Кој е Ален Осман? Раскажи ни малку за себе
Ален Осман е основач и сопственик на Mamma’s Sugar Ltd – мала, но просперитетна компанија со седиште во Малта, специјализирана за рачно изработени традиционални и модерни слатки. Со силна страст кон кулинарството и претприемништвото, ја започнав Mamma’s Sugar заедно со моето семејство, со цел да ја доближам автентичната вкусна традиција до пошироката публика.
Во Малта се преселив во 2016 година, и оттогаш активно работам на промоција на нашите производи на интернационални фестивали и гастрономски натпревари ширум Европа.

Како се роди љубовта кон угостителството и кога сфати дека сакаш да започнеш свој бизнис?
Љубовта кон Mamma’s Sugar започна уште од моето детство, кога традиционалните домашни слатки имаа посебно место на секоја семејна прослава. Моето семејство отсекогаш ги ценело малите, но вкусни моменти создадени во кујната.
Кога се преселив во Малта, почувствував силна потреба да го споделам тој автентичен вкус и топлина со луѓето тука. Mamma’s Sugar не е само бизнис – тоа е приказна за љубовта кон традицијата, семејството и уживањето во секој залак.
Интересно е што името доаѓа од фактот дека токму мајка ми ги приготвуваше сите слатки – оттука, Mamma’s Sugar 🧡

Каков беше патот од идеја до реализација – како изгледаа твоите први чекори како млад претприемач во Малта? Кои беа најголемите предизвици?
Сѐ започна како мал занаетчиски проект, инспириран од домашните рецепти и спомените од детството. Кога пристигнав во Малта, забележав дека постои голем интерес за автентични, рачно изработени десерти. Од таму започна нашата приказна – прво од домашната кујна, потоа преку нарачки на социјалните мрежи и локални пазари.
Позитивните реакции ни беа голем поттик – отворивме мала производна работилница, а подоцна соработувавме со кафулиња, хотели и канцеларии. Денес Mamma’s Sugar има три локации низ Малта, како и сестрински бизнис Mamma’s Brunch & Burgers – со слатко и солено мени.

Раскажи ни повеќе за концептот на твојата слаткарница – што ја прави посебна?
Mamma’s Sugar не е само слаткарница – тоа е доживување. Секој десерт се прави рачно, со љубов, според автентични рецепти што носат душа и историја. Нашите клиенти често велат дека со секој залак се враќаат дома – во кујната на својата мајка.
Не користиме масовно производство и не правиме компромиси во квалитетот. Секогаш свежо, оригинално и со внимание на деталите. Нудиме и персонализирани нарачки и уникатни вкусови што не можете да ги најдете на друго место.
Инклузивноста е нешто што често го истакнуваш. Зошто ти е тоа важно?
Во срцето на Mamma’s Sugar лежи вербата дека секој заслужува момент на сладост – без разлика на потекло, способности или прехранбени навики. Нашиот тим е составен од луѓе од пет различни култури, а 29% од нашите вработени се лица со посебни потреби.
Тоа не е само бројка – тоа е гордост и доказ дека бизнисот може да биде хуман, топол и инклузивен. Создаваме работна средина каде што секој има шанса да блесне.

Дали имаш визија за проширување – можеби и со отворање локал и во Македонија?
Да, секако! Во 2026 година планираме експанзија низ Европа и со голема надеж очекуваме Mamma’s Sugar да пристигне и во Македонија.
Исто така, отвораме можности за франшиза – така што, доколку некој е заинтересиран, слободно може да нè контактира. Отворени сме за соработка со луѓе кои ја делат нашата страст кон квалитет, автентичност и вкусна традиција.