Трудовиот сектор при Левица денеска со фејбук статус реагираше дека деновиве голем дел од функционерите на власта пласираат лажна вест дека платите во Република Македонија се во пораст и дека стандардот се подобрува, коритејќи ја како „доказ“ просечната плата .

„Деновиве голем дел од функционерите од редовите на оваа власт пласираат лажна вест дека платите во Република Македонија се во пораст и дека стандардот се подобрува, при што како ‘доказ’ ја користат просечната плата.
Имено, просечната плата не ја доловува вистинската слика за платите кои што ги добиваат работниците, туку е само просек од она што го добиваат најсиромашните работници, наспрема приходите на најбогатите. Ова е класична манипулација која што се случува години наназад и овој тренд мора да запре!
Затоа, Левица како работничка партија се залага за воведување на пресметка на СРЕДНА ПЛАТА, со што ќе се стави крај на извртувањето на фактите на пазарот на труд и ќе се прикаже екстремната класна разлика помеѓу граѓаните“, стои во фејсбук статусот на Трудовиот сектор на Левица.
Порталот Работник се обрати до координаторот на Трудовиот сектор на Левица Бобан Кочовски за да дознае повеќе околу нивното барање за воведување на пресметка на „Средна плата“.
Кочовски за порталот Работник рече дека моменталното “зголемување“ на просечната плата кое што триумфалистички е презентирано од вицепремиерот Битиќи поради наводно водење на добри политики од страна на Владата не е ништо друго туку обид за себепромоција и добивање на ефтини политички поени на грбот на народот.
Многу добро знаеме дека голем удел во последниот “пораст“ на просечната плата се отказите кои што беа доделени на десетици илјади работници кои што добиваа ниски плати, со што статистички се подобри вкупниот просек за кој Владата и нејзините апологети толку многу се гордеат, вели Кочовски.
Според него, поради тоа е потребно воведување на пресметка на Средна плата, метод на пресметување на платите кој што е дијаметрално различен од пресметката на просечната плата,со што би се отстраниле сите потенцијални манипулации кои што се вршат од страна на функционерите и државните органи.
Со воведувањето на пресметката на средна плата ќе се добие реалната слика за тоа колку навистина добиваат работниците во Република Македонија, со што ќе се добие правилна насока на делување и подобрување на условите за работниците, за разлика од досегашното создавање на илузија во која што платите “растат“ а условите за работа се “подобруваат“, вели Кочовски.
Тој појасни дека Средната плата во принцип претставува медијаната, односно поради тоа што висината на платите помеѓу работниците не е правилно распределена постои огромна разлика помеѓу најмалата и најголемата плата. Наједноставно кажано, вели тој, доколку би правеле споредба помеѓу 10 плати на работници, од најниската до највисоката, средната плата би била онаа која што ја добива лицето број 5, односно она што е на средината од спектарот на плати.
Целиот текст прочитајте го на Rabotnik.com.mk