Регрес за годишен одмор (К-15) плус празнични бонуси (дневници) вкупно во просек од 21.927 денари за една година, или колку една цела просечна македонска нето-плата, добиле вработените од секторот - снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Според публикацијата на Заводот за статистика за годишните трошоци на работодавачите кон работниците, овој издаток отскокнува убедливо во овој сектор на македонското стопанство во однос на останатите гранки.
И 13-та плата во овој сектор во просек е втора по големина и изнесува колку една солидна плата - 27.159 денари, кај тие компании што ја давале. Убедливо високи 13-ти плати примаат само во овој сектор (енергија) и во здравството.
Следни по просек се вработените во банките и осигурителните компании со 16.903 денари вкупно за регрес и празнични дневници за една година.
Следни се секторот на информации и комуникации со 11.982 денари, а тука приближно се оние што работат со недвижнини чиј просек е 11.510 денари, во водоводите е 11.368 денари, и во образованието 11.200 денари.
Работниците во индустријата вкупно од двете категории заедно земале само 8.670 денари, рударите добиле 10.816, градежниците 9.542, продавачите, дистрибутерите и останатите во трговијата - 10.317.
Докторите, медицинските сестри, болничарите и другите здравствени работници, заедно со социјалните во просек им било префрлено на сметка 9.478 денари по основ регрес и бонуси Здравствените работници земаат убедливо најголема 13-та плата со вкупна висина од 38.321 денари кај здравствените установи што ја исплаќаат.
Келнерите и хотелиерите добиле само 8.009 денари, администраторите примиле 6.205, а уметниците 7.431.
Извор - Фактор