Промовирани огласи »

Одлична вест за македонците во Германија: Владата донесе закон за доселеници

Германија, конечно, доби закон за интеграција

Германија нема доволно млада популација. Ако земјата сака да ја одржи благосостојбата, тогаш мора да прифати доселување, но селективно и контролирано, смета Александер Кудашеф.

Германија, конечно, доби закон за интеграција. Германија се обидува да ги регулира правата и обврските на доселениците. Германија, конечно, согледува дека мора да се погрижи за интеграција на доселениците.

Во таа смисла, усвоениот закон за интеграција е историска пресвртница. Тука се во право канцеларката и владата. И, конечно, во Германија сериозно се размислува што треба да направат доселениците, што треба да се очекува од нив.

Но, и овој закон за интеграција, кој многу доцни, не е замена за еден закон за доселување, кој е неопходен. Во поранешните векови Германија беше земја од која луѓето емигрираа, но одамна таа стана цел на миграција. Многумина не сакаа да го согледаат тоа, многумина сакаа да го потиснат тој факт.

А доселеници ѝ се потребни на Германија, оти овде се раѓаат премалку деца. Недостасува подмладок – во стопанството, индустријата, истражувањата, науката, кај стручната работна сила и инженерите.

Ако Германија сака да си ја зачува благосостојбата, мора да прифати доселување – но селективно и контролирано.

Неопходниот закон за доселување мора да регулира три работи: саканото доселување, правото на азил (за прогонувани опозиционери, дисиденти, писатели, активисти за човекови права, припадници на особено загрозени малцинства), како и правото за бегалци (кое ќе гарантира привремено прибежиште – додека трае војната или слични катастрофи). Правото на азил не мора да се менува.

За прогонетите има азил. Но, тоа на смее да биде причина за негово изигрување – за легални или илегални доселеници.

Ова јасно го покажува фактот дека годишно само на неколку илјади лица им се одобрува азил во класична смисла на зборот, а истовремено стотици илјади луѓе доаѓаат во земјата и бараат азил. Кој го поткопува правото на азил и го користи за се‘, во крајна линија го разорува тоа право.

Сосем е поинаку со саканото доселување. Тука Германија вели – ни требаат лекари, програмери, германисти, физичари, етнолози, учители, хемичари, машинопроизводители – и нив ги бараме во целиот свет, од Нов Зеланд до Шпанија.

Затоа што ни се потребни, оти сакаме да дојдат, ние, покрај работно место, им нудиме и обезбеден регуларен престој.

Тие доселеници можат бргу да станат и Германци, ако сакаат. Мора да биде само по себе разбирливо на универзитетот во Росток да има германист од Индија, како и африкански свештеник во Горна Баварија или боливиски инженер кај Мерцедес.

Остануваат уште бегалците. Тука никој не може да знае колку долго ќе трае војната или граѓанската војна од која побегнале. Доволен е само примерот на Сирија. Бегалците, според меѓународното право, добиваат статус за престој. На нив се однесува новиот закон за интеграција.

Во најдобар случај тој ќе ги наведе добро да научат германски и овде да работат, а за младите, сосем младите, содржи и шанса од бегалци да станат доселеници. Тука Германија е исправена пред голем, долготраен тест за докажување.

Ова ништо не менува во потребата на германското општество од сакани и селектирани доселеници, а за тоа е потребен закон за доселување, што се бара со години. Големата коалиција би морала да успее да го донесе.

Промовирани огласи »

Нова цена на бензинот и дизелот во Македонија

За очекување е поевтинувањето да се движи меѓу еден и два денари по литар во зависност од дериватот.

По бранот поскапувања движењето на цената на суровата нафта на берзата во Лондон дава надеж дека конечно ќе имаме двонеделен период по кој Регулаторната комисија за енергетика ќе може да постави пониски максимални малопродажни цени. 

Во моментов барел нафта се движи околу 75.5 долари и тоа е цената на која е фиксиран овој енергенс во последните неколку дена. Највисоката вредност во изминатиот пресметковен период  беше 77 долари кон крајот на минатата недела. Сепак и тоа е под просекот од претходните две недели кој изнесуваше 78,6 долари за барел. 

За очекување е во вакви услови Регулаторот денеска да пресмета пониска максимална малопродажна цена.

За очекување е поевтинувањето да се движи меѓу еден и два денари по литар во зависност од дериватот.

Промовирани огласи »

Минималната плата во плико им се враќа на работодавачите

Законот за минимална плата не ги даде очекуваните резултати

5000 работници во текстилната индустрија се под директна закана дека ќе ги изгубат работните места и дека ќе завршат на улица. Најголем број од нив се жени. Законот за минимална плата не ги даде очекуваните резултати.

Работодавците и синдикалните организации отворија фронт со министерката Мила Царовска и Владата на Република Македонија.

Лавина реакции пристигнуваа на адреса на министерството за труд и социјална политика при креирањето на Законот за минимална плата, во делот на нормата која работникот требаше да ја постигне за да биде платен со 12 илјади денари, но тогаш државата не ги слушна синдикатите кои застанаа на страната на работниците и кои остро се спротиставија на владината политика да се експлоатира трудот на работникот.

Уставниот суд неодамна пресече со укинување на нормираниот учинок. По оваа одлука, работодавците ја ставија министерката Царовска во ќор сокак. Дали Царовска ќе застане во одбрана на достоинството на работниците или пак на страната на работодавците?

Владините мерки за субвенционирање на работодавците и покрај тоа што беа најавувани помпезно и спектакуларно , останаа не апсорбирани, како резултат на проструените гласини во јавноста дека инспекциски служби ќе им дишат во врат на работодавците за тоа како ги искористуваат средствата од државната помош. Исто така, бирократските процедури и високите критериуми ги предомислија фирмите да аплицираат за субвенции во Управата за јавни приходи.

Викендов во Белград, министерката Царовска на Регионална конференција „Иднината на државите за благосостојба на Западен Балкан“, меѓу другото, зборуваше и за минималната плата во Република Македонија, која наводно придонела за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните. Царовска заборави да каже како работниците во плико на рака ги враќаат назад парите во џебот на работодавците, а со тоа дека Законот за минимална плата навистина остана празно слово на хартија.

Од понеделник Царовска ја очекува жешка работна недела во водењето на социјалниот дијалог пред Економско социјалниот совет, каде треба да ги испегла сите недоследности и импровизации во законската регулатива со сите засегнати страни во процесот.

Промовирани огласи »

Иницијатива за воз од Скопје и Битола до Солун, Платамона…

– Отидов со понуда во Грција да воведеме воз Скопје – Солун, со можност во летниот период да се продолжи до Платамона.

Македонски железници Транспорт АД Скопје им предлага на Грчките железници (TRAINOSE ) да се воведат возови на релација Скопје-Солун со можност во летниот период за продолжување до Платамона, како и за железничка врска Битола-Солун преку Лерин.

Тие проекти се претставени при минатонеделната посета што ја оствари менаџерски тим од МЖ Транспорт во Грчките железници, од каде, според директорот на патнички сообраќај во МЖ Транспорт ад Скопје, Сашa Јовановски, рекле дека за такво нешто ќе се разговара во февруари или март следната година кога би се доекипирале со машиновозачи, кои им се дефицитарни.

Отидов со понуда во Грција да воведеме воз Скопје – Солун, со можност во летниот период да се продолжи до Платамона. Ако прифатат Грчките железници во тој случај би се поврзале со нашите туристички агенции и би понудиле цена по договор, изјави за МИА Јовановски.

Редовната цена за Солун е 1.200 денари со воз, а со автобус 1.600 денари на редовна линија, но со агенции таа стасува до 900 денари. Затоа, посочува Јовановски, замислата е со Грчките железници да најдеме некоја прифатлива цена која ќе биде конкурентна на друмот и да ја понудиме на туристичките агенции. Таму Железничката станица е на излезот од Катерини кон Паралија и Олимпик бич, од каде има редовни автобуски линии со времетраење од 10-ина минути и патниците би можеле да патуваат. Пругата минува и низ Лептокарија, вагонот може да отиде до Неипори. Може да се договориме по примерот на ад хок возовите од поранешна Југославија како што беше возот од Скопје за Сплит. Идејата беше да воведеме некој таков воз или можеби само вагон од Скопје за да се приклучи на возот што е во Грција, вели Јовановски, дополнувајќи дека проектот за зимските месеци го нарекле „На кафе во Солун“.

По информациите од Министерството за транспорт дека пругата Битола – Кременица ќе биде готова до крај на ноември, од МЖ Транспорт предложиле да се пушти локален воз на релација Битола-Лерин. Првично би го користеле грчките државјани кои се почесто од различни причини се во посета на тој дел од државава.

Грците имаат воз од Лерин до Солун, а ние од Скопје до Битола. Значи, да седнеме и да се договориме да ги поврземе нашите локални возови, на пример ако нашиот воз во Битола стасува во 10:15 часот во 10:30 да тргнуваат за Лерин. Кога ќе стаса во Лерин, после отприлика 15 до 20 минути да тргне нивниот локален воз за Солун и така би имале железничка врска Битола – Солун преку Лерин, појасни Јовановски.

Се прават напори и да се најде решение за опстојување и во зимскиот период на возот на релацијата Солун – Белград кој транзитира низ Македонија и е единствено железничко поврзување со Европа. Во тек на зимата таа линија е нерентабилна и има малку патници поради долгото патување и старите вагони. Според сегашните предлози на Грчката и Српската железница, возот би сообраќал до 30 септември.

Македонската страна би ги актуелизирала повторно предлозите во октомври во Скопје, кога Македонски железници ќе биде домаќин на Регионалната средба за патнички сообраќај на Југоисточна Европа, со која претседавач ќе биде директорот за патнички сообраќај на Грчките железници. – Ќе се обидеме колку што можеме максимално овие проекти да заживеат, но тоа не зависи само од нас, укажува Јовановски.

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »