Која е Емилија? Кажете ни нешто повеќе за себе.
Емилија приватно е пред сè сопруга и мајка, а професионално – магистер по нутриционизам. Овие две улоги во мојот живот ме научија дека балансот не е само теорија, туку неопходна вештина за секојдневно функционирање.

Својата професија ја доживувам како благородна можност да им помогнам на луѓето да ја разберат вистинската вредност на храната. Мојата работа не се сведува само на насоки за тоа „што да се јаде“, туку на едукација за тоа како правилно да се грижиме за сопственото здравје и да создадеме одржливи навики. Тоа се навики кои не се краткорочни диети, туку извор на енергија, подобро расположение и долгорочна виталност.
Цврсто верувам дека секој човек е уникатен и дека секој организам има различни потреби, навики и специфична здравствена состојба. Затоа во мојата пракса не постојат „готови решенија“. Работам со целосно индивидуален пристап, прилагоден на начинот на живот, секојдневните обврски и моменталната здравствена состојба на клиентот.
Како започна вашата професионална приказна
Мојот пат како нутриционист започна во еден од најтешките периоди во мојот живот – приказна што за првпат ја споделувам јавно.
Во исто време бев бремена и поминував низ рехабилитација по скршен лакт. По пад од ролери завршив на операција која траеше цели седум часа. Тоа беше период исполнет со силна физичка болка, ограничени движења и голем психички товар, но и со неизмерна радост поради новиот живот што растеше во мене.
Токму тогаш научив колку телото и психата се навистина силни, но и колку е важна правилната и свесна грижа. Бременоста ми ја откри вистинската моќ на храната – како секој оброк директно влијае не само на моето здравје, туку и на развојот на нов живот.
Со скршена рака и 80% инвалидитет научив што значат регенерација, трпение, опоравување и слушање на сопственото тело. Тој период ме насочи кон подлабоко истражување на улогата на исхраната – и во процесот на заздравување и како поддршка за здрав развој на бебето. Од таа лична борба се роди и мојата мисија. Паралелно со сè, го надградував и своето знаење како магистрант, а денес, како магистер по нутриционизам, мојата цел е да им помогнам на луѓето да го зајакнат здравјето преку правилна исхрана – како превенција, но и како поддршка во најчувствителните животни моменти
Кои се најчестите грешки во секојдневната исхрана
Многумина веруваат дека прескокнувањето оброк, особено појадокот, значи внесување помалку калории. Реалноста е спротивна – тоа често доведува до пад на енергијата и прејадување во вечерните часови.

Најчестите грешки се:
- следење краткорочни и рестриктивни диети
- прескокнување оброци
- недоволен внес на протеини, здрави масти и растителни влакна
- потценување на значењето на водата и редовниот сон
Најважно е да се разбере дека исхраната не е казна, туку алатка за здравје, енергија и квалитетен живот.
Од што најчесто произлегуваат нередовните оброци и прејадувањето?
Овие навики најчесто не се резултат на „недисциплина“, туку на современиот начин на живот. Брзото темпо, долгите работни часови, хроничниот стрес и недоволната едукација за основните принципи на исхрана создаваат услови луѓето да ги прескокнуваат оброците во текот на денот, а навечер да внесуваат прекумерни количини храна.
Дополнително, емоционалното јадење како реакција на замор, напнатост или незадоволство е многу присутно, но често недоволно препознаено

Кои намирници најчесто ги советувате да се избегнуваат?
Најчесто препорачувам елиминирање или значително намалување на индустриски преработени производи богати со шеќери, транс-масти и адитиви, како и засладени пијалаци и „скриени“ калории без нутритивна вредност.
Редовната консумација на ваква храна предизвикува брзи гликемиски осцилации, не обезбедува ситост и придонесува за воспалителни процеси во организмот, зголемен ризик од дебелина, дијабет тип 2, кардиоваскуларни заболувања и хормонален дисбаланс.
Колку се важни редовните оброци и внесувањето на вода?
Редовните оброци и соодветната хидратација се основа за правилно функционирање на организмот. Тие помагаат да се одржи стабилно ниво на енергија и шеќер во крвта, го намалуваат чувството на глад и го спречуваат прејадувањето, особено навечер.

Водата учествува во сите витални процеси – од варењето и апсорпцијата на хранливите материи, до регулацијата на телесната температура и елиминацијата на токсините. Недоволниот внес може да доведе до замор, главоболки, намалена концентрација и забавен метаболизам.
Мојата препорака е 3 главни, избалансирани оброци дневно, со доволно протеини, растителни влакна и здрави масти, една до две ужинки и континуиран внес на вода во текот на целиот ден.
Кога е вистинско време да се побара помош од нутриционист?
Нутриционистот не треба да биде „последна станица“. Напротив, нутритивната поддршка има огромна превентивна улога. Стручна помош е корисна и за градење здрави навики, подобрување на начинот на исхрана и адаптација кон животниот стил, а не само при здравствени состојби како хормонален дисбаланс, дигестивни проблеми, нарушен липиден статус, анемија, кардиоваскуларни заболувања или исхрана кај бремени и доилки.
Здравата исхрана не треба да биде товар. Храната треба да биде наш сојузник во создавањето подобар, поенергичен и поквалитетен живот.
Тагови: здрава храна здравје Нутри Ем