Промовирани огласи »

HR аларм: Големи AI ветувања мали резултати

AI револуција или само добар маркетинг? Вработените почнуваат да ја гледаат разликата!

Компаниите сè почесто зборуваат за вештачка интелигенција, но кога големите најави не се проследени со реални промени, вработените можат да станат скептични кон менаџментот.

Вештачката интелигенција станува дел од стратегиите на сè поголем број компании. Но, ново истражување покажува дека не е доволно организациите само да зборуваат за AI вработените сакаат да видат како тие најави навистина се претвораат во промени на работното место.

Анализата на повеќе од 500.000 рецензии од вработени на Glassdoor, спроведена од AI-Driven Enterprise Institute (AIDE), покажува интересна поврзаност: кога вработените зборуваат негативно за вештачката интелигенција во своите компании, тие имаат тенденција да дадат и пониска оценка за целокупното работно место.

Најголемиот проблем не е AI туку довербата во лидерството

Според истражувањето, најголемата разлика била забележана кај оценките за високото раководство. Вработените кои негативно ја споменувале AI технологијата му дале просечна оценка од 2,04 од 5 на лидерството, додека оние кои позитивно зборувале за AI дале просечна оценка од 3,34.

Истражувачите предупредуваат дека негативниот став кон AI често не се однесува само на самата технологија. Тој може да биде сигнал дека вработените се прашуваат дали менаџментот има јасен план, дали правилно ја комуницира промената и дали навистина може да го реализира она што го ветува.

Кога „AI стратегијата“ останува само на презентација

Особено проблематична е ситуацијата во која компанијата интензивно зборува за AI, објавува стратегии и најавува трансформација, но вработените не гледаат конкретна примена. Истражувањето покажува дека компаниите кај кои ветувањата за AI значително ја надминуваат реалната имплементација имале повеќе од двојно повеќе негативни AI рецензии во споредба со компании каде што бил забележлив реален напредок.

Интересно е и тоа што компаниите кои имале големи AI амбиции, но и видлива реализација, имале само 12,6% негативни AI-рецензии. Кај компаниите кои постепено воведувале AI без голема маркетиншка експонираност, уделот бил уште помал 7,2%. Кај компаниите чии најави значително ја надминувале имплементацијата, негативните рецензии достигнале 27,5%.

Вработените сакаат да видат што се менува

Пораката за HR лидерите е јасна: AI не треба да биде само дел од корпоративниот речник, туку дел од секојдневното работење.

Ако компанијата зборува за AI, вработените очекуваат да знаат:

  • Како ќе се користи технологијата во нивната работа?
  • Кои задачи ќе бидат автоматизирани?
  • Како ќе се променат нивните работни места?
  • Дали ќе добијат обука за користење AI алатки?
  • Како компанијата ќе ги заштити нивните податоци?
  • Дали AI ќе им помогне да бидат поефикасни или само ќе создаде дополнителен притисок?

Кога овие прашања остануваат без одговор, AI стратегијата лесно може да создаде повеќе несигурност отколку ентузијазам.

AI влијае и врз имиџот на работодавачот

Влијанието не завршува кај постојните вработени. Начинот на кој компанијата ја користи AI технологијата може да влијае и врз тоа како ја доживуваат потенцијалните кандидати.

Според податоци цитирани од HR Dive, 74% од работниците изјавиле дека интервју со AI агент би го променило нивното мислење за компанијата. Од нив, 37% го опишале таквото искуство како „неперсонално“, додека само 23% го оцениле како „иновативно“.

Дополнително, едно друго истражување покажало дека 85% од вработените сметаат дека AI-генерирана неквалитетна содржина („workslop“) од менаџер или претпоставен може да ја наруши довербата во лидерството.

За HR, лекцијата е едноставна: помалку зборување, повеќе докази

Компаниите не мора да бидат први кои ќе воведат секоја нова AI алатка. Но, ако веќе најавуваат голема AI трансформација, важно е вработените да можат да видат конкретни резултати.

Наместо само да се зборува за „AI-first“ стратегија, HR може да се фокусира на конкретни чекори: обука на вработените, јасни правила за користење AI, транспарентна комуникација и практични алатки кои навистина го олеснуваат работењето.

Затоа што во ерата на AI, довербата не се гради со тоа колку гласно компанијата зборува за технологијата, туку колку јасно вработените можат да видат дека зад зборовите навистина стојат дела.

Прочитајте и за: Како треба работодавачите да управуваат со отсуството поради загуба на близок?

Тагови: AI HR трендови вработени

Промовирани огласи »

Алкалоид, Пивара, Еурофарм и многу други вработуваат!

Огласи за работа во Алкалоид, Пивара, Еурофарм!

Денес ви ги издвојуваме најпосетуваните работни позиции од реномирани компании на KARIERA.mk, се надеваме дека ќе го најдете вашето идеално работно место меѓу нив.

Пивара Скопје АД е една од најстарите и најпрепознатливи компании во Македонија, со традиција што трае повеќе од 100 години. Основана во 1924 година, денес Пивара Скопје е водечки производител на пиво, безалкохолни пијалаци и вода, и горд партнер на светските брендови Coca-Cola и Heineken.

Моментално вработува:

Помошник за дистрибуција
Возач - Дистрибутер
Бренд менаџер за премиум жестоки пијалаци
Финансиски Аналитичар (м/ж)

Алкалоид AД Скопје е компанија која повеќе од осум децении работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи. 

Моментално вработува:

Помошник во менза
Готвач

Еурофарм модерна, иновативна, општествено-одговорна компанија која секојдневно се надградува и усовршува како сигурен, проверен и потврден партнер во трговијата на големо со фармацевтски производи во Република Македонија и регионот.

Моментално вработува:

Дипломиран фармацевт или Фармацевтски техничар - Скопје

Групацијата PRIMA е најнапреден систем кој произведува и продава мебел во регионот. 

Моментално ваработува:

Референт за наплата и кредитирање во Скопје
Продажен претставник за внатрешно уредување во Битола
Продажен претставник за внатрешно уредување во Скопје

УНИБанка опстојува 30 години на македонскиот банкарски пазар, која нуди широк спектар на продукти услуги насочени кон правниот и физичкиот сегмент. 

Моментално вработува:

Специјалист за реализација на решенија за присилна наплата во Сектор плаќање во земјата

Рамстор Македонија е една од водечките малопродажни синџири во земјата. Од своето основање во 2005 година, компанијата постојано расте и денес располага со широка мрежа на супермаркети и трговски центри низ цела Македонија.

Сите огласи од Рамстор Македонија можете да ги најдете ТУКА.

Вдл Бус Македонија Дооел, белгиски реномиран производител на автобуси, лоциран во Технолошко Индустриската Развојна Зона – Скопје 2, во Бунарџик/Илинден.

Сите огласи од Вдл Бус Македонија можете да ги најдете ТУКА.

Компанијата А1 Македонија е член на Групацијата А1 Телеком Австрија, водечки провајдер за комуникациски и дигитални решенија во Централна и Источна Европа.

Сите огласи од А1 Македонија можете да ги најдете ТУКА.

Зегин ДОО е првата приватна компанија во Република С. Македонија регистрирана за продажба на лекови.

Сите огласи од Зегин можете да ги најдете ТУКА.

Се уште невработени?! Сите останати активни работни позиции можете да ги најдете ТУКА.

Промовирани огласи »

Младен Мицевски: Професорот од Кратово кој ја чува гастрономската традиција од заборав

Што крие Кратово, а светот сè уште не го открил? Одговорот на Младен Мицевски ќе ве изненади

Кој е Младен Мицевски? Кажете ни нешто повеќе за себе – каде започна вашиот професионален пат и што ве донесе токму до професијата професор?

Мојот професионален пат би рекол дека е доста интердисциплинарен, од причина што спојувам повеќе работи кои сум ги сакал и работел во текот на мојот живот. Моментално сум докторанд на Катедрата по туризам на Економскиот факултет при Југозападен универзитет „Неофит Рилски“ – Благоевград, Бугарија, додека претходното образование ми е исто така поврзано со туризмот и угостителството на Факултетот за туризам и бизнис логистика во Штип.

Всушност, и оттаму започна сè. Големиот ангажман на факултет и во воннаставни активности придонесе сè повеќе и повеќе да навлезам во сферата на туризмот и угостителството. Имам работно искуство во повеќе европски хотелски капацитети во различни оддели (кујна, послужување, анимации и др.), како и во туристичка агенција.

Сепак, со мојата одлука да се вратам во Кратово, барем на кратко, излезе можноста да работам како наставник по стручни предмети од секторот угостителство и туризам. Тоа беше одлична можност да ги спојам моите професионални знаења и вештини со желбата за работа со млади, како долгогодишен младински активист, а од друга страна да се насочам кон културата и традицијата со која располага Кратово, што беше еден од мотивите за моето образование од областа на туризмот.

Работата со млади луѓе е секогаш инспиративна, ентузијастичка, но и предизвикувачка. Како и да е, сепак станува збор за непроценливи искуства и неисцрпна енергија со која ме исполнуваат учениците.

Што е она што најмногу ве исполнува во работата со младите – моментот кога ќе научат нешто ново, кога ќе се осмелат да пробаат нешто поинаку или кога ќе сфатите дека сте им помогнале да поверуваат во себе?

Најпрвин, вербата во себе и нивниот личен карактерен напредок ми се она што најмногу ме исполнува. Секако, постигнувањата што ги имаат ме мотивираат и мене за понатаму, но доколку пред мене имам среќни млади луѓе, сè друго се постигнува полесно.

Кога креираме нови работи, се трудам да имаат највисок можен степен на слобода во работата, за да излезе на површина она што го чуваат во себе, а што може да биде воодушевувачко. Секако, јас сум покрај нив со практични совети за кои дискутираме.

Всушност, искрените и поддржувачки релации кои ги имаме придонесуваат да се оствари мојата мисија во образованието на младите.

Според вашето искуство, што им недостига на младите за да поверуваат дека и во својот град можат да изградат успешна приказна?

Градењето на успешна приказна не е едноставно. Трендовите и егзистенцијалните потреби влијаат на одлуките каде да се градат животните и професионалните приказни.

Мојот совет е секогаш да соберат доволно искуство во тоа што го прават, за да можат потоа да го пренесат во својата средина доколку го сакаат тоа, за да се развие и локалната заедница.

Сепак, можеби поддршката од повозрасните и креирањето на постабилна и поразнолика средина за младите е една од можностите да се врати довербата на младите во своите градови, особено во помалите.

Во кој момент сфативте дека гастрономијата не е само професија, туку и начин да се зачуваат традицијата, приказните и идентитетот на едно место?

Потекнувам од семејство каде што секогаш се негувала традицијата и локалните, регионалните и националните рецепти. Тоа придонесе да имам основни познавања за нашата гастрономија, но сепак со студиите, а уште повеќе со работата со учениците, сфатив дека ние сме тие што треба да ја негуваме и пренесеме гастрономската култура и да се гордееме со тоа што го поседуваме.

Всушност, со нашите активности ние станавме чувари на гастрономското наследство и со текот на времето станавме препознатливи по локалната гастрономија и нашиот ангажман.

Всушност, тоа беше и причина јас да продолжам и научно да се занимавам со одржливоста на гастрономијата.

Кратово има богата историја, но колку самите жители се свесни за потенцијалот што го има нивниот град? Што мислите дека сè уште не сме успеале доволно да му го покажеме на светот?

За жал, уште сите не сме целосно свесни за неисцрпниот потенцијал што го поседува Кратово. Многу ми е мило што последните децении сè повеќе се зборува за валоризација на историјата преку туризмот и имаме зголемување на посетите, но сепак локалната заедница е еден од клучните фактори.

Имено, можеби потребна е едукација на целата наша заедница за потенцијалот. Затоа и во моите ангажмани со учениците секогаш го работиме потенцијалот на Кратово. Среќен сум што младите генерации ќе имаат поголема свесност за туристичкиот развој, бидејќи тие ќе треба да бидат носители на развојот во иднина.

И дефинитивно, не сме успеале доволно да му го покажеме на светот. Секој еден турист останува воодушевен од Кратово, а сепак неговиот реален капацитет не се користи соодветно.

Кога би требало на турист кој никогаш досега не бил во Кратово да му го претставите градот преку само три нешта, кои би ги избрале и зошто?

Тоа би биле: приказни, културен крстопат и гастрономија.

Кратово е полно со приказни и легенди за секој еден објект кој се наоѓа во него и неговата околина. Од друга страна, тука живееле повеќе народности и заедници во текот на историјата (Пајонци, Римјани, Дубровчани, Османлии, Шлези, Саксонци, Евреи, Македонци, Роми итн.), така што Кратово во себе го чува тој мултикултурализам преку секој направен чекор низ градот.

Гастрономијата е неповторлива. Кратовската пастрмајка, мантиите, арм’кот и многу други се специјалитети кои никого не оставаат рамнодушен.

Колку е тешко денес да се задржи вниманието на младите и да ги мотивирате да се заинтересираат за нешто што бара време, труд и многу практика?

Предизвиците на современото општество се сè поголеми и ние треба да изнаоѓаме решенија, но и да се прилагодуваме до одредени граници.

Јас би кажал дека вниманието сепак зависи од пристапот и комуникацијата која ја водиме. Моето искуство покажа дека со менување на пристапите, со сослушување на младите, со долги, длабоки и отворени дискусии се постигнуваат целите во едукацијата на младите.

Давањето постојана поддршка, посветувањето на заслуженото внимание и менторирањето се едни од пристапите кои кај мене најчесто даваат резултати.

Кога би можеле да вратите еден стар рецепт, обичај или гастрономска приказна од Кратово која полека исчезнува, што би избрале?

Има многу такви рецепти, кои полека се видоизменуваат или пак се заменуваат со посовремени варијанти, пред сè поврзани со некои празнувања, обичаи, ритуали и традиции.

Но, може да го издвојам она нешто што го подготвивме со учениците претходната есен, а е поврзано со гроздоберските традиции во Кратовско.

Кратово, поради вулканската подлога, има одличен тероар за одгледување на винова лоза, така што во минатото секое домаќинство имало лозје. Денес се прават обиди лозарството повторно да заживее.

Имено, во соработка со повеќе локални институции, минатата година за првпат го реализиравме настанот „Кратовски гроздоберски традиции“, на кој беа вклучени и гастрономски традиции, така што подготвивме „гроздоберска манџа“ со јагнешко и погача.

Буквално, за голем број од повозрасните посетители, пробувањето на оваа чорба беше враќање во нивното детство и во вкусовите кои останале длабоко врежани во нивната меморија.

Ако денес пред вас стои млад човек кој се сомнева во себе и мисли дека нема доволно талент за да успее, што би му кажале?

Би му кажал дека талентот е само почеток, а не гаранција за успех. Многу поважни се љубопитноста, упорноста и подготвеноста да учиш.

Не треба да чека да стане доволно добар за да започне  треба да започне, да греши, да учи и постепено да стане подобар.

Буквално, за успех јас го употребувам зборот „ролеркостер“. Понекогаш најголемиот талент е едноставно да не се откажеш од себе.

Која е вашата најголема желба за младите во Кратово и за иднината на градот преку гастрономијата и туризмот?

Мојата најголема желба е младите да имаат избор. Ако сакаат да останат да создадеме можности да останат, а ако сакаат да заминат  да заминат за да стекнат знаење и искуство, но да имаат причина повторно да се вратат.

Би сакал Кратово да стане место кое ги задржува младите со можности и поддршка на младински иницијативи и младински бизнис идеи.

А одржливиот развој на гастрономијата и туризмот може да биде еден од начините тоа да го постигнеме.

Тагови: традиции храна гастрономија Младен Мицевски Кратово

Промовирани огласи »

Зошто витаминот Д е толку важен за децата?

Еве зошто на децата им е потребен витамин Д

Во периодот на растење, организмот на детето има потреба од низа витамини и минерали кои придонесуваат за правилен развој. Меѓу нив особено значење има витаминот Д, кој не е важен само за коските, туку учествува и во нормалното функционирање на мускулите и имунолошкиот систем.

Една од неговите главни улоги е да му помогне на организмот да го апсорбира калциумот. Ова е особено важно кај децата, бидејќи во детството и адолесценцијата коските интензивно растат и се развиваат. Недостатокот на витамин Д во потешки случаи може да доведе до рахитис, состојба при која коските стануваат меки и слаби.

Како децата го добиваат витаминот Д?

Организмот може да создава витамин Д кога кожата е изложена на сончева светлина, но количината што се создава зависи од повеќе фактори. Внесот може да се обезбеди и преку храната.

Меѓу намирниците кои содржат витамин Д се масните риби, жолчката од јајцето и одредени печурки. Дополнително, некои производи како млеко и житарици може да бидат збогатени со овој витамин.

Колку витамин Д им е потребен на децата?

Потребите зависат од возраста. Според податоците на американскиот Национален институт за здравје, за бебињата до 12 месеци се препорачуваат околу 400 IU дневно, додека за децата од една година и адолесцентите препораката е околу 600 IU дневно.

Кај доенчињата, особено кај оние кои се дојат, често се препорачува дополнителен внес на витамин Д бидејќи мајчиното млеко само по себе не обезбедува доволно количество.

Сепак, тоа не значи дека повеќе витамин Д секогаш значи и поголема корист. Прекумерниот внес преку суплементи може да биде штетен, па дозирањето треба да биде според возраста и препораката од лекар или педијатар.

Затоа, балансираната исхрана, престојот на отворено и советот од здравствен професионалец се важни за да се обезбеди соодветен внес на витамин Д во периодот кога детето расте и се развива.

Тагови: витамин Д деца здрава храна здравје

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »