Која е Марија Спасовска? Како би се опишала во три збора?
Марија Спасовска е една уметничка душа која балансира помеѓу уметностите и студирањето. Ако треба да се опишам во три збора, тоа би биле: своја, посветена и луда.

Како започна твојата музичка кариера и што те инспирираше на почетокот?
Мојата љубов кон музиката започна уште на 4 годишна возраст, кога сè уште не сум ни била свесна за себе. Учествувајќи на речиси сите детски фестивали низ Македонија, а потоа и интернационални фестивали, музиката стана дел од моето секојдневие во детските години. Потоа сфатив дека музиката не е само детско хоби, туку суштински дел од мене, па тоа ме инспирираше и да продолжам да се занимавам со таа уметност. Всушност инспирацијата ја пронајдов во себе, во тоа што го имам и тоа што можам да го споделам.
Кога ја создаваш музиката - повеќе се фокусираш на текст, мелодија или аранжман?
Во мојот процес на креација, честопати текстот и музиката ги создавам одеднаш, така што истовремено се фокусирам на двата сегменти. Сепак зависи од периодот, некогаш сум поинспирирана за пишување текст и зборовите сами доаѓаат без да треба да имам голем фокус, па фокусот го пренасочувам за мелодијата која треба да го надополни. За аранжманот вообичаено имам појдовна идеја, но креацијата на истиот го препуштам на друг автор затоа што сè уште не сум навлезена целосно во тој дел на креирање музика.

Какво беше искуството на Детската Евровизија во 2018 година и какво влијание имаше врз твојата кариера?
Искуството на Детската Евровизија во 2018 беше многу инспиративно и го отвори патот за понатамошно развивање на мојата кариера и стекнување публика. Иако се случи пред 7 години, сеќавањата ми се јасни и секогаш ми носат пријатни чувства кога ќе помислам на тоа искуство. Дефинитивно учеството таму влијаеше позитивно од многу аспекти. Пред сè, уште на мали години сфатив како професионално функционира светската музичка индустрија и колку работа и посветеност е потребно за да се постигне некаков успех. Запознав луѓе од целиот свет, што за едно 13 годишно девојче беше огромно богатство. Се изборив успешно со тремата, настапувајќи пред 20000 луѓе во живо и сфатив дека ништо не е невозможно. Тоа искуство ме охрабри да размислувам сериозно за музичка кариера во иднина.
Има ли лична приказна или искуство што те инспирирало при пишувањето на текстовите?
Секогаш барам инспирација во она што се случува околу мене. Вообичаено инспирацијата доаѓа од лична приказна, но знам и да запишам нечии мисли коишто ме инспирирале и потоа да создадам дело врз основа на тоа. Во светот на пишувањето, некогаш пишувам за чувства за коишто не сум ни била свесна дека ги поседувам пред да ги запишам, така што тој процес ми е баш забавен и целосно ме исполнува.

Каква е идејата зад насловот „Забрането“ - што значи за тебе „забранетото“?
“Најубаво е она што е забрането” е една универзална мисла која прошла низ свеста на речиси секого. Во природада на луѓето е да го посакуваат она што го немаат. Кога дојдов на ред да пројде таа мисла низ мојата глава, ја запишав и оттаму продолжи инспирацијата за песната.

Што ти е следно во план кога станува збор за твојата музичка кариера?
Работам на нови песни постојано. Моментално сум во процес на селекција на наредните песни коишто ќе ги објавам и баш сум возбудена за тоа. Со нетрпение чекам да почнам да работам на аранжманите и да ги споделам со вас.
Како изгледа твојот секојдневен живот како студентка во Солун?
Животот во Солун ми е доста “посреден” и во секој ден си следам некоја рутина. Имам предавања секојдневно, одам во теретана околу 4 пати неделно, секојдневно го посетувам музичкото студио во мојата зграда и компонирам, учам, се дружам со пријателите и уживам во прошетките покрај море. Гледам да го исполнам секој момент од денот за да немам време да сум носталгична за Скопје.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како студент во Солун и на кој начин се справуваш со нив?
Предизвик е усогласувањето на обврските околу студиите и сè она во Скопје, затоа што некогаш едноставно не е возможно да се биде на сите страни одеднаш. Кога ме очекува нешто во Скопје или имам некоја обврска поврзана со кариерата што морам да ја завршам од Солун, го губам фокусот од тековните обврски поврзани со студиите. Сепак, со добро организирање на времето и позитивна мисла, секогаш сè се постигнува.
Што би им препорачала на младите кои сакаат да започнат со музика, но сè уште немаат храброст да го направат првиот чекор?
Не треба да се плашат, затоа што некогаш стравот е пречка да се дојде до убавината. Мора да се биде трпелив и истраен, да се работи постојано. Најважно од сè, да го сакаат она коешто го прават. Иако музиката има две страни: уметност и бизнис, секогаш уметноста нека биде страната која ќе доминира и ќе го води правецот.