Финансиските друштва што одобруваат брзи кредити треба да им вратат 140 милиони денари, или околу 2,3 милиони евра, на повеќе од 26.000 граѓани. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) при надзорите спроведени од 2023 до 2026 година утврдил дека друштвата незаконски наплаќале провизии, трошоци за опомени и надоместоци за доцнење со отплатата.
Директорот на ДПИ, Влатко Стојковски, изјави дека друштвата имаат рок од 30, 60 или 90 дена да ги вратат парите, по што ќе следуваат контролни надзори. Според него, казните се движат од 2.000 до 10.000 евра по мерка, а на некои друштва им се изречени повеќе мерки.
Министерот за економија Бесар Дурмиши предупреди дека друштвата што нема да ги известат граѓаните и да им ги вратат парите може да бидат затворени. Имињата на фирмите засега не се објавени бидејќи инспекциските постапки сè уште траат. Надлежните најавија дека ќе ги објават по завршувањето на постапките.
Тагови: брзи кредити граѓани фирми