Нови кариерни можности во ВДЛ Бус Македонија!

Најнови огласи за работа во ВДЛ Бус Македонија!

ВДЛ Бус Македонија е дел од реномираниот белгиски производител на автобуси Van Hool, со децениско искуство и традиција во изработката на висококвалитетни возила за јавен транспорт. Компанијата е стратешки лоцирана во Технолошко Индустриската Развојна Зона – Скопје 2, во индустриската зона Бунарџик, општина Илинден.

Со современи производствени капацитети и технолошки напреден процес, Ван Хоол Македонија претставува еден од најважните странски инвеститори во земјата, обезбедувајќи стабилни работни места за стотици вработени. Главната дејност на компанијата е производство на различни типови автобуси – градски, меѓуградски и туристички, кои се пласираат на светскиот пазар.

Моментално вработува:

Инженер за јакостни пресметки и fea симулации
Работници за нова производствена линија
Механичари - подвозје и склопови
Маскирач
Инсталатер

Присуството на ВДЛ Бус Македонија претставува пример за успешно странско вложување, кое комбинира европско инженерство со локален потенцијал, истовремено придонесувајќи за економскиот развој на регионот и за јакнење на македонската индустриска база.

Сите останати активни позиции на ВДЛ Бус Македонија  можете да ги најдете ТУКА.

Тагови: ВДЛ Бус Македонија Дооел

Горивата поевтинуваат, ова се новите цени

Полнењето 50 литри ќе чини 100 денари помалку за бензин и 175 денари помалку за дизел. Проверете ги новите цени.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги намали малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,28 проценти. Од 00:01 часот на 24 ноември 2026 година, двата вида бензин ќе поевтинат за по 2 денари за литар, а дизелот за 3,50 денари.

Новите максимални цени за литар се 82 денари за ЕУРОСУПЕР БС-95, 84 денари за ЕУРОСУПЕР БС-98 и 88,50 денари за ЕУРОДИЗЕЛ БС. Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за 2,50 денари, на 98 денари за литар, а мазутот М-1 НС ќе чини 48,110 денари за килограм.

Според РКЕ, намалувањето следува по падот на референтните цени на нафтените деривати на светските пазари. Со новите цени, 50 литри бензин ќе чинат 100 денари помалку, а истата количина дизел 175 денари помалку. Ако пониските цени се задржат, тие може да ги намалат транспортните трошоци на компаниите, но тоа не значи дека автоматски ќе поевтинат и другите производи и услуги.

Тагови: Регулаторната комисија за енергетика-(РКЕ) цени на горивата

Кога AI го одбива кандидатот: Европа во 2027 ќе провери кој навистина одлучува

„Одбиен од алгоритам?“ – европските регулатори на приватноста го ставаат AI-регрутирањето под лупа

Европскиот одбор за заштита на податоците (EDPB) одлучи неговата заедничка контролна акција за 2027 година да биде посветена на автоматизираното одлучување при вработување, вклучително и на AI-алатките што ги селектираат и ги одбиваат кандидатите.

На пленарната седница на 11 ноември, EDPB телото што ги обединува националните агенции за заштита на личните податоци во ЕУ ја избра темата на својата шеста „координирана акција за спроведување“ (Coordinated Enforcement Framework). Акцијата ќе се однесува на автоматизираното одлучување, „вклучително и она водено од AI, при регрутирање“. Националните регулатори ќе се приклучуваат доброволно во наредните недели, а проверките почнуваат во текот на 2027 година.

Во фокусот се две права од GDPR: правото лицето да не биде предмет на одлука донесена исклучиво со автоматска обработка (член 22) и правото на пристап (член 15), кое вклучува и објаснување за логиката зад таквата одлука. Според анализата на адвокатската канцеларија Pinsent Masons, на удар најверојатно ќе бидат автоматското филтрирање на CV, рангирањето кандидати и автоматското одбивање.

Адвокатот Џулио Кораџо од DLA Piper предупредува дека човечкиот надзор најчесто недостасува токму кај одбиените кандидати. Според него, „прегледот“ од страна на човек мора да биде вистински, а не формалност.

Паралелно се затегнува и AI Act. Со „Дигиталниот омнибус“, во сила од 27 јули 2026 година, обврските за високоризичните AI-системи, меѓу кои спаѓаат и алатките за вработување, се одложени за 2 декември 2027 година. Казните за прекршување на обврските на работодавачите ќе одат до 15 милиони евра или 3% од глобалниот годишен промет. Францускиот адвокат Ерик Ле Келенек ја сумира логиката со слоган што го забележал во Париз: „Во HR, AI-модел со 99% точност е 100% неуспех.“

Што значи ова за Македонија? Нашиот Закон за заштита на личните податоци, со кој се транспонира GDPR, е во сила од февруари 2020 година, па европската пракса е добар показател и за домашните работодавачи. Ако користите AI за селекција на апликации, обезбедете конечната одлука, особено за одбиените, да ја носи човек, документирајте го процесот и известете ги кандидатите дека се користат автоматизирани алатки. Кандидатите, пак, имаат право да прашаат како била оценета нивната апликација.

Прочитајте и за: AI инфраструктурата создава нова криза на таленти: Недостигот на квалификувани работници станува критичен

Тагови: AI GDPR HR Европска Унија

Патувате во Грција? Од 1 јануари казна од 30 евра, ако го немате ова!

Пред да тргнете за Грција, проверете ја кутијата за прва помош. Од 1 јануари 2027 година не е доволно само да ја имате во автомобилот.

Од 1 јануари 2027 година, Грција воведува построги правила за комплетите за прва помош во автомобилите. Барањата важат и за возилата со македонски регистарски таблички, а за возачите што немаат комплет или чиј комплет не ги исполнува прописите е предвидена казна од 30 евра.

Комплетот мора да го исполнува стандардот DIN 13164:2022 или соодветен ISO стандард и да содржи 16 видови материјали и помагала. Меѓу нив се термоизолациско ќебе, стерилни завои и компреси, фластери, ножици, ракавици за еднократна употреба и две заштитни маски од типот IIR или FFP2. Материјалите треба да бидат неоштетени и со важечки рок на употреба.

Кутијата треба да биде на лесно достапно место во автомобилот и да не биде заклучена. Не мора да купувате нов комплет ако постојниот ги исполнува барањата. Пред поаѓање, проверете ја неговата содржина, дополнете го со материјалите што недостигаат и заменете ги оние со истечен рок.

Тагови: Грција казни