕУ

Граѓаните што не се од земја-членка на ЕУ, а живееле во Шведска во период од пет години со дозвола за престој, и можат да докажат дека се способни финансиски да се издржуваат себеси и нивното семејство во тој период, можат да аплицираат за дозвола за постојан престој со пополнување на формуларот „Ansökan om status som varaktigt bosatt“.

Оваа дозвола за постојан престој е валидна онолку време колку што лицето живее во Шведска, но може да се повлече после шест години живеење надвор од земјата.

Ако сакате државјанство и не сте државјанин на ЕУ

Граѓаните што не се државјани на земји-членки на ЕУ, а имаат дозвола за постојан престој и живеат во Шведска во континуиран период од пет години, исто така може да аплицираат за шведско државјанство. Граѓаните што не се од земји-членки на ЕУ, а се во брак или живеат во регистрирано партнерство со шведски државјанин, може да аплицираат после три години, под услов да живеат заедно во Шведска во период од две години. Исто така, личноста ќе мора да биде добро адаптирана во шведското општество, а ќе бидат земени предвид и другите фактори, како што се должината на бракот, познавање на шведскиот јазик и способноста за финансиско издржување.

Ако не сте државјанин, можете да аплицирате да станете државјанин на Шведска по престој со времетраење од најмалку четири години. Истиот временски период важи и за бегалците што добиле дозвола за престој како бегалци во согласност со Глава 4, дел 1 од Законот за странци.

Исклучоци за периодот на барање престој за добивање на државјанство може да се направат за луѓе во брак со шведски државјанин во странство најмалку десет години, кои не живеат во матичната земја, доколку лицето има силни врски со Шведска, преку редовни посети на земјата или силна потреба да стане шведски државјанин.

Сепак, исполнувањето на различните барања наведени погоре не е гаранција дека ќе ви биде доделено државјанство. За почеток, мора да се имате приспособено во Шведска, а Агенцијата за миграции ќе бара информации за тоа дали имате долгови или сте извршиле кривични дела во земјата.

Барањето може да биде одбиено ако лицето има неплатени даноци, парични казни или други давачки. Долговите кон приватните компании пренесени до шведскиот орган за спроведување може да влијаат врз апликацијата, дури и ако се платени, бидејќи мора да поминат две години после плаќањето за да се докаже дека лицето е без долгови. Ако лицето направило кривично дело, исто така постои одреден период пред да може да биде дадено државјанство, во зависност од казната. Повеќе детали може да се пронајдат ТУКА.

Државјанство за деца

Ако имате деца, можете да ги вклучите во вашата апликација за државјанство, под услов да не се во брак, на возраст под 18 години и да престојуваат во Шведска, а вие да имате старателство над нив или родителот со кого имате заедничко старателство мора да даде согласност.

Децата што наполниле 12 години мора да обезбедат и своја писмена согласност за родителите да аплицираат тие да станат државјани на Шведска.

Што е следно?

Ако имате среќа да добиете шведско државјанство, тогаш го имате она што Агенцијата за миграции го нарекува „апсолутно право“ да живеете и да работите во Шведска, да гласате на изборите, да се приклучите на шведската полиција и шведските вооружени сили, и да ги имате сите права на ЕУ, ако претходно не сте биле државјанин на ЕУ.

Како крајна точка, имајте на ум дека некои земји не дозволуваат двојно државјанство, па проверете ги правилата на вашата земја пред да аплицирате.

Промовирани огласи »

Македонија на трето место во Европа според Индексот за модерно ропство

Трговијата со луѓе и сексуалната злоупотреба се дел од феноменот “модерно ропство”

Во Македонија во услови на современо ропство живеат околу 18 илјади лица или 8,7 од илјада македонски државјани се современи робови. Ова го покажува Глобалниот Индекс за ропство за 2018-та година, во истражувањето изработено од Обединетите нации и Фондацијата Вок фри (Walk Free).

Во овој извештај „модерното ропство“ се опишува како „трговија со луѓе, присилно вработување, присилно стапување во брак, сексуална злоупотреба, продавање и злоупотреба на деца  и класично ропство дефинирано со меѓународната Конвенција за ропство од 1926 година.

Трговијата со луѓе и сексуалната злоупотреба се дел од феноменот “модерно ропство”. Невладината организација Отворена порта – Ла страда со години работи на овие проблематики. Од 2005-та година тие го раководат и со единствениот шелтер центар во државата за жртви на трговија со луѓе.

Според податоците на извештајот за Индексот на модерно ропство за 2018та година повеќе од 40 милиони луѓе во светот живеат во некој вид ропство, а најмногу во Азија и Африка, а  71 процент од современите робови се жени, додека 29 отсто се мажи.

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »