Од 100 до 300 евра на лице место казна за граѓаните пушачи - Подготвени ли сте за пресврт за пушењето во Македонија?

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски ги објави клучните поенти кои ќе ги донесе законот, прашувајќи „Подготвени за пресврт за пушењето во Македонија?“.

Предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР). Според истиот се предвидува целосна забрана за пушење во затворени простории и ќе биде дозволено само во строго дефинирани отворени простории. Ќе се забрани и продажбата на парче, а се предвидуваат и високи казни за непочитување. 

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, на својот „X“ профил ги објави клучните поенти кои ќе ги донесе законот прашувајќи „Подготвени за пресврт за пушењето во Македонија?“. 

Како што наведува тој овој закон ќе биде ќе биде меѓу најстрогите закони во регионот (со забрана во затворен простор, вкусови и реклама).  

Што е ново и што се менува? 

  • Регулација на нови производи (е-цигари, загреан тутун, никотински производи) - за првпат се уредуваат, како и цигарите  
  • Крај на ароматизираните производи – забранет увоз, производство и продажба на: цигари, електронски цигари, загреани тутунски производи (HTP), бездимни тутунски и никотински производи (на пр. џвакачки, снус, никотински кесици итн.) со вкусови: овошен, ментол, слатки, билни…, освен природниот тутунски вкус  
  • Тотална забрана на реклама, промоција и спонзорство – вклучително социјални мрежи, инфлуенсери, настани, филмови/серии (освен со предупредување)  
  • Цигарите и е-цигарите ќе се кријат - забрана за изложување во продавница, само во затворени шкафови, забрана за продажба во здравствени и образовни установи, и др.  
  • Целосна забрана на пушење во затворени јавни и работни простории, пред здравствени и други установи и во други јавни простори
  • Забрана во приватен автомобил ако има дете – пасивното пушење повеќе нема да им штети на децата во кола  
  • Високи казни – до 5.000 евра за фирми, 100–300 евра за граѓани на лице место.

Ова е деталниот список: Каде целосно ќе се забранат сите видови цигари со новиот закон за заштита од пушење. 

Тагови: забрана за пушење здравствено осигурување Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР)

Дали ниската цена навистина продава?

Купувачите бараат повеќе од ниска цена

Дали ниската цена навистина продава? На краток рок – да. Но, на долг рок, цената ретко е главната причина зошто купувачите остануваат лојални. Денешниот потрошувач има избор како никогаш досега и знае дека најниската цена често значи компромис во квалитет, услуга или доверба.

Купувачите не купуваат само производ, туку чувство на сигурност – јасна информација, лесен процес на нарачка, брза испорака и коректна поддршка. Ако искуството е лошо, ниската цена нема да биде доволна причина повторно да се вратат. Токму затоа брендовите што инвестираат во корисничко искуство и градење доверба, победуваат и без да бидат најевтини.

Најуспешните бизниси не се натпреваруваат кој ќе спушти цена повеќе, туку кој ќе понуди поголема вредност. Кога купувачот ќе почувствува дека добива повеќе од платеното – преку услуга, квалитет и однос – цената станува секундарна. Затоа, прашањето не е дали ниската цена продава, туку дали вредноста што ја нудите е доволна за купувачот да се врати повторно.

Тагови: продавници продажба цени

САД ги суспендираат иселеничките визи за 75 држави, меѓу нив и Македонија

Од 21 јануари 2026 година, САД привремено го прекинуваат издавањето иселенички визи за граѓани од 75 држави, вклучително и Северна Македонија, додека трае ревизијата на визните процедури.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп од 21 јануари 2026 година го суспендира процесирањето на сите иселенички визи за посетители од 75 држави, меѓу кои и Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово и  Македонија. Според документи на кои се повикува „Фокс њуз“, американските амбасади ќе бидат задолжени да одбиваат иселенички визи во согласност со важечкиот закон додека трае ревизијата на правилата во Стејт департментот.

Во меморандумот, кој наводно потекнува од Стејт департментот, се наведува дека прекинот на обработката ќе остане на сила додека не се преиспитаат постојните процедури со цел да се спречи издавање визи на лица кои потенцијално би можеле да станат „јавно оптоварување“, односно да зависат од владини социјални бенефиции по доаѓањето во Соединетите Американски Држави.

На објавениот список се наоѓаат вкупно 75 држави, меѓу кои Авганистан, Албанија, Алжир, Босна и Херцеговина, Бразил, Куба, Египет, Иран, Ирак, Косово, Македонија, Црна Гора, Пакистан, Русија, Сирија, Тунис, Узбекистан и Јемен. Мерката се однесува исклучиво на иселенички визи, додека засега нема официјална потврда дали ќе има промени и кај другите видови визи.

Тагови: визи Доналд Трамп Македонија САД

Дали „Мој ДДВ“ е пред укинување?

УЈП со критична оценка за проектот

Иако во моментов не се најавува укинување на мерката „Мој ДДВ“, директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, јавно посочи дека станува збор за финансиски оптоварувачки проект кој не ја постигнал својата основна цел – намалување на сивата економија.

Според податоците за 2025 година, преку „Мој ДДВ“ на секои три месеци се исплаќаат околу 14,5 милиони евра. Во системот се вклучени околу 502.000 граѓани, а трошокот за оваа мерка изнесува приближно 4 отсто од вкупната годишна наплата на ДДВ – износ кој речиси одговара на половина од еден месечен приход од овој данок.

Мерката беше воведена во 2019 година со намера граѓаните активно да учествуваат во контролата на фискалната дисциплина, преку задолжително барање фискални сметки. Сепак, според Петрова, очекуваните резултати изостанале. Таа истакна дека анализите и достапните податоци јасно укажуваат дека ефектот врз сузбивањето на сивата економија е значително помал од планираното.

Иако засега нема конкретна одлука за укинување на „Мој ДДВ“, директорката на УЈП нагласи дека прашањето за оправданоста на трошоците останува отворено. Според неа, секоја мерка што се финансира со јавни средства мора постојано да се преиспитува, со цел да се утврди дали навистина ги исполнува целите за кои е воведена.

Тагови: исплата Мој ДДВ УЈП