Најпопуларната социјална мрежа, Facebook, го доживеа најголемиот пад на вредноста на акциите во својата историја минатата недела. Па сега, како едно од решенијата, кои медиумите го предложуваат, е да им се плаќа на корисниците за користењето на нивните податоци на оваа мрежа.

Покрај тоа, според пишувањата на светските медиуми, тоа не е единствениот предизвик за компанијата, бидејќи тука се и тврдењата на главниот човек, Марк Закерберг, кои се однесуваат на негирањето на холокаустот, но и на феноменот за лажни вести.
„CNN“, посебно внимание посветува на огромниот пад на вредноста на акциите и пренесува дека Facebook загуби повеќе од 23 отсто од својата вредност за нешто помалку од два часа, откако падна заработката.
„Грешката на Facebook го наметнува следново прашање: Дали постои начин на кој може да биде спречена понатамошна загуба и нешто што ќе го направи светот подобро место? Постои, да им се плаќа на корисниците за користењето на нивните податоци“, пишува „CNN“.
„Преку плаќањето на луѓето за нивнитеподатоци, ќе се намали профитот на дигиталните компании, но нема да се уништат нивните модели на тргување“, стои во текстот.
Се додава дека и плаќањето на податоците, кои граѓаните му ги даваат на Facebook, бара развивање на нови методи и технологии, за да се утврди нивната финансиска вредност, но и да им се плаќа на корисниците ако нивните информации му овозможат заработка на некого.
Во меѓувреме, Facebook и другите дигитални гиганти треба сами да размислат за компензација на корисниците, поради нивните податоци, тврди „CNN“.
Wall Street конечно му одржа лекција на Закерберг, која тој ја заслужи и конечно Закерберг „доби по нос“, а тоа е нешто на што многумина се надеваа уште во април, по неговото сведочење во конгресот, пишува „New York Post“.
„Вредноста на акциите на Facebook забележа спектакуларен пад, набргу откако компанијата прогнозираше намалување на бројот на нови корисници. Аналитичарите проценуваат дека слабиот одговор на Facebook, во врска со неодамна усвоениот закон за дигитална приватност во Европската Унија, исто така им нанесе штета на инвеститорите, кога станува збор за краткорочната финансиска иднина на компанијата“, пишува овој портал.