Националните радиодифузери членки на ММА и јавниот сервис МРТ изразија сериозна загриженост поради сомнежи дека со работењето на спортските канали Arena M1, M2 и M3 Premium се заобиколуваат македонските закони. Според нив, каналите подолг период функционираат без домашна дозвола, иако продукцијата, студиските емисии, новинарите и коментаторите се наоѓаат во Скопје, а програмата се емитува на македонски јазик.
Дополнително, ММА и МРТ посочуваат дека овие канали не се појавуваат во евиденцијата на српскиот регулатор РЕМ, што, според нив, значи дека не станува збор за домицилни српски сервиси. Сепак, во операторските евиденции одобрени од АВМУ тие се водат како странски канали што емитуваат програма на српски јазик. Оттаму бараат институциите да утврдат дали е избегната законската обврска за лиценцирање, дали е нанесена штета на буџетот поради неплаќање лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица и службениците во АВМУ.
Во реакцијата се бара и проверка за можно неовластено користење на премиум спортски ТВ-права, односно евентуална ТВ пиратерија, како и конечно да се испита долгогодишното незаконско реемитување на канали од регионот. ММА и МРТ најавија дека ќе поднесат претставки до Јавното обвинителство и МВР, а предупредија и дека нема да дозволат истиот модел да се примени и за најавениот Euronews Македонија. Според нив, „беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило“.
Тагови: Arena Sport Македонската радио телевизија (МРТ) АВМУ