Пазарот на недвижности во Дубаи претрпе сериозни загуби поради зголемената економска неизвесност предизвикана од војната на Блискиот Исток, јавува агенцијата Анадолу.
Според податоците од финансиското пазариште во Дубаи, индексот на недвижности (DFMREI) паднал за околу 30 проценти од 28 февруари, кога започнаа воените напади во регионот.
Индексот, кој на 28 февруари изнесувал 16.140 поени, паднал на околу 11.500 поени до затворањето на берзата во петокот. Ова е најниското ниво од април 2025 година.
Ескалација на конфликтот
Тензиите на Блискиот Исток се зголемија откако САД и Израел на 28 февруари започнаа заеднички напади врз Иран. Во нападите загинаа околу 1.200 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со дронови и ракети, насочени кон Израел, Јордан, Ирак и неколку заливски земји во кои се наоѓаат американски воени бази.
Финансиски последици во регионот
Економската нестабилност веќе се чувствува во регионот. Поради зголемените безбедносни ризици, американската банка „Ситибанк“ оваа недела одлучи привремено да ги затвори своите филијали во Обединетите Арапски Емирати.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку конфликтот продолжи, пазарот на недвижности и финансискиот сектор во регионот може да претрпат уште поголеми загуби, бидејќи инвеститорите се повлекуваат поради геополитичката нестабилност.
Тагови: Блискиот Исток Дубаи цени на станови