Повеќе од половина година не се одобруваат субвенции за граѓаните кои се заинтересирани за проектите „Купи куќа – купи стан“ и „Купи куќа за млади“.

Проектите заглавија поради изборите од минатата година и фактот дека не е формирана Влада, а од ноември, па досега нема одобрено ниту една апликација за овие проект, пишува Фактор.
„Комисии за апликациите за проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“ не се одржуваат од распишувањето на изборите досега, поради законски одредби во Изборниот законик и Законот за спречување на корупција“, велат за Фактор од Министерството за финансии.
Сепак, оттаму додаваат дека огласите за проектот и натаму се во тек, но неизвесно е кога парите ќе почнат да се одобруваат.
„Објавен е јавен оглас кој важи од почетокот на март годинава до крајот на 2017 година, согласно кој граѓаните можат да аплицираат за проектот во банките кои се влезени во проектот“, велат за Фактор од Mинистерството за финансии.