Промовирани огласи »

Родителите револтирани: Тие што започнаа да полагаат на 17 години блокирани од новиот закон

На голем број млади на возраст од 17 години им е ускратено правото да го завршат отпочнатиот процес за стекнување со возачка дозвола.

На голем број млади на возраст од 17 години им е ускратено правото да го завршат отпочнатиот процес за стекнување со возачка дозвола поради измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кои стапија на сила во мај оваа година.

Со нив се укинува одредбата правото на возачка дозвола да може да се стекне со наполнети 17 години, а границата се поместува на 18 години.

Родителите се лути и револтирани затоа што, како што велат, никој не им предочил дека нивните деца ќе се соочат со проблем поради измените во законот, пренесува Телма.

Родителите бараат надлежните институции да ја преиспитаат одлуката, односно на кандидатите кои веќе отпочнале со обука со наполнети 17 години согасно стариот закон да им се овозможи да го завршат процесот.

Автошколите од регионот за проблемот писмено се обратиле до МВР, каде различно од нив ги толкуваат  измените на законот во кој стои дека: Кандидатите за возачи кои отпочнале со оспособување или со полагање на возачки испит, ќе ја завршат обуката согласно условите кои важеле пред донесувањето на новиот закон.

И авто школите и родителите се надеваат дека надлежните институции ќе изнајдат начин да им се излзе во пресрет на кандидатите за полагање возачки испит со навршени 17 години, за да не им пропадне трудот, но и вложените средства во обуката.

Промовирани огласи »

Скопјанката Розана, единствената жена оџачар: „Не признавам машка и женска професија“

Розана со нејзините десетина колеги кандидати веќе неколку месеци го посетува курсот за оџачари. Со обуката е при крај и нестрпливо чека да го спроведе на дело она што го научила.

Розана Ивановска-Коневска е единствената жена од Македонија, кандидат за оџачар, која ги руши стереотипите дека чистењето на оџаци е единствено само машка професија. Таа рамо до рамо со нејзините десетина колеги кандидати веќе неколку месеци го посетува курсот за оџачари што го распиша Град Скопје. Со обуката е при крај и нестрпливо чека да го спроведе на дело она што го научила.

Кога ја одбрала оваа професија однапред знаела дека нема да има топла канцеларија бидејќи ќе има работа на отворено, на стрмен, висок и лизгав кров. Но тоа не ја секира бидејќи, како што вели, височините се нејзина пасија од мали нозе. Нејзе не и пречи ниту тоа што здолништето ќе го замени со црна оџачарска униформа, а високите потпетици со оџачарски чевли со силикони кои ќе се лепат на секој покрив како и тоа дека наместо пенкало в рака ќе држи сајла и метално ѓуле. Но сето тоа ја прави среќна затоа што на луѓето ќе им донесе среќа, бидејќи како што вели низ смеа оџачарите носат среќа, пренесува Вечер.

Розана по природа е весела жена, која верува во себе, но и голем поборник за чисто Скопје.

Јас не признавам машка и женска професија. Стереотипите за мене не важат. Се што правам не го правам тоа со мака туку од задоволство, вели Розана. Таа по карактер е жена која секогаш изненадувала. Тоа го знаат сите што ја познаваат и за нив не било вест дека таа сака да биде оџачар, но изненадување било за сите други кога се пријавила на огласот за оџачари. Кога му кажав на семејството дека ќе станам оџачарка тие, знаејќи го мојот карактер, не се изненадија, само кусо ме прашаа дали сум спремна на коментарите кои ќе ги слушам додека сум на работа. Само се насмевнав – објаснува Розана.

Дека градот Скопје рапишува оглас за прием на кандидати слушнала на радио. Веднаш отишла во Агенцијата за вработување. “Кога кажав дека сакам да се пријавам на огласот, тогаш една од службеничките ме праша дали сум сигурна. И објасив дека височините и слободата се мојот живот и дека можам машки онака на мускули да ја истуркам секоја работа. Кога таа ме ислуша едноставно ми рече: Ги обожувам храбрите жени. Нека ти е со среќа – со воодушевување почна да ни раскажува Розана за нејзината одлука да стане првата жена оџачар во државава.

Таа дотогаш немала никакво познавање за оџаци. “Мислам, можеби ако сум погледнала во некоја куќа со оџак, тоа било дека ми се допаѓала некоја градба само од естетска природа и дека сопствениците убаво си ја уредиле куќата. А не тоа дека ме интересира оџакот за кој имав претстава дека се работи на некаква цевка или пак отвор во куќата кој служи за затоплување. Но, како течеше обуката се повеќе навлегував во тајните на оџачарскиот свет и сфатив дека овој занает не е едноставен, туку вистинска наука – објаснува Розана.

Кога почнала обуката и кога се појавила во зградата каде што се одржува наставата нејзините колеги мажи ја гледале со недоверба прашувајќи се што бара жена во машка работа. Но, коментарите не и пречеле. “Не сакам никој да ме стигматизира, само затоа што сум жена -вели Розана. Како одминувало времето таа се повеќе потврдувала дека е способна успешно да ги решава загатките во оџачарската професија, во некои зададени ситуации дури подобро од нив. Станала миленичка на сите. Во тоа се уверивме и од нејзината професорка Јасмина Атанасовска Симјановска, единствената дипломирана жена оџачар во Македонија, која вели дека Розана е храбра жена родена за ваква професија.

Таа се уште се нема качено на кров и отпочнато со чистење на оџаци, бидејќи се уште трае обуката. Но е сигурна во себе, бидејќи неа височините не ја плашат затоа што совладувањето на висините за неа било секогаш предизвик”. Тоа е вродено, или имаш страв или пак не. Јас тој проблем за среќа го немам. За мене височините не се лимит: Ако се плашев од височина уште во старт ќе се откажев.

Од досегашната обука, како што вели, заклучила дека нема стандарди по кој се изградени оџаците во државава и дека секој градел како што му одговарало и дека законите се менувале по потреба на оние што граделе.

На прашањето каков алат треба да носи оџачарот кога оди на интервенција и дали таа има доволно сила за да го подигне и на грб истиот да го искачи на високите кровови, како и дали е спремна да одолее на коментарите од луѓето кога за прв пат ќе отворат врата од нивните домови. Таа вели дека е силна жена  и товарот не ја плаши. Сега оџачарите не се како оние од честитките кои се испраќаа за Нова година на кои е насликан оџачар со сајли, четки на себе и еден куп друга опрема. Оџачарскиот занает е доста модернизиран и секогаш на терен одат двајца оџачари додека едниот е качен на кровот другиот го опслужува со опремата за да нема постојано качување и симнување. А за коментарите на луѓето ич не се секирам. Јас по природа сум весела жена и знам дека насмевката отвора железни врати – самоуверено рече Розана.

Промовирани огласи »

Приватните специјализанти се уште ја чекаат првата плата

На младите доктори им беше ветено уште пред три месеци, а уште нема ништо на сметките

Младите доктори - приватни специјализанти се уште немаат плата на своите сметки иако тоа како новина и вртење на нова страница им беше ветено уште во месец мај.

Ниту бројните средби со претставниците на Министерството за здравство не вродија со плод. Нивните сметки се празни а револтот е огромен. Од ресорното министерството им било кажано дека проблемот во Фондот за здравство, а не кај нив, по што стотината приватни специјализанти три пати со писмо се обратиле и до Фондот:

Повикуваме динамиката на процесот на изработка на податоците и усвојувањето на финансиските средства да се забрза, бидејќи за нас ова е многу важно. Чекаме одговор во што пократок рок! Обработката на податоците трае повеќе од планираното и повеќе отколку што беше ветено. За нас е многу важно ова прашање да биде затворено, особено кога ги имаме предвид нашите трошоци кои ги имаме. Само исплатата на вториот семестар за нас достигнува 1600 евра, гласи писмото упатено до Фондот за здравство.

Тие преку писмена изјава бараат ова прашање да биде решено и од премиерот Зоран Заев.

Специјализантите сакаат да знаат зошто во мај оваа година министерот за здравство Венко Филипче им рекол дека нивниот буџет веќе е во процес на усвојување.

Македонија има значителен недостиг на стручем медицински кадар. На територијата на државата има потреба од речиси 400 доктори, од кои само во Скопје недостигаат 150 лекари.

Промовирани огласи »

Словенија со највисока, Македонија со најниска плата во регионот

Платата едвај стигнува за живеачка, Македонија со најниски плати во регионот

Македонија е со најмала просечна плата во регионот на поранешна Југославија, додека Словенија е на врвот на листата, јавува Анадолија.

Словенија со реализирана месечна нето плата од 1.077,77 евра за мај 2018. е земја во регионот, во која има највисоки примања и тоа е единствената плата во регионот, која изнесува над илјада евра. Просечната плата во Македонија во мај оваа година изнесувала 399,28 евра (24.509 денари), се наведува во истражувањето кое го објави Анадолија.

Највисоко зголемување на просечната нето плата е забележано во Хрватска. Таму платата се зголемила за 71,42 евра и достигнала 866,95 евра, во однос на истиот период лани.

Во Црна Гора просечната плата во јуни изнесувала 511 евра. Во Босна и Херцеговина во мај била на ниво од 448,59 евра, а во Србија 426 евра.

Во Црна Гора просечната нето заработувачка во јуни оваа година во однос на еден месец претходно забележала пад од 0,2 отсто, додека просечната нето заработувачка во јуни 2018 година во однос на истиот месец претходната година забележал раст од 0,2 отсто.

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »