Европската Унија влегува во завршната фаза од подготовките за воведување на дигиталното евро, откако Европскиот парламент ја потврди преговарачката позиција и го отвори патот за финални разговори со владите на земјите-членки. Новата валута, според најавите, треба да стане дополнителен начин за плаќање, без да ја замени готовината, а целта е да им понуди на граѓаните побезбедни и поефикасни дигитални трансакции.
Дигиталното евро ќе функционира преку дигитален паричник, во кој корисниците ќе ги чуваат своите средства и ќе можат да плаќаат и со интернет и офлајн. Европската централна банка ќе ја обезбеди основната инфраструктура, додека комерцијалните банки и давателите на платежни услуги ќе ги нудат услугите за граѓаните и компаниите. Од ЕЦБ уверуваат дека приватноста ќе биде високо заштитена и дека нема директно да можат да ги идентификуваат корисниците според нивните плаќања.
Најголемите предизвици во претстојните преговори ќе бидат поврзани со надоместоците и компензацијата за банките и платежните компании што ќе учествуваат во системот. Една од идеите е трговците да плаќаат пониски провизии отколку за сегашните картични трансакции. Според најавите, законската рамка би можела да биде усвоена до крајот на годината, пилот-проектот да стартува во 2027 година, а пошироката примена на дигиталното евро да започне во 2029 година.
Тагови: ЕУ дигитално евро