Приватните установи за деца и игротеките бараат итна финансиска помош и веднаш да се донесе одлука за рестартирање на нивните бизниси. Тие реагираат откако вчера на владината седница повторно не стана збор за нивно отварање. Според извори од владата, можно е приватните градинки да добијат дозвола за работа од 1 октомври, кога впрочем ќе започне и училишната година, но не се знае што со игротеките.

„Ние би работеле со соодветни протоколи бидејќи работењето по протоколи е побезбедно и многу посигурно и за нас и за нашите посетители, отколку истите такви веселби да се освиваат на места, каде што многу е тешко и просто невозможно да речеме на еден фамилијарен собир да воведеш протокол во домашни услови”, вели Трајко Николовски, претседател на Групацијата на забавни и рекреативни дејности во рамки на Услужната комора при ССК.
„Прашуваме: Зошто надлежните до сега сè уште молчат и не носат никаква одлука? Во интензивни средби и разговори сме и со министерот за здравство, Венко Филипче, кој сè уште тврди дека нема никакви пречки за отварање на оние градинки кои можат и ги исполнуваат протоколите. Притиснати од родителите, кои немаат каде да ги згрижат децата, бидејќи мерките од Владата за родители на деца до 10 години во приватниот сектор не е задолжителна, очекуваме дека новата Влада уште утре ќе даде насока за отварање на приватните градинки или за решавање на нашиот статус во ваквата состојба”, вели Билјана Караманолевска од Асоцијацијата на приватни установи за деца ПОЛЕТ.
И приватните установи за деца и игротеките поради пандемијата беа затворени на почетокот од месец март. Велат дека финансиски веќе не можат да издржат бидејќи речиси шест месеци се со клуч на врата.
„За некој ден доаѓа септември, а ние немаме никаква поддршка ниту за вработените, ниту за останатите режиски трошоци, кои што ги плаќаме секој месец од наш џеб. Се наоѓаме во една апсурдна ситуација, каде што забрането ни е да работиме, а немаме никаква поддршка. Тотално дискриминирани во однос на јавните установи, каде што основачи се општините, а финансирани се со полн буџет од државата”, вели Билјана Караманолевска од Асоцијацијата на приватни установи за деца ПОЛЕТ.
„Доведени сме буквално до економски колапс. Овие правни субјекти замислете 6 месеци се затворени и освен трите плати, за кои сме благодарни, друга помош не сме добиле. Ние сме премногу скромни во нашите барања. Што бараме ние? Значи, човек за да живее треба да прима плата. Без плата не може ни сметки да плати, ни да се прехрани. Пазете, во овие дејности, особено игротеките, претежно се семејни бизниси. Јас викам камо среќа едниот да работеше на друго место полесно ќе беше. Освен вработените од страна, претежно работат маж, жена и потесното семејство”, вели Трајко Николовски, претседател на Групацијата на забавни и рекреативни дејности во рамки на Услужната комора при ССК.
Освен поддршка во делот на платите сè до нивното повторно отварање, бараат мораториум на плаќањето на кредити и комунални сметки, одложено плаќање на данокот по сите основи, но и еднократна финансиска помош за воопшто да можат да стартуваат со работа.